1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Животот на Глигоров - историја на Македонија

3 јануари 2012

Македонија се прости од својот прв претседател, Киро Глигоров. По повод смртта на првиот македонски претседател комеморативни седници одржаа Собранието на Република Македонија и СДСМ.

https://p.dw.com/p/13dFX
Киро ГлигоровФотографија: dpa

„Беше најголемиот политичар што Македонија го имаше. Во минатиот век го имавме Гоце Делчев, а до сега го имавме Глигоров“, истакна еден од присутните по комеморацијата во седиштето на СДСМ.

Партијата, од која ја доби членската карта со бројот 1, денеска отвори книга на жалост по повод смртта на Глигоров.

„Животот на Киро Глигоров беше како историјата на Република Македонија. Беше собеседник и соборец со Шатев, Брашнаров,Ченто, беше дел од темелот наречен Прво заседание на АСНОМ, а беше и главниот актер во осамостојувањето на Република Македонија, во 1991 година и подоцнежните години“, истакна претседателот на Македонија Ѓорге Иванов на комеморативната седница во македонскиот парламент.

Kiro Gligorov
Глигоров во 1991Фотографија: Dnevnik

Најзначајниот актер на незвисна Македонија

Иванов посебно ја потенцираше огромната улога на првиот македонски претседател во осамостојувањето на Македонија и подоцнежното етаблирање на меѓународната сцена и покрај бројните блокади, изолирање и непризнавање на самобитноста и незвисноста.

„Доживеа да ја види Македонија меѓународно признаена и стабилна држава“, додаде Иванов и потсети дека Глигоров беше првиот македонски претседател кој се обрати во Обединетите нации и тоа на македонски јазик и кој кажа за 130 години долгиот сон на македонскиот народ за своја држава. Беше мудар и умешен политичар кој успеа Македонија да ја однесе до независност и да ја раздружи од дотогашната држава без испукан куршум и крвопролевање, затоа што со неговата мудра политика ги врати сите македонски војници од ЈНА дома и од Македонија ја испрати целата ЈНА без судири и крв. Подоцна се виде дека таа негова политика го спречила тајниот договор Самарас-Милошевиќ за поделба на Македонија“, објасни Иванов, кој на крајот на семејството на починатиот претседател му порача да бидат горди на него како што македонскиот народ е горд на неговото дело и затоа што тој знае да ги слави заслужните.

Neues aus Mazedonien 2011
Претседателот Ѓорге ИвановФотографија: DW

И претседателот на СДСМ Бранко Црвенковски, на крајот од комеморативната седница во седиштето на партијата, изјави дека се надева дека Македонија ќе знае да го вреднува делото на Киро Глигоров, политичарот од кој учел и тој и многу други македонски политичари.

Демократ и визионер

Пред сопартијците, пријателите и граѓаните Црвенковски истакна дека Киро Глигоров е жива историја на Македонија кој ги обедини двата столба на сувереноста и државноста: АСНОМ и 8-ми септември.

„Во 20 години, колку што соработувавме и пријателувавме имавме многу добри, но и лоши моменти“, се потсети Црвенковски кој со пиетет истакна дека Глигоров беше мудар политичар кој знаеше да сослуша, кој не наредуваше, туку убедуваше.

Mazedonischer Präsident Branko Crvenkovski
Претседателот на СДСМ Бранко ЦрвенковскиФотографија: Macedonian Information Agency

„Тој беше демократ и визионер, уште во 90-те години го напаѓаа дека е југоносталгичар заради референдумското прашање, дека го продаде името со компромисот со кој што земјата влезе во ОН, иако сега токму тие што го напаѓаа бараат референцата да биде влезот во НАТО. Го напаѓа дека не е храбар зашто дозволи ЈНА да ги однесе тенковите од Македонија, а на сите тие напади тој мирно одговараше дека нема цена што може да замени еден човечки живот“.

Уште во 90-те години кога во околните земји се војуваше тој зборуваше за ЕУ и НАТО, нагласи Црвенковски: „Беше голем, па мораа дури и атентат да му направат за да ја турнат Македонија на колена“.

Потсетувајќи се на бројните моменти кога биле заедно, Црвенковски ја спомена прославата на 90-тиот роденден кога: „Киро ме праша-зошто толку ме напаѓаат, зарем толку многу грешев? Ме изненади и затекна со прашањето, му одговорив-Ве напаѓаат зашто сте жив, зашто великаните и хероите на Балканот ги слават дури откако ќе умрат. Ми одговори-ајде да видиме. И јас велам-ајде да видиме дали Македонија ќе знае да го цени и вреднува неговиот придонес“, истакна Црвенковски.

Begräbnis des Ex Präsidenten Mazedoniens, Kiro Gligorov in Skopje
Погребот на Киро ГлигоровФотографија: Petr Stojanovski

Првиот претседател на независна Македонија, Киро Глигоров денеска беше погребан во Алејата на Великаните на гробиштата во Скопје. На погребот, кој се одржа без државни почести, согласно тестаментот на Глигоров, присуствуваа само членовите на семејството и блиските пријатели.

Автор: Сашко Димевски

Редактор: Александра Трајковска

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема