1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Западен Балкан во вечната чекалница на ЕУ

Немања Рујевиќ
12 јули 2017

На Конференцијата за Западен Балкан, сите зборуваат за економски проекти. Темата пристапување кон ЕУ е сѐ подалечна. Зашто, нема реформи, а и ЕУ е зафатена самата со себе.

https://p.dw.com/p/2gLUK
HRVP Mogherini trifft Premierminister des westlichen Balkans
Фотографија: European Union

„Иднината на балканските држави е во ЕУ“ - ова го потпишаа шефовите на држави или влади на земјите од ЕУ уште во 2003. година, но т.н. ветувања од Солун, денес звучат како грчки митови. Оттогаш во Унијата е примена само Хрватска, додека со отцепувањето на Косово од Србија се појави и нов проблем. Проширување? Овој збор речиси никој веќе не го изговара. „Проширувањето е како кокошка со отсечена глава. Уште трча, но всушност е мртва“, изјави поранешен српски дипломат за Базфид.

Можеби ветувањата се дадени само тактички, заради натамошно вршење влијаење врз балканските земји, смета Ерик Горди од Лондонскиот универзитетски колеџ. Зашто, сите овие години во Македонија, БиХ, Србија, Косово, Црна Гора и Албанија на власт се елити кои барем формално сакаат своите земји да ги внесат во ЕУ. „Но, оваа тактика сѐ помалку дејствува. Изгледа се множат гласовите против проширувањето. Ако ЕУ сака да го задржи своето влијание, мора да понуди реални перспективи за пристапување“, вели Горди за Дојче веле.

Без компромиси

На тоа што Запад губи влијание би можеле да се радуваат Русија и Турција, но и Кина и земјите од Арапскиот Полуостров. Европските дипломати се обидуваат со реторичко спротивставување. „Сакаме да ги внесеме овие земји во ЕУ“, вели Кристијан Хелбах од германското Министерство за надворешни работи во интервју за Дојче веле. „Но, не е тајна оти пристапувањето кон ЕУ се одвива бавно, од причина што сите актери немаат фактички интерес за спроведување на одржливи реформи.“ На Балкан, вели тој, често се слуша дипломатската формула дека нема компромис кога станува збор за воспоставување на правна држава, човекови права и борба против корупцијата.

А ситуацијата во тие земји му дава за право, како поради недостиг од независно правосудство и медиуми, така и поради буџетите на кои се гледа како на каса на владејачките партии. Покрај тоа, присутни се и пречките во спорот на релација Белград-Приштина околу косовската независност, македонските проблеми околу нерешениот спор за името со Грција или пак недостатокот волја трите народи во БиХ да се договорат во врска со уставните реформи. Засега само Црна Гора и Србија преговораат за пристап кон ЕУ, а Косово и БиХ уште не се ни официјални кандидати. 

Професорот Горди е скептичен во поглед на скора промена. Зашто, балканските кнезови нерадо ја отстапуваат власта, па остануваат само две опции: вечно седење во чекалницата на ЕУ и надеж во компромис кој би ја отворил вратата кон Брисел, иако критериумите не се исполнети. „Такво нешто ЕУ веќе има направено“, истакнува Горди. Бугарија и Романија и натаму се оази на корупција, а Кипар е примен без јасно дефинирани граници, искуство поради кое на Брисел не му е во интерес да увезува нови проблеми.

Westbalkan-Konferenz in Berlin
Фотографија: picture-alliance/dpa/B. von Jutrczenka

На двете страни се осипува одушевеноста

ЕУ во моментов е зафатена сама со себе. Тука е и финансиската криза, бегалците, Брегзит, играње по жица меѓу Путин и Трамп. „Во овој момент не размислувам околу проширување“, изјави шефот на Европската комисија Жан-Клод Јункер уште во 2012. година, на што од бриселски агол може да се гледа како на добри стари времиња. Дури и во Германија, на која на Балкан се гледа како на локомотива на европското единство, две испитувања на јавното мислење покажаа дека две третини од населението не е за проширување на ЕУ во догледно време.

„ЕУ моментно е во таква состојба што, дури и самата да сака да пристапи, би имала големи проблеми во исполнувањето на критериумите за членство“, изјави Севим Дагделен, пратеник од германската Левица во Бундестагот. Многумина ја доживуваат ЕУ како „машина за укинување на социјалниот систем“ и не веруваат во ветувањето за општествена благосостојба. „Од овие причини, расте скептицизмот во врска со натамошното проширување.“

Заморот од натамошно ЕУ-проширување одамна е тема и на Балкан. Луѓето, без јасен план, губат вера, вели српскиот министер за надворешни работи Ивица Дачиќ. „Тоа е лошо и за нас и за ЕУ“. Така, на Балкан се топи одушевувањето. На Белградскиот универзитет во јуни годинава мнозинството студенти се изјасниле против влезот во ЕУ. „Најсилното што ЕУ било кога го имала, е гаранцијата дека по демократските реформи, работите нема да се вратат на претходната состојба. Но, поради слабите реакции од Брисел, се случи доаѓање на власт на авторитарни влади во Полска и во Унгарија“, вели Горди. 

„Маршалов план за Балкан“?

На економската привлечна моќ на ЕУ првенствено се потпира Берлин. Од неодамна и во „Берлин плус“, германски план, се зборува за царинска унија и заеднички пазар на шест балкански земји, засо европски пари да се финансира проекти од инфраструктурата. Еден од примерите е и автопатот кој би ги поврзувал Србија, Косово и Албанија. „Ако можеме да поддржиме вакви проекти, кај луѓето ќе се формира убедување - еве, нешто се случува“, се надева Хелбах. 

Овој оптимистички т.н. „Маршалов план за Балкан“ е најважната тема на Конференцијата за Западен Балкан во Трст. Секако, отворено е прашањето од која каса ќе дојдат средствата. Иако властродржците од Балкан можат да се радуваат на најавените парични средства, постојат и стравувања како на пример кај црногорскиот министер за надворешни работи, Срѓан Дармановиќ. „Ниеден проект не смее да доведе до забавување на политиката на проширување или да стане замена за неа.“ 

Чекалницата во предворјето на ЕУ за луѓето од Балкан значи жестока битка за преживување. Многумина сметаат дека официјалната стапка на невработеност меѓу 15 и 30 проценти е идеализирана, а месечните примања од 360 до 500 евра често се само сон за оние со соодветна партиска книшка. Десетици илјади луѓе, првенствено млади, секоја година заминуваат од балканските земји во насока кон Европа. Ситуација која неодамна на сатиричен начин беше прикажана во еден твит: „Ние ќе пристапиме кон ЕУ, но чекор по чекор, секоја година по 20.000 луѓе.“