Експлоатација на странски работници во Германија
5 декември 2018Романски инженер во Германија прво добивал плата нередовно, а потоа воопшто. Кога се пожалил, добил отказ преку СМС-порака. Ова не е единствен ваков случај, констатира Германскиот институт за човекови права (ДИМР) во својот трет годишен извештај за ситуацијата со човековите права во Германија. Според ДИМР, во Германија нема доволна заштита на странските работници од експлоатација.
Последица од тоа е што странците добиваат плати далеку пониски од минималната плата, која во моментов изнесува 8,84 евра за работен час. Работодавачите не плаќаат придонеси, странците работат прекувремено без да бидат за тоа платени и живеат во сместувалишта недостојни за човекот, се оценува во извештајот. Тие честопати со закани, па дури и насилство, се спречувани да побараат помош. Погодени се пред сѐ мигрантите од земјите членки на ЕУ, како и странските работници од Пакистан, Палестина, Сирија и Перу.
Недоволно докази и структурна немоќ
Случаи на тешка експлоатација има во многу бранши, оценува ДИМР. Како примери се наведени градежништвото, домашната нега, транспортот, одржувањето на хигиената, како и проституцијата. Тешката експлоатација во моментов е бизнис без ризик, вели директорката на ДИМР, Беате Рудолф. „Овие луѓе фактички немаат можност да си ги спроведат своите барања за плати по судски пат“, изјави Рудолф при претставувањето на извештајот во Берлин. Тоа се должи на често мизерната состојба на погодените работници.
Недоволното познавање на германскиот јазик и на германските закони, како и економската зависност, водат до тоа погодените лица да не бараат помош. Тужбите против работодавачите се отежнати поради тоа што работниците често не работат со работни договори или не примаат пресметки за плати. Накусо: кој остане без работа, а нема докази, нема речиси никаква шанса за подобрување на својата ситуација.
Повеќе: Германија - ветена земја со пречки
Затоа, ДИМХР бара олеснувања за спроведување на барањата на работниците во врска со платите, како овозможување на поднесување тужби од страна на надлежни здруженија. Превентивно би требало да се заострат и обврските за документација на работодавачите, како работни договори и документи каде што се води евиденција за работните часови.