1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

САД и Турција одат кон тешка дипломатска криза

ЕМФ /агенции
2 август 2018

Во судирот околу американскиот пастор Ендру Бренсон, Вашингтон воведе санкции против Турција. Анкара се заканува со одмазда.

https://p.dw.com/p/32U1j
Symbolbild USA Türkei Beziehungen (Ausschnitt)
Фотографија: Imago/imagebroker

Американскиот свештеник Ендру Бренсон беше затворен во Турција во 2016 година, непосредно по обидот за пуч во таа земја. Судирот меѓу двете земји поради неговиот случај постојано се заострува и сега се заканува да предизвика тешка дипломатска криза.

Владата на Доналд Трамп вчера воведе санкции против двајца турски министри: министерот за правда Абдулхамит Ѓул и министерот за внатрешни работи Сулејман Сојлу. Портпаролката на Белата Куќа, Сара Сандерс, изјави: „Двајцата имале водечка улога во затворањето и апсењето на пасторот Бренсон.“ Таа Бренсон го нарече „жртва“, изложена на „нефер и неправеден“ прогон од страна на турските власти.

Свештеникот Бренсон, инаку, во Турција е соочен со обвинувања за тероризам и шпионажа и му се заканува долга затворска казна.

„Не гледаме какви било докази за тоа дека пасторот Бренсон направил што и да е погрешно“, нагласи портпаролката Сандерс. Воведените санкции значат и запленување на имотот на двајцата министри во САД, а американски граѓани не смеат да прават зделки со нив.

Kombibild Türkei Abdulhamit Gul | Suleyman Soylu
Против министерот за правда Абдулхамит Ѓул и министерот за внатрешни работи Сулејман Сојлу се воведени санкции Фотографија: picture-alliance/AA/S. Yordamovic/A. Ozler

Анкара најавува одговор

Турција ги осуди американските санкции против двајцата министри и се закани со контрамерки. Министерството за надворешни работи во Анкара го критикуваше агресивниот став на Вашингтон и побара повлекување на одлуката. Министерот за надворешни работи Мевлут Чавушоглу изјави дека на погрешните санкции ќе биде одговорено.

Повеќе: Обвинетите турски „пучисти“ на суд-ќе го израчи ли Трамп Ѓулен?

Турското правосудство го обвинува протестанскиот свештеник Бренсон дека ѝ дава поддршка на забранетата Курдска работничка партија (ПКК) и на движењето на Ѓулен. Минатата недела турски суд изненадувачки донесе одлука Бренсон да биде преместен од затвор во домашен притвор, поради здравствени проблеми. Обвинувањата остануваат. Обвинителството бара казна затвор од 35 години.

Türkei | US-Pastor Brunson in Hausarrest entlassen
Свештеникот Бренсон е преместен во домашен притвор поради здравствени причиниФотографија: picture-alliance/dpa/AP Photo/E. Tazegul

Турската економија би можела да биде тешко погодена од американските санкции. Само најавата за санкции минатата недела предизвика пад на турската валута - лирата на рекордно ниско ниво. Американскиот долар во споредба со лирата достигна историски највиска вредност од 4,9985 лири за долар. Курсот на еврото исто така се искачи на рекордни 5,8323 лири за едно евро.