1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕУ усвои итен план за штедење на гас, само Унгарија е против

ЖА / агенции
26 јули 2022

ЕУ договори итен план за намалување на потрошувачката на гас, во кој се содржани и бројни исклучоци. Со него се редуцираат ризиците доколку дојде до целосно запирање на руската испорака на гас за Европа.

https://p.dw.com/p/4EfIt
Symbolbild Gas
Фотографија: Janek Skarzynski/AFP/Getty Images

Членките на ЕУ договорија итен план за намалување на потрошувачката на гас, соопшти чешкото претседателство со Европскиот совет на Твитер. Согласноста е постигната на вонредниот состанок на надлежните министри за енергетика денеска во Брисел (26.07.). Целта на планот во прв ред е намалување на ризиците настанати во случај на евентуален  целосен прекин на испораката на руски гас.

Итниот план,  според претходниот предлог на Европската комисија, предвидува доброволно смалување на потрошувачката во периодот од 1 август 2022 до 31 март 2023 година за 15 проценти. Освен тоа, се отвора простор за можност од прогласување аларм во целата Европска унија и одредување задолжително штедење во случај на масивни пречки во снабдувањето со гас.

Свен Гиголд од Партијата на зелените, државен секретар во германското Министерство за економија и заштита на климата, на Твитер коментираше: „Огромно мнозинство, само Унгарија беше против“. Гиголд одлуката на министрите ја смета за беспримерен чекор: „Државите членки, кои воопшто не увезуваат руски гас, демонстрираат солидарност и се обврзуваат на одрекување од потрошувачката. Вакво нешто никогаш немало.“

Одлука на Европскиот совет

Во споредба со првичниот нацрт на Европската комисија, овој план предвидува многу повеќе исклучоци и препреки за воведување задолжително штедење. На пример, одлуката за тоа може да ја донесе само Европскиот совет, составен од претседателите на држави или влади на сите членки, а не Европската комисија.

Поинаку кажано, одлуката за тоа колку гас мора да заштеди секоја држава членка ќе биде донесувана со мнозинство од најмалку 15 од вкупно 27 членки. Освен тоа, мнозинството треба да опфаќа и минимум 65 проценти од вкупниот број жители во ЕУ. Претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен сепак е задоволна: „ЕУ денеска презеде решавачки чекор во пресретнувањето на целосен прекин на снабдувањето со гас  од страна на Путин“,  изјави таа. 

EU-Sondertreffen der Energieminister in Brüssel
Германскиот министер Роберт Хабек со Тереза Робера Родригез, министерка за екологија од Шпанија, холандскиот министер за клима Роб Јетен и чешкиот министер за индустрија и трговија, Јозеф СикелаФотографија: picture alliance/dpa/AP

Бројни исклучоци и препреки

Исклучоци на пример може да се предвидат за земји како Кипар, Малта и Ирска. Обврзувачкото штедење за нив не би важело сѐ додека не бидат директно поврзани со гасоводната мрежа на некоја членка од ЕУ. А кај други држави количината на гас кои се обврзани да ја заштедат би зависела на пример од напорите во складирање плин, евентуалната заканувачка криза во снабдување до струја или од потрошувачката на гас како суровина, како кај производството на вештачки ѓубрива.

Надлежниот чешки министер, Јозеф Сикела, чија земја моментно го има ротирачкото претседавачко место со Унијата, на маргините на денешниот состанок го правдаше високиот број на исклучоци: „Различни држави се во различни позиции“. Тој појасни: некои земји не се приклучени на гасоводните мрежи, а на некои им е потребно подолго време за полнење на резервоарите со гас за следната зима.

Германскиот министер за економија Роберт Хабек во согласноста за европски итен план за штедење на гас гледа „силен знак против сите подбивачи и презирачи на ЕУ“. Претходно во извештаите доминираше скепса околу постигнувањето согласност и наратив за раскарана и поделена Европа, истакна Хабек, а сега се покажа дека многу земји се спремни да отидат и половина чекор подалеку од она што всушност го диктираат само националните интереси. 

Ден пред денешниот министерски состанок, рускиот концерн Газпром најави  двојно намалување на количините на гас  кои ги испорачува преку гасоводот Северен тек 1 за Европа.