Како изгледа СОС-планот на ЕУ за снабдување со гас?
18 јули 2022Кои правила важат во ЕУ ако има недостаток на гас?
Ако Русија по завршување на редовниот ремонт на гасоводот Северен Тек 1 не продолжи со испорака на гас, тогаш во ЕУ стапува во сила Европската регулатива за безбедност и снабдување со гас од 2017 година, или скратено „СОС регулатива“ (Security Of Supply). Според овој СОС-систем, сите ЕУ земји мора да имаат планови за кризни ситуации и систем на предупредување во три фази. Проблемот е во тоа што не сите влади си ја завршија оваа домашна задача.
Земјите членки на ЕУ се поделени во регионални групи кои заедно сносат ризици. Во едната група, на пример, се балтичките земји и Финска, кои досега беа речиси целосно зависни од рускиот гас и кои делумно веќе најдоа алтернативи.
Во друга група се Португалија, Шпанија и Франција кои купуваат само мало количество руски гас и нема да бидат директно погодени во случај на целосен прекин на испораката.
Во случај на криза, земјите-членки би биле обврзани да си помагаат „солидарно“, односно меѓусебно да се снабдуваат со гас и да разменуваат информации.
Освен тоа, членките на ЕУ до почетокот на грејната сезона треба и да ги наполнат своите резервоари за гас најмалку до ниво од 80% од вкупниот капацитет. Проблемот што го гледаат многу експерти и политичари е дека во случај на запирање на гасот од најголемиот доставувач - Русија - ќе биде многу тешко да се пополнат резрвите и се отежнува меѓусебното снабдување.
Каква улога игра Германија на пазарот на гас во ЕУ?
Германија е најголемиот купувач на руски гас во Европа и важна транзитна земја за гасот кој се транспортира преку Северен тек и другите гасоводи.
Но, што би се случило ако Германија престане да добива руски гас? Дали и тогаш ќе мора да го пропушта гасот од, на пример, Норвешка или Холандија во другите ЕУ-земји, иако и самата е погодена од недостиг на гас?
Министерот за економија Роберт Хабек во моментов преговара за договори за солидарност со соседните земји за снабдување во такви итни случаи. „Ќе мораме да ги разгледаме сите можни сценарија и што точно ќе се случи во која ситуација, т.е. кога треба официјално да се објави прекин на снабдувањето со гас, во кои земји, со кои чекори, за да знаеме точно што се случува“, рече Хабек при неодамнешната посета на чешкиот министер за индустрија и трговија Јозеф Сикела.
Според Хабек, недостигот мора да се менаџира заеднички за да не бидат непотребно погодени поединечните држави. Чешка, на пример, го добива својот природен гас речиси исклучиво преку цевководи од Германија. Полска се снабдува со гас и од Северен тек 1 преку Германија, а пак Швајцарија е целосно зависна од испораките на гас од Германија.
Ќе проработи ли „солидарноста“ при испораките на гас во ЕУ?
СОС-уредбата на ЕУ предвидува гасот да се нуди само на земјите кои самите прогласиле вонредна состојба и направиле сѐ во нивна моќ за да ја намалат потрошувачката. Купувањето и продажбата на гас треба да продолжи да се регулира преку делумно приватни, делумно државни добавувачи на гас, што е сложен процес во време на криза. ЕУ досега ги отфрли како контрапродуктивни ограничувањата на цените предложени од Италија.
Бугарија, која Гаспром ја бојкотира, сепак го пропушта рускиот гас до Србија и Унгарија преку гасоводот Турски тек.
- повеќе: Што ќе се случи ако Путин дефинитивно го запре гасот?
Ќе може ли тоа така да продолжи и во случај на криза?
Унгарија прогласи вонредна состојба и забрани секаков извоз на енергија, што значи дека повеќе не се придржува до принципот на солидарност.
Георг Цахман, експерт за енергија во тинк-тенкот Бругел во Брисел, не мисли дека ова е мудар потег од страна на Унгарија. „За земја без пристаниште, со потрошувачка од 10 милијарди кубни метри и простор за складирање од само 3 милијарди кубни метри, не сум сигурен дали тоа е паметна одлука“, напиша Цахман на Твитер.
Европската комисија долго време од земјите-членки бараше да склучат меѓусебни договори за солидарни набавки, бидејќи Брисел нема на сила централен контролен механизам за квотите или нешто слично. Досега Германија има потпишано три договори: еден со Данска, еден со Австрија и еден со Чешка. Дополнително, има договори меѓу Литванија и Летонија, Естонија и Летонија, Финска и Естонија и Италија и Словенија.
Во однос на добавувачите на гас, друга сложена работа е сопственоста, која често ги преминува границите на домашниот пазар на Европската унија. Финска, на пример, има удел во најголемиот снабдувач на гас во Германија, Унипер. Прашањето, според тоа, е која влада би помогнала доколку приватните компании наидат на финансиски потешкотии.
Главниот проблем не може едноставно да се реши преку координација меѓу земјите-членки, ниту со плановите поднесени од Европската комисија, вели европратеникот Маркус Фербер: едноставно нема доволно гас на располагање. „Нема да ја пребродиме зимата“, оценува Фербер.
- повеќе: Паниката поради гасот го радува само еден човек - Путин
Што преземаат државите од ЕУ за да ја спречат кризата со гас?
Барањето алтернативи се одвива под голем притисок. Балтичките држави и Германија повеќе играат на карта на течен гас од Блиски Исток или САД, што делумно ќе се дистрибуира преку пловни терминали кои допрва треба да се изградат. Италија набавува гас од Алжир и Азербејџан. Дополнителни количества гас се купуваат од Норвешка, Обединетото кралство, Алжир и Холандија по цени кои продолжуваат да растат.
Сето тоа, според проценка на ЕК, сепак нема да биде доволно за да се покрие краткорочно недостигот од руски гас. Затоа Брисел предупредува дека треба да се штеди и бара ограничување на потрошувачката на гас во одредени јавни институции. Германскиот министер за економија Роберт Хабек од неодамна се изјаснува за тоа во екстремни ситуации да не се дава по секоја цена предност на приватните домаќинства во однос на индустријата.
- повеќе: Ќе ја врати ли Путин Германија на атомската енергија?
Дали ќе се променат правилата на ЕУ?
ЕК неделава ќе го претстави кризниот план. Во него се предвидува производството на струја во гасна електрана да има предност пред приватните домаќинства, кои тој енергенс го користат за греење и готвење. Индустријата која користи гас засега би требало да има помал приоритет.
Правилата на ЕУ, се вели од Министерството за економија во Берлин, мора да бидат променети бидејќи се пишувани за краткорочен прекин во поединечни држави, а не за недостиг во комплетни региони. ЕК, освен тоа, сака да пропише дека објекти на јавни институции и работни места може да се греат само до 19 степени Целзиусови. Усвоена е платформа за заедничка набавка на гас за повеќе држави, но таа сѐ уште не функционира.
ЕК во итниот план поаѓа од тоа дека со заштеда на енергија од домаќинствата и компании може да биде компензирана третина од недостигот на гас предизвикан од Русија. Што е со другите две третини? Министрите за енергетика на ЕУ ќе се советуваат околу тоа на посебна седница.