1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Заев за ДВ: Нека бидат горди сите Грци и сите Македонци

25 јануари 2019

Договорот од Преспа е нашиот заеднички пат кој е поплочен со најпријателски намери и со вредности кои произлегуваат од заедничкото европско семејство, изјави Заев.

https://p.dw.com/p/3CBei
Mazedonien Skopje - Pressekonferenz: Premierminister Zoran Zaev
Фотографија: Mazedonien Regierung

Ова е ден за честитање, ден на пријателствата, изјави за Дојче веле македонскиот премиер Зоран Заев, кој веста за ратификацијата на Договорот од Преспа во грчкиот парламент ја дочека на заминување од Давос.

„Нашите народи и држави стигнаа до заедничка победа со која на Балканот и на Европа им дадовме мир и прогрес. Нека бидат горди сите Грци, сите Македонци и сите граѓани кои живеат на овие простори, бидејќи иднината нема веќе да ја гледаме како фатална судбина. Договорот од Преспа е нашиот заеднички пат кој е поплочен со најпријателски намери и со вредности кои произлегуваат од заедничкото европско семејство“, ни изјави премиерот.

Повеќе:

-Димитров: Од историско помирување до стратешко партнерство

-Грчкиот парламент даде зелено светло за Преспанскиот договор

Точно пред една година, на 24 јануари 2018 година, тој и неговиот грчки колега за прват се сретнаа тет-а-тет токму во Давос, на маргините на Светскиот економски форум. Заев ја извади неговата вратоврска на првата средба со грчкиот колега Ципрас, кој е познат по тоа што не носи вратоврски. Како што објасни македонскиот премиер, тогаш во шега му рекол на Ципрас дека „Македонија веќе го направила првиот чекор, сега на ред е Грција“.

Reportage Mazedonisches Referendum
Фотографија: DW/D. Tosidis

Тоа беше нивна прва директна средба по смената на власта во Македонија и по обновување на преговорите за решавање на спорот со името. Неколку месеци подоцна, на 17-ти јуни 2018 година во селото Псаридес (Нивици) на грчката страна од Преспа, беше потпишан Договорот со кој беше ставен крај на спорот за името.

Токму со објавување на фотографија од тој чин, денеска премиерот Заев на Твитер му честиташе на Ципрас за ратификацијата на Договорот во грчкиот парламент.

„Честито мој пријателе, заедно со нашите народи испишавме историска победа. Нека е вечен Договорот од Преспа, нека се вечни мирот и прогресот на Балканот и во Европа“, напиша Заев.