Опасноста од ескалирање на „македонското прашање“
25 август 2017„Македонија се редефинира како држава преку давање ново значење на албанската компонента. Од таа потрага по идентитетот, зависи стабилноста на Балканот“, констатира авторот Андреас Ернст во текстот во „Ное цирхер цајтунг,“ во кој пишува:
„Кога земјите донесуваат закони за јазици, ретко е во прашање подобро меѓусебно разбирање, туку речиси секогаш - колективните идентитети. Така е и во Македонија,: од два милиона жители, околу една четвртина зборуваат албански јазик. Со нов закон, албанскиот сега, покрај македонскиот, треба да стане официјален јазик во целата земја. Практично, со тоа нема многу нешто да се промени, зашто двете етнички групи, Македонците и Албанците, живеат повеќе едни покрај други, отколу заеднички. А онаму каде албанското население изнесува најмалку 20 проценти од вкупното население, неговиот јазик уште претходно има статус на службен јазик.
Значи, новото вреднување е првенствено симболички гест: тоа ги јакне Албанците како државотворна нација. Македонското етничко мнозинство на ова гледа со помешани чувства. И за од неодамна владејачките социјалдемократи, кои во прашањата за малцинствата демонстрираат отвореност, согласноста за двојазична ознака на банкнотите и на полициските униформи не е неспорна. Сега Венецијанската комисија на Советот на Европа, меѓународно правно тело составено од правници, ќе решава дали овие промени се во согласност со македонскиот устав. Одлуката ќе биде обврзна.
Можеби е чудно што македонското мнозинство има толку проблеми во врска со интеграцијата и поддршката кон едно малцинство кое отсекогаш живее во земјата. Жилава беше веќе и борбата додека во 2001. година беа отворени вратите на првиот универзитет на албански јазик, 10 години откако Македонија неволно се прости од распаѓачката Југославија.
И пропорционалното застапување на Албанците во управата беше постигнато тешко и со нејзино надувување. Според албанското саморазбирање, овие напредоци се резултат на вооружената борба која земјата во летото 2001. година ја доведе на работ на граѓанска војна. Но, при повнимателно посматрање не е тешко да се увиди дека македонското мнозинство уште пред 2001. година ги постави свртниците за овие реформи, не од добра желба, туку поради политички притисок.
Албанскиот бунт се покажа како лост за издигање на една нова радикална елита, која си обезбеди пристап во власта и ги истисна етаблираните претставници. Во суштина, бунтот беше внатрешен албански спор. Тој ќе беше незамислив без националистичката еуфорија по ослободувањето на Косово во 1999. година. Со тоа стигнуваме среде дилемата околу македонскиот процес на state building. Не е лесно да се гради мултиетничка држава со Албанците: демографски најмладата и по Србија втора по големина нација на Балканот по преминот во новиот век се наоѓа во подем. Таа го отфрли сталинистичкиот јарем на Енвер Хоџа во албанската матична држава, преку Косово располага со втора држава и постепено го зголемува своето влијание и во Македонија.
Притоа, многумина Албанци во оваа земја гледаат само превозно средство кое ќе ги однесе во ЕУ. Доколку не се случи тоа, се закани албанскиот премиер Еди Рама, принудно би дошло до етничко обединување на Албанците во една куќа. Тоа би бил крајот за Македонија. Оваа лојалност и трпението на Албанците кон Македонците се дотолку пофрагилни, колку се Македонците помалку спремни на малцинството да му дозволат, симболички и материјално, да земе учество во државата... Значи, важи и обратно, не е лесно да се гради мултиетничка држава со Македонците, пишува „Ное цирхер цајтунг“, продолжувајќи:
„Македонците се сметаат себе си исто толку нормално за припадници на својата нација, колку што тоа го прават Албанците, Србите или Бугарите...
Но, многумина бугарски и српски националисти тоа до денес не го прифаќаат. Бугарија беше првата држава која ја призна независноста на Македонија во 1991. година, но многумина Бугари одречуваат дека македонскиот е посебен јазик, а не бугарски дијалект, а Македонците се посебна нација.
И во Србија има националисти кои Македонија ја нарекуваат „Јужна Србија“...
Крајно, со Грција тука се надоврзува уште еден сосед, кој го доведува во прашање јадрото на македонскиот идентитет: името. Спорот околу името меѓу Атина и Скопје го попречува развојот на земјата уште од нејзината независност. Дебатите се екстремно плитки и јалови, но со големи последици...Со тоа Грција го блокира влезот на Македонија во НАТО и ЕУ. Тоа им даде поттик и на македонските националисти од ВМРО... и така, грчкиот инает им помогна своето безобѕирно владеење да го растегнат на десет години“.
„Ное цирхер цајтунг“ потсетува:
„Киро Глигоров, првиот претседател на независна Македонија, албанските, бугарските, грките и српските соседи ги нарече „четирите волци“: секој од нив има претензии врз земјата. Метафората драматизира ситуација која реално постои. Од повлекувањето на Османското царство, 'македонското прашање' постојано водеше до конфликти во регионот, често потпалувани од интересите на големите сили. Оваа констелација постои и натаму, особено што Русија и Турција повторно засилено влијаат на Балкан. Само егзистенцијата на кревката македонска држава е она што ја штити Европа од потенцијално катастрофално ескалирање на македонското прашање. ЕУ треба да го има тоа во предвид и што поскоро да му вдахне нов живот на умртвениот процес на интеграција.“
Нови и стари рути
Весникот „Винер цајтунг“ пак го анализира движењето на бегалскиот бран кој од официјалното затворање на Балканската рута се префрли на рута преку Средоземно Море, од либискиот брег до италијанските острови. Но, и преку Балкан се забележувазасилено движење, пишува весникот:
„Во првата половина од годината Романија регистрираше 3.000 нелегални мигранти, додека во целата ланска година имало вкупно 1600. Една од рутите оди и преку Црното Море. Во Унгарија во текот на август се забележани трипати повеќе дојденци отколку истиот месец лани... Словенечката полиција јавува дека до август запрела повеќе луѓе во нелегално преминување на границата отколку во истиот период 2016. година.“
Меѓународната организација за миграција, УНЦХР укажува дека двете рури, отаа преку Балкан и таа преку Средоземно Море не се косат, зашто по секоја од нив доаѓаат луѓе од различни земји на потекло. Затоа се смета дека поостар однос на либиските власти пред либискиот брег нема да има влијание врз миграциските движења преку Грција кон Западна Европа.“