1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Морков и стап во бегалската политика

Барбара Везел/Ж.А.8 јуни 2016

Европската комисија сака да го запре напливот бегалци од Африка. Притисоци и разни видови помош би требало да ги натераат африканските земји на затворање на нивните граници и прифаќање назад на мигранти вратени од ЕУ.

https://p.dw.com/p/1J2YT
Фотографија: picture-alliance/AA/M. Yalcin

„Мораме да почнеме од некаде“, изјави ЕУ-претставничката за надворешна политика Федерика Могерини во Европскиот парламент. „Со нашите предлози нема да ги доведеме работите на свое место, но не постои друг пат за африканските општества да се променат, освен да се соработува со нив.“

Управување со миграцијата

Зад оваа реклама за новата форма на соработка меѓу Европа, блискоисточните и африканските земји во бегалската политика се крие чиста политичка потреба: „Во Либија денес се наоѓаат повеќе десетици илјади луѓе кои бараат начин како да стигнат во Европа“, се наведува во еден документ на ЕК. Во Брисел знаат дека членките на ЕУ и натаму се поделени и дека во Европа речиси и не постои подготвеност за прифаќање на бегалците. Во меѓувреме се зголемува бројот мигранти, а главно станува збор за африкански бегалци кои тргнуваат на опасно патување преку Средоземното Море , првенствено кон Италија.

Поради тоа, ЕУ има намера за потпишување спогодба за соработка со Јордан, Либија, Тунис, Нигерија, Сенегал, Мали, Нигер, Етиопија и Либија. Земјите кои се подготвени подобро да ги обезбедат своите граници, да ги прифатат назад илегалните мигранти кои ќе бидат присилно вратени од Европа и евентуално прифатат подигање бегалски центри, би требало да бидат наградени: Европа за возврат им ветува поголема развојна помош и подобри трговски услови.

Genf EU-Außenbeauftragte Federica Mogherini zu Syrien-Krieg
Федерика МогериниФотографија: picture-alliance/Zuma Press/X. Jinquan

За оваа цел ќе се користат постоечките ресурси за развојна помош и политика кон бегалците во Африка. Висината на исплатите кон африканските земји би зависела од тоа колкав број на свои државјани, вратени од Европа поради неисполнување услови за престој во ЕУ, тие би прифатиле назад. Тоа би требало да биде поврзано и со инвестицискиот план за поддршка на економскиот развој во засегнатите земји. Европската комисија се надева обемот на средствата да биде до 60 милијарди евра, ако биде вклучен и приватниот сектор и Европската инвестициска банка како гарант за инвестициите. „На африканските земји им е потребна инфраструктура, а ние го поддржуваме нивниот стопански раст“, изјави Могерини. Сите вклучени би имале корист, а за секоја земја би бил изработен и посебен пакет.

Конзервативците во ЕП ги фалат плановите на ЕК

Првите чекори во оваа насока се направени уште на самитот ЕУ- Африка, одржан во Малта есеноска. Меѓутоа, по тогашните големи ветувања речиси не следеа дела. Почна со пари: „ЕУ обезбеди веќе 1,8 милијарди евра за Африканскиот фонд, додека земјите членки обезбедија само 80 милиони евра“, се жали Манфред Вебер, претседател на пратеничката група на Конзервативците во Европскиот парламент.

Со оглед на тоа, тој воопшто не гледа проблем во поврзувањето на развојната соработка и доброто однесување во политиката кон бегалците. „Исправно е наградување на земјите кои повторно ќе ги прифатат своите државјани, а другите да се казнат“, смета Вебер и додава: „Потребни ни е координирана политика и тесно трговско партнерство со Африка.“

Brüssel EU Kommission Aufhebung Visumspflicht für türkische Staatsbürger Frans Timmermans
Франс ТимермансФотографија: Reuters/F. Lenoir

Критики од Левичарите и Либералите

„Копирањето на договорот со Турција и префрлување на нашите проблеми врз други не е пат кој води нанапред“, вели шефот на Либералите во Европскиот парламент. „Ние вам ви даваме пари, а ние нам нема да ни праќате бегалци“ - тоа нема да функционира, вели Ги Ферхофштат кој се залага за поголема соработка меѓу ЕУ и Африка: „Во татковините на тие луѓе и транзитните земји мора да се засили стопанскиот развој што ќе им даде перспектива на луѓето и така ќе го поттикне демократскиот развој.“

Многу поостри критики на предлогот на ЕК изнесува Ска Келер од Зелените:

ЕУ на ваков начин се откажува од сите вредности во надворешната политика. Не станува збор само за одбивање на бегалците. Мора и да се запрашаме: со кои влади всушност преговараме?“ Таа ја критикува планираната „соработка со диктатури“, при што во ниеден документ не се споменуваат случаите на Јужен Судан и Еритреја.

„Мораме бегалците да ги вратиме назад и да им помогнеме во своите земји да добијат шанса за нормален живот“, вели еврокомесарот Франс Тимерманс, кој го издејствува договорот со Турција. Но, тој може да се соочи со тешки преговори со долга низа африкански земји.