1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија - ветена земја со пречки

Ненад Крајцер / Е.М. Фиданоска31 мај 2015

Со влегувањето на Хрватска во ЕУ се зголеми бројот на оние кои во Германија доаѓаат во „потрага по леб“. Многумина немаат зажалено за таквата одлука, но на некои таа им преседна...

https://p.dw.com/p/1FZg7
Фотографија: picture alliance/dpa Themendienst

Дарко Јуришиќ поинаку си ги замислувал првите месеци од својот престој во Германија. Кога во февруари годинава со уште еден познаник чукнал на вратата на фирмата „Кацор“ во Офенбах, се‘ изгледало добро. Работните дозволи биле извадени брзо, исто како што биле брзо договорени и десетте евра нето за работен час. Јуришиќ почнал заедно со уште стотина други хрватски граѓани да работи на градилиште.

Но проблемите почнале веќе по првиот исплатен месец. Сопственикот на фирмата „Кацор“, кај којашто Јуришиќ потпишал договор, исчезнал без трага, заедно со парите за плати кои ги исплатила фирмата „Дреслер бау“, инаку главна фирма на градилиштето каде што и работел Јуришиќ. Од шефот на претпријатието „Кацор“, кој се претставил како Дамир Карпински, се разбира нема ни трага. Избеганиот „претприемач“ само на Јуришиќ му должи околу 3.500 евра. На телефонот на фирмата во Офенбах не одговара никој.

Јуришиќ не е осамен. Според податоците на советувалишттео на Германскиот сојуз на синдикати (ДГБ), само во случајот на фирмата „Кацор“ се измамени над 300 работници од Романија, Полска и Хрватска, кои уште од март чекаат на исплата на плати. За работата да биде уште полоша, работниците вработени во „Кацор“ останале и без покрив над главата, затоа што фирмата од Офенбах не го платила ниту сместувањето за своите работници. Фирмата „Дреслер бау“, која на градилиштето на кое работел Јуришиќ се појавува во улога на главен изведувач, одбива да им го исплати комплетниот долг на работниците, затоа што тврди дека тие пари веќе еднаш и‘ ги уплатила на фирмата „Кацор“. На работниците им исплатила дополнително по 300 евра и буквално ги истерала од градилиштето.

Случајот „Кацор“ е посебен

Меѓутоа, законот во овој случај е на страната на работниците, затоа што во Германија за исплата на платите во случај на правен спор е одговорен главниот изведувач на работите на градилиштето. Јуришиќ и неговиот колеги, во меѓувреме, со правна помош на ДГБ вложиле тужба пред Управниот суд во Франкфурт и имаат добри изгледи за исплата на нето-заработувачката по час. Проблемот на многу измамени работници е што тие ретко кога ја дочекуваат пресудата во Германија, туку се враќаат дома при првата прилика, често без средства и покрив над главата.

Darko Jurisic, Bauarbeiter aus Kroatien
Дарко ЈуришиќФотографија: Privat

Откако ЕУ почна да се шири на исток, бројот на случаи на источноевропски работници кои по работата во Германија останале без плати е се‘ поголем. Но кога се работи за тие случаи, главно станува збор за фирми од истокот на ЕУ кои дејствуваат како претприемачи во Германија и на градилиштата вработуваат работници од своите земји. Во случај тие фирми да не ги почитуваат германските социјални закони, правосудството во Германија многу тешко може правно да го огни сопственикот на фирма која се наоѓа во странство. Случајот на „Кацор“, како што нагласува Владимир Богоески од синџирот советувалишта на ДГБ „Чесна мобилност“ е по многу нешта посебен. „Во тој случај се работи за германска фирма која вработувала по германски правила и затоа ќе биде интересно да се следи како тој случај ќе се разреши правно“, вели Богоески.

Многу гастарбајтери се лесен плен

ДГБ во многу советувалишта пружа и услуги и советувања и на хрватски јазик. Проблемот на многу новопечени гастарбајтери е пред се‘ непознавањето на јазикот, што понекогаш ги прави „лесен плен“ за бескрупулозните работодавачи. Многумина потпишуваат документи без претходно да се информираат за што станува збор. „Сме имале случаи луѓе на градилиштата да потпишуваат документи на кои стои дека се платени согласно германскиот закон за минимална плата. Но, тоа истовремено беше и документ кој потврдуваше дека парите им се исплатени, а многумина го потпишале пред да ги видат парите. Во таков случај имаме многу слаби карти в рака ако сакаме да се избориме за правата на тој работник“, објаснува Богоески.

Vladimir Bogoeski, Mitarbeiter der DGB
Владимир Богоески, ДГБФотографија: Privat

По бројот на граѓани кои бараат правна помош на ДГБ, на прво место се уверливо граѓаните на Полска, зад кои следат Романците, Бугарите и Унгарците. Работниците во најголем број од случаите помош бараат поради неисплаќање на плати. Хрватските граѓани засега се на петто место, но тоа наскоро, откако пошироките маси во Хрватска ќе сфатат дека пазарот за работа во Германија за нив е речиси целосно отворен, би можело да се промени. Зашто, Германија, а тоа го докажуваат и најновите статистички податоци за мај, и натаму е во фаза на економски полет и со стапка на невработеност која паѓа. Тоа значи дека Германија и натаму ќе има потреба од работна сила.