1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Заев и Борисов со усогласен став за спорот

ДТЗ
22 март 2021

Бугарскиот премиер објави дека му го честитал реизборот на Заев. Премиерот и лидер на СДСМ, пак, му посакал успех на Борисов на парламентарни избори во Бугарија. 

https://p.dw.com/p/3qx5p
Premierminister Nord-mazedoniens Zoran Zaev und Bulgarische Premierminister Boyko Borisov
Фотографија: Cabinet of the President of North Macedonia

Одлуките што С. Македонија и Бугарија мора да ги преземат во духот на Договорот за добрососедство и пријателство не смеат да се одложуваат - како во името на заедничка историја, така и во името на заедничка европска иднина на двете земји. Ова е заклучокот околу кој постигнале согласност македонскиот премиер Зоран Заев и неговиот бугарски колега Бојко Борисов. Веста за телефонскиот разговор, кој бил остварен изутринава, ја објавија на Фејсбук двајцата премиери. На својот профил на Фејсбук, бугарскиот премиер објави дека му го честитал реизборот на Заев за претседател на партијата. Премиерот и лидер на СДСМ, пак, му посакал успех на Борисов на претстојните парламентарни избори во Бугарија. 

-повеќе на темата: Бучковски: До крајот на годинава ќе најдеме решение со Софија

Но, главната порака којашто ја упатија двајцата премиери, по долгиот период на меѓусебни недоразбирања и тензии околу историските прашања, кои се испречија на патот кон ЕУ, е дека одговорите на прашањата што се отворија меѓу двете земји се содржат во Договорот за добрососедство и пријателство.
„Заеднички споделивме дека поскоро треба да дојдеме до решенијата кои ќе поттикнат унапредување на односите меѓу Северна Македонија и Бугарија и дека во минатото на нашите две земји има основа на која треба да ја градиме нашата заедничка иднина во ЕУ“, објави Заев по телефонскиот разговор. 

-повеќе на темата: Софија не става вето, туку бара гаранции од Скопје

Истиот став го потврди и бугарскиот премиер Бојко Борисов. Тој вели дека му порачал на Заев да не се одложува решавањето на спорот кој го имаат двете земји. „Двајцата се согласивме дека решенијата што мора да ги преземеме во духот на Договорот за добрососедство и пријателство, не треба да се одложуваат, како во името на нашата заедничка историја, така и во името на нашата заедничка европска иднина“, објави Борисов.