Великаните ги слават дури по смртта
3 јануари 2012На комеморативната седница што претпладнево се одржа во седиштето на партијата пред сопартијците, пријателите и граѓаните за огромното дело на Киро Глигоров зборуваше лидерот на СДСМ, Бранко Црвенковски, кој истакна дека Киро Глигоров е жива историја на Македонија кој ги обедини двата столба на сувереноста и државноста, АСНОМ и 8-ми септември.
„Во 20 години, колку што соработувавме и пријателувавме имавме многу добри но и лоши моменти“, се потсети Црвенковски кој со пиетет истакна дека Глигоров беше мудар политичар кој знаеше да сослуша, не да наредува, туку да убедува.
„Тој беше демократ и визионер, уште во 90-те години го напаѓаа дека е југоносталгичар заради референдумското прашање, дека го продаде името со компромисот со кој што земјата влезе во ОН, дека не е храбар зашто дозволи ЈНА да ги однесе тенковите од Македонија. Тој на сите напади мирно одговараше дека нема цена што може да замени еден човечки живот“.
Уште во 90-те години кога во околните земји се војуваше тој зборуваше за ЕУ и НАТО, нагласи Црвенковски: „Беше голем, па мораа дури и атентат да му направат за да ја турнат Македонија на колена“.
Потсетувајќи се на бројните моменти кога биле заедно, Црвенковски ја спомена прославата на 90-тиот роденден кога: „Киро ме праша-зошто толку ме напаѓаат, зарем толку многу грешев? Ме изненади и затекна со прашањето, му одговорив-Ве напаѓаат зашто сте жив, зашто великаните и хероите на Балканот ги слават дури откако ќе умрат. Ми одговори-ајде да видиме. И јас велам-ајде да видиме дали Македонија ќе знае да го цени и вреднува неговиот придонес“, истакна Црвенковски.
По комеморацијата во СДСМ се отвори книга на жалост за починатиот Глигоров.
Автор: Сашко Димевски
Редактор: Александра Трајковска