1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Софија не става вето, туку бара гаранции од Скопје

8 март 2021

Позицијата на Бугарија беше: или тие гаранции ќе дојдат од Скопје со одредена надградба на постојниот договор, или да дојдат од ЕК, вели поранешниот бугарски претседател, Плевнелиев

https://p.dw.com/p/3qKvM
Bulgarien Präsident Rossen Plevneliev
Фотографија: BGNES

Бугарија не става вето, Бугарија сака гаранции од Република Северна Македонија, вели во ексклузивното интервју за БГНЕС, Росен Плевнелиев, поренешен претседател на Бугарија од 2012-2017 година. Причините за барањето гаранции ги лоцира во фактот што досега не успеале ни двата договора - Декларацијата за добрососедски односи од 1999 година и Договорот за добрососедство од 2017 година. Поради тоа, на Бугарија не и е загарантирано дека Северна Македонија кон неа ќе почне да се однесува како добар сосед.

„Решението е многу едноставно. Бугарија рече: не оспоруваме идентитет, не оспоруваме јазик, не ја оспоруваме вашата државност, но сакаме гаранции дека ќе бидеме добри соседи, бидејќи добрососедството е вредност во ЕУ. Ние сакаме гаранции за владеењето на правото, бидејќи двата договори досега не успеаја. Или тие гаранции ќе дојдат од РС Македонија со одредена надградба на постојниот договор, или тие гаранции може да дојдат од ЕК. Ова беше позицијата на Бугарија. Подготвени сме да дадеме зелено светло за почеток на преговарачкиот процес, но сакаме гаранции. Сфаќаме дека промената во учебниците нема да се случи од денес за утре. И свесни сме дека промената на пристапот нема да се случи веднаш, но сакаме гаранции дека ќе се случи", објаснува Плевнелиев.

Запрашан за оценка на бугарско-македонските односи во март 2021 година, вели дека „тие никогаш не биле лесни во годините на таа толку богата историја, која е заедничка и врз која може да се зачекори на солидна основа и да се надградува".

„За жал, трендот е негативен, перспективата не е добра. Потребна е политичка волја за решавање на проблемите. Тие не се тешки, но тешко се решаваат и треба волја“, смета Плевнелиев.

На забелешката дека македонското општество се соочува со лага дека Бугарија го оспорува неговиот идентитет, Плевнелиев вели дека луѓето треба да филтрираат што е пропаганда, а што вистинска позиција.

„Ние не го оспоруваме правото на РС Македонија да има држава, да има јазик и да ги нарекуваат како што сакаат. Самиот јас како претседател на Бугарија, илјада пати сум рекол: Бугарија не сака повеќе територија. Бугарија сака да паѓаат границите на Балканот, а не да се местат“, потенцира Плевнелиев.

Повеќе на темата:

Румен Радев - заштитник на Бугарите во Северна Македонија

Бучковски: До крајот на годинава ќе најдеме решение со Софија

Нов пристап кон Бугаријa - помалку емоции, повеќе разум

Околу прашањата за историјата, вели дека историјата е таква каква што се случила и не може да биде манипулирана.

„Нема ништо поодвратно од фалсификување на историјата. Роден сум во градот Гоце Делчев, ја знам историјата на Гоце Делчев. И тука, добриот почеток не е да се расправаме и да се бориме за тоа кој е Гоце Делчев. Јасно е кој е. Добар почеток е да не се фалсификува неговата историја, бидејќи тој одамна си ги напишал сите писма, кажал кој е, и за што се борел", дециден е поранешниот бугарски претседател.

Преку споредба на бугарските искуства со примена на европската практика, тој сугерира какви измени се потребни во учебниците по историја.

„Во бугарските учебници од кои учев кога бев ученик, сешто се пишуваше за турското ропство. Кога Бугарија почна да тргнува на патот кон интеграција во ЕУ, седнавме и ги прифативме добрите европски практики. Да, Бугарија била под турско ропство 500 години. Да, тоа било лошо и лошото треба да биде покажано, но и доброто треба да биде покажано: вистината за историјата таква каква што е. Денес во бугарските учебници пишува османлиско владеење, а не турско ропство. Во исто време, во учебниците во Северна Македонија пишува дека Бугарите се фашисти, окупатори и татари. Додека тоа е така, додека недостига политичка волја да го прифатиме европскиот пристап и да работиме за добрососедство, ние ќе сметаме дека ова општество не е подготвено и не сака да биде подготвено да ги прифати европските вредности. Затоа, на Бугарија ќе и биде се потешко да се согласи да даде зелено светло“, вели Плевнелиев.

Тој смета дека Северна Македонија не треба да ја повтори грешката со Грција.

„Пред 25 години, властите во Македонија имаа избор или да започнат да работат и да ги решат проблемите што постоеја меѓу Скопје и Атина, или да се спротивстават на Грција. Лидерите на РС Македонија избраа да се конфронтираат со Грција. Следуваше целосен застој 20 години. Јас тврдам дека ако Грција и РС Македонија се договореа за нешто што се случи 20 години подоцна - Договорот од Преспа, денес РС ќе беше членка на ЕУ како Хрватска. Изгубени се 20 години во јалов спор со земја-членка на ЕУ и НАТО околу нешто што е очигледно историска манипулација. Да веруваме дека Александар Велики е роден во Скопје. На ист начин, денес историска мисија на лидерите во Скопје е да разберат дека се соочуваат со ист избор: да се конфронтираат со Бугарија или да работат со неа. Ако започнат конфронтација, ќе поминат повторно 20 години, бидејќи Бугарија нема да биде импресионирана од тоа. Да избереме соработка, да не изгубиме една година, две или три. Решението е можно сега и веднаш. Тоа не зависи од избори, тоа не зависи од ништо друго освен да се вооружиме со европскиот пристап“, порачува Плевнелиев.

Bildkombo Flaggen | Mazedonien und Bulgarien
Фотографија: Uwe Scholz/teamwork/imago images

НАТО е геополитика, ЕУ - вредности! 

Плевнелиев во 2018 година беше избран за член на престижната Охридска група, предводена од сер Џорџ Робертсон, поранешен генерален секретар на НАТО, со цел да ја поддржат земјата на нејзиниот пат кон НАТО и ЕУ. Меѓу членовите на Охридската група се поранешниот шведски премиер и министер за надворешни работи, Карл Билд, поранешниот генерален секретар на НАТО Хавиер Солана, претседателот на минхенската безбедносна конференција,  Волфганг Ишингер и други.

Повеќе на темата:

Пардју за ДВ: Заврши времето на малтретирање на С. Македонија

„Еуроактив“: Бугарија ја менува тактиката кон С.Македонија 

Формула за „фашистичкото минато“ во спорот со Бугарија

Плевнелиев ги објаснува неговите заложби во истата насока и додека бил претседател на Бугарија. Но, како голема пречка го опишува режимот на Никола Груевски, оценувајќи дека тој бил „фундаментално антиевропски, проруски и просрпски, брутално застанат на геополитичка страна на барикадата на Балканот, претставена од Русија и Србија".

„За време на десетте години кога владееше Груевски, имаше огромен застој во РС Македонија. Може да се објасни многу лесно, бидејќи самото општество, самиот премиер, не беа подготвени да демонстрираат, веруваат и да исповедаат европски вредности и европски пристап. Јас се спротивставив на овој режим и мило ми е што денес РС Македонија има прогресивен лидер како Зоран Заев. Среќен сум и горд што сум член на Охридската група, која си постави цел да и помогне на РС Македонија да влезе во НАТО и ЕУ. Постигнавме една од целите - членство во НАТО. Горди сме на тоа и вложивме многу труд. Сега поважната работа е пред нас. Но, дозволете ми да ја кажам големата разлика за да им биде јасна на сите. Членството во НАТО е геополитика и затоа Бугарија рече „да“. ЕУ е нешто сосема друго - вредности“, потенцира поранешниот бугарски претседател.

Објаснувајќи дека без европски пристап не може да гради добрососедство, потсетува какви биле некогаш односите на Бугарија со соседите, а какви се денес.

„Луѓето треба да знаат дека членството во ЕУ има цена. Ако не сме подготвени да ја платиме оваа цена, нема како да се случи тоа членство. Да кажам за Бугарија. Односите меѓу Бугарија и Грција беа драматично лоши. Кога служев во комунистичката армија, ми рекоа дека Грција е нашиот најголем непријател и јас треба да пукам во нив. Односите меѓу Бугарија и Турција беа драматично лоши. Се сеќавате дека Бугарија протера над 300.000 бугарски граѓани со турски етнички идентитет и муслимани. Каде сме денес? Бугарија се вооружи со европски вредности, со европски пристап и тие даваат резултати. Со Грција сме први пријатели, со Турција сме прекрасни пријатели. Односите меѓу Бугарија и Романија никогаш не биле подобри од денешните, исто меѓу Бугарија и сите други членки на ЕУ. Ние сакаме да биде исто со РС Македонија, но за да се случи тоа, тие треба да го променат својот пристап“, вели Плевнелиев.

Според него, Бугарија платила многу висока цена за да влезе во ЕУ.

„Затворивме четири нуклеарни блока на АЕЦ  „Козлодуј“, кои нѐ чинеа 10 милијарди долари, за да ги поправиме односите со Австрија, која го побара тоа. Решивме територијален спор со Турција на реката Резовска, имавме огромен проблем со Грција околу управувањето со водите на реките Струма и Места. Бугарија реши исклучително тешки проблеми, затоа што се вооружа со политичка волја дека треба ги реши со цел да го расчисти својот пат кон членството во ЕУ. Ако лидерите во Скопје не се подготвени да платат и минималната цена, не се подготвени да направат најмала реформа, тие не се подготвени и ќе мора да почекаме уште малку за да се вооружат со вистинскиот пристап. Ако го прифатиме овој пристап сега и веднаш, ќе има зелено светло за еден месец или два, но потребни ни се гаранции за европски пристап. Тоа е решението“, порачува поранешниот бугарски претседател.