1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ердоган се заканува со драстични мерки за спас на лирата

СН/ агенции
13 август 2018

По падот на лирата, централната банка се обидува да ги смири пазарите. Затоа сака да им понуди на турските банки дополнителни можности за рефинансирање. Тие можат и да позајмуваат дополнителни средства во странска валута

https://p.dw.com/p/333Dr
Türkische Zentralbank
Фотографија: Imago/Zuma Press

Турската централна банка им вети на финансиските институции на земјата доволна ликвидност во актуелната криза на лирата. Централната банка соопшти дека ќе им обезбеди на банките каква било ликвидност што им е потребна. Така, одредбите за резерви во лири на банките се намалени. Ова ќе му обезбеди дополнителна ликвидност на финансискиот пазар од околу десет милијарди лири, шест милијарди долари и гаранции во злато во вредност од три милијарди долари, се вели во централната банка.

Централната банка, исто така, објави дека внимателно ќе го следи пазарот и цените и ќе ги преземе сите неопходни чекори за да обезбеди финансиска стабилност.  Турскиот министер за финансии, Берат Албајрак, изминатиот викенд најави акциски план, врз основа на кој одговорните институции ќе ги преземат неопходните мерки и ќе комуницираат со пазарите. Притоа во прв ред станува збор за турските банки и  малите и средните претпријатија на земјата. Овие особено страдаат  од колапсот на валутата. Албајрак е зет на претседателот Реџеп Таип Ердоган.

Türkei, Istanbul: Finanzminister  Berat Albayrak  hält Ansprache
Берат АлбајракФотографија: picture-alliance/M. Alkac

Огромен пад

Турската лира веќе изгуби речиси половина од својата вредност од почетокот на годината, а само во минатиот петок вредноста падна за 18 отсто. Големата монетарна криза во моментов се интензивира поради конфронтацијата со САД во врска со судбината на американскиот пастор Ендру Брунсон, кој е уапсен во Турција поради обвинувања  за тероризам

По ескалацијата на спорот во последниве недели, американскиот претседател Доналд Трамп во петокот објави двојно зголемување на казнените царини за увоз на челик и алуминиум од Турција. Зголемувањето на царините од 25 на 50 проценти веќе стапи во сила. Ердоган зборува за „економска војна" на САД против неговата земја.

Нови апели

Турскиот претседател ги повика домашните компании да не дозволат да паднат под влијание на тешката економска ситуација. Тој истакна дека не е обврска само на владата да ја одржува нацијата во живот туку тоа исто така е должност и на индустријалците и трговците, рече Ердоган во Анкара. Во исто време тој ги предупреди компаниите да не пријавуваат банкрот: „Ако го направите тоа, ќе направите грешка!" Ердоган, исто така, побара од турските индустријалци да не купуваат странски валути - бидејќи тоа би можело банките во Турција да ги стави под уште поголем притисок.