Заев кај Меркел по поддршка за името и НАТО
21 февруари 2018Зоран Заев денеска во Берлин ќе ја продолжи „традицијата" на билатерални средби на македонските премиери со германската канцеларка Ангела Меркел на секои шест години. Во својот досегашен, 12-годишен мандат, Меркел на двапати му беше домаќинка на експремиерот Никола Груевски во Канцлерамт (насловна фотографија). Првиот пат, неколку месеци по формирањето на владата на ВМРО-ДПМНЕ во 2006 година, и вториот пат во 2012 година. За разлика од Груевски, кому црвениот тепих пред кабинетот на Меркел му беше „огнено крштевање" во меѓународната политика на новата функција, Заев во претходните осум месеци веќе обиколи повеќе европските престолнини, а во прв план му беа Брисел и соседните земји во регионот.
Денешната средба се случува по иницијатива на Германија, брифираат од македонската влада, и оценуваат дека тоа им дава посебна важност на нивните реформски напори и на напорите за решавање на спорот за името.
Повеќе на темата:
-Ќе ја проба ли Заев супата на Меркел?
-Февруарски поход за името: нацрт-договорот наскоро во Скопје
-Заев: идентитетот не е тема во ниту една точка од преговорите
Зајакнување на односите со најмоќната држава од ЕУ, е една од главните цели цели на посетата, велат во Скопје. Приоритетот е дотолку поважен ако се има предвид драматичниот пад на квалитетот на политичките односи меѓу двете држави од 2015 година наваму. Најпрво поради авторитарното владеење на владата на ВМРО-ДПМНЕ, а понатаму и поради навредите и критиките кои доаѓаа од македонскиот претседател Ѓорге Иванов на сметка на германски дипломати.
Импулс во спорот за името
Дополнително, информациите за вчерашниот телефонски разговор на Меркел со грчкиот премиер Алексис Ципрас во кој станало збор и за спорот за името, разбуди нови очекувања за можен засилен германски ангажман во решавањето на деценискиот спор. Владини извори брифираат дека целта е да се информира клучната држава членка на ЕУ за текот на преговорите и ќе се бараат начини за поддршка на двете страни за изнаоѓање на разумно решение во рамки на преговарачкиот процес.
Германија во изминатите децении секогаш даваше поддршка за решавање на спорот, но преферираше повеќе да биде во улога на набљудувач и, барем официјално, одбиваше да прифати поактивна улога. Единствен пат кога Меркел делумно излезе „од рамката", беше неочекуваната средба со посредникот Метју Нимиц во Берлин во ноември 2013 година. Од неа излезе само штуро соопштение дека канцеларката сакала да се информира за текот на преговорите околу името. Тогашниот советник на Меркел за надворешна политика и актуелен германски амбасадор во ОН, Кристоф Хојзген тогаш коментираше дека средбата на канцеларката со Нимиц е „сигнал до земјите дека оваа тема е високо на агендата".
„Можете да бидете сигурни дека оваа тема е високо на нашиот дневен ред иако можеби не се забележува", рече во 2013 година Хојзген.
Ручек во широк состав
Оттогаш поминаа речиси пет години, а спорот за името и натаму е пречка за Македонија. Од владата во Скопје велат дека очекуваат конкретна поддршка во процесот на остварување на крајната цел во надворешната политика: решавање на долгогодишниот спор, влез во НАТО и почеток на преговори за членство во ЕУ.
На состанокот со Меркел, Заев ќе има поддршка во артикулирањето на македонските барања и од дури тројца свои министри. На ручекот со германската канцеларка ќе присуствуваат и вицепремиерите Радмила Шекеринска и Бујар Османи, како и шефот на дипломатијата Никола Димитров.
Дека официјален Берлин полага големи надежи во владата на Заев, покажува и приемот на македонскиот премиер кај германскиот сојузен претседател Франк-Валтер Штајнмајер. Таквите средби не се дел од вообичаениот дипломатски протокол, но Штајнмајер беше долги години шеф на дипломатијата и имаше редовни контакти со македонските политичари, па веројатно и не е изненадување тоа што сака од прва рака да слушне што се случува во Македонија.
Заев ќе се обиде да и даде нов импулс и на економската соработка меѓу двете земји, која изминативе години веќе бележи нагорна линија, на средба со германската стопанска комора, со која фактички и ќе започне неговата прва официјална посета на Берлин.
Дознајте повеќе за германската канцеларка преку оваа фотогалерија: