Османи: Продолжуваат разговорите со Бугарија
21 септември 2021Разговорите меѓу Северна Македонија и Бугарија за надминување на разликите и деблокада на македонската евроинтеграција продолжуваат и покрај тоа што се уште нема политичка влада во Софија. Шефот на дипломатијата, Бујар Османи вели дека не треба да има прекин на разговорите коишто се водат изминатиов период, за да не се остави поголем јаз во комуникацијата. Изјавата доаѓа во исто време кога еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеји пристигна во посета на Бугарија на средби со претседателот на Бугарија, Румен Радев и министерот за надворешни работи, Светлан Стоев.
Разговори со посредници
Османи потврдува дека „продолжуваат и напорите на ЕУ, па и на комесарот Вархеји, но и на земјите членки, пред се, на словенечкото претседателство кое има на некој начин и обврска да биде посредник во надминување на ова прашање“. На прашањето дали по посетата на Вархеји во Софија се очекува притисок и кон земјава за изнаоѓање решение, Османи вели дека такви средби ќе има и во наредниот период, и со С. Македонија и со Бугарија.
„Ние ќе продолжиме да работиме за изнаоѓање на решение. Сметаме дека е важно што побрзо да се затвори прашањето“, рече Османи на прес-конференција во седиштето на ДУИ во Скопје. Како основа на разговорите останува предлогот даден за време на германското претседателство, кој е сличен со тој на португалското, а што сега го презеде Словенија како актуелен претседавач со Унијата.
Бугарското вето е една од темите на коишто се разговарашe денеска на средбите на Вархеји во Бугарија. Тој на Твитер објави фотографии од средбата со министерот за надворешни работи Светлан Стоев, наведувајќи дека разговарале за проширувањето на ЕУ и за тоа како да се унапреди, но и за интересот на Унијата за Западен Балкан. Посетата на Вархеји на Софија се случува откако во мај годинава заедно со шефот на португалската дипломатија го претставија предлогот за деблокирање на ветото на Бугарија за земјата.
Бугарија бара гаранции
„Бугарија останува доследна на својата позиција во однос на европската интеграција на С. Македонија, истата се темели на Декларацијата изгласана во бугарскиот парламент на 10 октомври 2019 година и Рамковната позиција на бугарската Влада донесена на 9 октомври истата година“, изјавил првиот бугарски дипломат Светлан Стоев пред еврокомесарот за проширување на ЕУ Оливер Вархеји, јавува бугарската информативна агенција БГНЕС.
Стоев истакнал дека Бугарија бара конкретни активности и гаранции за трајно и неповратно спроведување на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка од август 2017 година. Тој ја потврдил принципната поддршка за европската интеграција на С. Македонија и земјите од Западен Балкан.
„Очекуваме Северна Македонија да покаже политичка волја за надминување на проблемите. Бугарија од своја страна останува активно ангажирана во барањето на можности за решавање на отворените прашања“, вели Стоев.
Вашингтон го зголемува притисокот
Во меѓувреме и САД го зголемува притисокот во Софија околу интеграцијата на Северна Македонија. Еуроактив објави текст во кој се наведува дека Вашингтон врши поголем притисок врз Бугарија, барајќи од неа да се откаже од ветото за интеграција на Северна Македонија во ЕУ и брзо да ја одобри преговарачката рамка на Скопје за членство во ЕУ.
„Погрешно е Бугарија да користи билатерален спор за да ги запре аспирациите на Северна Македонија кон ЕУ. Тие го претвораат во мултилатерално прашање што влијае засега сите нас “, е пораката којашто ја испрати новиот специјален пратеник на САД за Западен Балкан, Габриел Ескобар. Според него, дадени се некои „добри решенија“ за решавање на прашањето и Вашингтон ќе продолжи да ја притиска Софија да најде компромис.
-повеќе на темата: По Лисабон, македонските надежи свртени кон Љубљана
Ескобар, исто така, во интервју вели дека би сакал да види пристапни преговори за Северна Македонија и Албанија оваа година, додавајќи дека двете земји го заслужија тоа. Според Еуроактив, Вашингтон ја поддржува интеграцијата во ЕУ на Западен Балкан како начин за спречување на зголеменото влијание на Кина и Русија во регионот.
Кон крајот на месецов, поточно на 28 септември, во Северна Македонија се очекува да допатува и претседателката на ЕК, Урсула Фон Дер Лајен, во рамките на нејзината балканска турнеја. Ваквата посета, според Османи, охрабрување по однос на перспективата на регионот за членство во ЕУ.