1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Зоран Заев се збогува со Отворен Балкан

ДТЗ
21 декември 2021

Зоран Заев за последен пат стави потпис на договорите меѓу трите земји. Неговото место во рамките на иницијативата во иднина ќе го заземе Димитар Ковачевски.

https://p.dw.com/p/44cbC
Open Balkan Gipfel in Tirana, Albanien
Фотографија: Government of North Macedonia

„Отворен Балкан“ е автентичен, заеднички процес на Северна Македонија, Албанија и Србија, но иницијативата е отворена за сите земји во регионот. Ова е пораката којашто беше испратена од самитот во Тирана, на којшто беа потпишани повеќе мултилатерални и билатерални договори за реализација на основните права за слободно движење на луѓето, производите и капиталот, како дел од зацртаните придобивки за поголема регионална соработка и унапредување на поврзувањето меѓу земјите од Западен Балкан. Потпис на договорите ставија српскиот претседател Александар Вучиќ, албанскиот премиер Еди Рама и македонскот премер Зоран Заев. Ова е последно директно учество на Заев во оваа иницијатива.

„Нашите народи, македонскиот, албанскиот и српскиот народ, како и народите од другите земји од регионот, имаат ист пат. Имаме иста визија и исти вредности, тоа се европските вредности. Одиме заедно напред, поврзани. Драг Еди, драг Александар, Отворен Балкан не само што нѐ зближи како лидери на три соседни земји, туку за мене има и лична вредност, а тоа е огромното пријателство со вас двајцата. Чувајте го и развивајте го Отворен Балкан“, рече Заев.

Идниот премиер, Димитар Ковачевски, во иднина ќе го заземе столчето на Заев во регионалната иницијатива. Следната средба на иницијативата „Отворен Балкан“ ќе биде во февруари 2022 година.

Скршена чаша за среќа

Албанскиот премиер Еди Рама го отвори седмиот состанок во рамки на иницијативата „Отворен Балкан“со повик до Косово, Црна Гора и Босна и Херцеговина да станал дел од оваа иницијатива. Рама за време на својот говор на состанокот на „Отворен Балкан“ несакајќи скрши чаша. Тој му се обрати на комесарот за проширување и добрососедска политика, Оливер Вархеји, со објаснување дека во нивната традиција тоа значи дека „окото на злото доби удар без можност за опоравување - добра вест за Отворен Балкан“. 

Повик до Косово, Црна Гора и БиХ

Еврокомесарот за проширување,Оливер Вархеји, кој се вклучи онлајн на состанокот, порача дека „Отворен Балкан“ е најдобрата порака што регионот може да ја донесе. 

„Отворен Балкан не само што промовира регионална соработка, туку и остварува регионална соработка. Вашата регионална соработка е добра и за ЕУ и Западен Балкан“, рече тој, порачувајќи дека вратите на оваа иницијатива се отворени. 

Open Balkan Gipfel in Tirana, Albanien
Вратите на оваа иницијатива се отворени, порачаа Заев, Рама и ВучиќФотографија: Government of North Macedonia

Во однос на проширувањето на ЕУ, рече дека имало напредок со Србија и Црна Гора на овој план годинава, изразувајќи жалење што не се отворија првите меѓувладини конференции со Северна Македонија и Албанија.

„Ја разбирам фрустрацијата на премиерот Заев, но не заборавајте дека постигнавме напредок во процесот на проширување оваа година. Отворивме кластери со Србија, а со Црна Гора беше одржана втората меѓувладина конференција со новата методологија. Но, не го кријам фактот, како и моето жалење за фактот дека сѐ уште ги немаме првите меѓувладини конференции со Северна Македонија и Албанија, тоа треба да го постигнеме брзо“, рече Вархеји.

Домаќинот Еди Рама оцени дека постои воздржаност кај некои канцелари по прашањето за интеграцијата во ЕУ, како и дека Бугарија и Унгарија се обидуваат да се ослободат од името Балкан. Тој додаде дека иницијативата е отворена за сите шест членови на западната заедница и оти на нив останува да одлучат дали ќе станат дел од неа. „Оние кои сакаат Берлинскиот процес да оди напред, мора да бидат дел од Отворениот Балкан“, додаде тој. 

Запалени знамиња и навреди

И претседателот на Србија, Александар Вучиќ, денеска во Тирана на пленарната седница во рамките на „Отворен Балкан“, изјави дека оваа иницијатива е поголема од секој од нив поединечно и создава основа за „иднината на нашите деца и за подобар економски развој на трите земји“.

„Верувам дека ова е една од најголемите идеи во денешна Европа. Сега сум 100 отсто сигурен дека никој не може да ја спречи оваа иницијатива“, рече Вучиќ. 

Ваква пораки тој испрати тоткако вчера се одржаа протести на улиците во Тирана во знак на протест поради доаѓањето на Вучиќ. Протестот беше организиран од поранешниот албански премиер Сали Бериша, кој истакна дека овој протест е против иницијативата „Отворен Балкан“, кој, според него, настојува да ја врати српската хегемонија на Балканот. На протестот беа запалени српски знамиња, што беше осудено од страна наалбанскиот премиер Еди Рама, кој порача дека треба да им биде срам на сите коишто протестирале на улиците во Тирана.

Договори за продлабочување на соработката

Во делегацијата на состанокот во Тирана се и заменик-министерот за финансии, Димитар Ковачевски и заменик-министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Трајан Димковски. Ковачевски информираше дека договорите потпишани во Тирана се влог во иднината, зајакнување на економската соработка и односите меѓу народите на Балканот.

„Компаниите и граѓаните на земјите од регионот добиваат олеснети услови за движење, работа и трговија по примерот на европските земји. Верувам дека оваа иницијатива ќе се проширува, зацврстува и ќе придонесе кон економски стабилен и развиен Балкан“, рече тој.

Open Balkan Gipfel in Tirana, Albanien
Трите земји на Самитот на иницијативата „Отворен Балкан“ потпишаа пет договориФотографија: Government of North Macedonia

Трите земји на Самитот на иницијативата „Отворен Балкан“ потпишаа договор за условите за слободен пристап до пазарот на трудот на Западен Балкан, за интерконекција за електронска идентификација на граѓаните, за соработка во областа на ветеринарството, безбедноста на храна и фитосанитарната политика, како и договори за признавање на одобренијата за Овластен економски оператор за безбедност и сигурност. Претседателот на Србија, Александар Вучиќ најави дека договорот за единствените работни дозволи меѓу земјите во рамките на иницијативата „Отворен Балкан“ најверојатно ќе почне да се применува од 1 јануари идната година и дека останува да се завршат само некои технички прашања. 

Албанскиот премиер, Еди Рама, рече дека со потпишувањето на договорите  „се отвора нова ера на Балканот“.