1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Експерти за бегалците: „Не смее да се повтори 2015-та“

Волфганг Дик
7 март 2020

На границата на Турција со Грција и Бугарија се одвиваат драматични сцени со бегалците кои сакаат да влезат во ЕУ. Дали Германија е подготвена за нов бран на луѓе на кои им е потребна заштита?

https://p.dw.com/p/3YyML
Migranten an der türkisch-griechischen Grenze
Фотографија: picture-alliance/AA/S. Coskun

„Притисокот од мигрантите е особено голем," предупреди пред три дена германскиот министер за внатрешни работи Хорст Зехофер од ЦСУ на Европскиот конгрес на полицијата во Берлин. Тој постојано повторува дека границата кон Германија не е отворена. „Не смее да се повтори ситуацијата од 2015 година," категоричен е Зехофер.

Портпаролот на Здружението на германските градови и општини Александар Хандшу потенцира дека многу од капацитетите за сместување кои беа подигнати набрзина поради бегалскиот бран во 2015-та се отстранети." Не можеме да држиме илјадници кревети во резерва за случај да се повтори ситуацијата како што беше во 2015та," вели Хандшу.

Ограничени капцитетите на прифатилиштата

Поголемиот дел од 11.000 општини во Германија се добро опремени за прифаќање на нови бегалци. Но, тое не доволно за сместување на речиси еден милион бегалци. Социјалдемократите од Бремен и Берлин велат дека тие имаат доволно места за околу 2000 до 3000 бегалци. Само за споредба – во 2015-та во Берлин пристигнаа околу 79.000 бегалци.

Берлинска служба за здравство и социјални прашања тогаш не беше подготвена за настанатата ситуација. Се случи вистински потрес. „Логистички можеме да се справиме со најмногу 200.000 до 250.000 бегалци. Но, мора да бидеме свесни и за последиците," вели Хандшу за ДВ. „Не станува збор само за сместувачките капацитети, туку и за успешна интеграција на тие луѓе. А предуслов за тоа е тие правилно да се регистрираат."

Deutschland, Flüchtlingsunterkunft im Flughafen Tempelhof
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/M. Schreiber

Хаос со регистрацијата

„Во 2015-та најголем проблем беше тоа што земјите од југот на Европа ги пропуштаа бегалците преку границите без да ги регистрираат. Едноставно само мафтаа со рака и поминува во насока кон земјите од северот на континентот," се присетува Хајко Тегац од Синдикатот на германски полицајци. Тој вели дека овие луѓе за прв пат биле регистрирани дури во Германија. Денес на границата на Германија се ангажирани од 3000 до 5000 граничари и полициски службеници. Тие не би биле во можност повеќе од 14 дена да го запрат приливот на бегалци. „Поради ова во сојузната полиција побаравме отворање на нови работни места за околу 3000 лица," вели Тегац. Тој верува во соработката со Фронтекс и нивното функционирање на надворешните граници на ЕУ. „По нашите европски партнери ние сме втора линија на контрола."

Германската сојузна полиција има доволно овластувања. „Со цел спречување на недозволено преминување на границата ние сме овластени да примениме многу средства – од солзавец до водени топови," појаснува Тегарц. Уште во 2019 Фронтекс регистрираше 139.000 обиди за илегален влез во ЕУ.

Со оглед на фактот дека на почетокот на 2017-та година во речиси 40% од канцелариите на Службата за странци им недостасуваа технички уреди за утврдување на идентитет многу имиња се запишани погрешно, а некои отпечатоци од прсти им се припишани на погрешни луѓе.
Дел од користените методи како биометрија на глас или автоматско препознавање на дијалектот се покажале како неефикасни. Можноста за грешка била 20%, велат експертите за арапски јазик.

За разлика од тоа, дојде до вмрежување на многу банки на податоци. Така Европскиот информациски систем за регистрација на казнувани лица Екрис – ТЦН е споен со банката на податоци Еуродак, која ги меморизира отпечатоците од прсти на азилантите ширум Европа, за да може службениците на границата да вршат адекватни проверки. Тука е и Шенгенскиот информациски систем СИС, кој дава доверливи информација против кои лица има забрана за влез во шенген зоната. Зголемен е и бројот на вработени во Сојузниот уред за миграција и бегалци (БАМФ).

Научени лекции од 2015.

Пред пет години голем број доброволци се грижеа за мигрантите. Во моментов овие приватни иницијативи се сведени на половина. Во случај на нов бран бегалци тоа не би било доволно, велат претставници на германските градови и општини.

Повеќе:

-Грција: Цивилни национални гардисти во потрага по бегалци

-Како Анкара и Атина ги злоупотребуваат бегалците

-На која карта игра Ердоган со бегалците?

Од друга страна и процесите кај најдлежните служби се одвиваат многу поорганизирано отколку во 2015-та година. Тука пред сѐ се мисли на „соработката на кризните тимови на Брисел и европските метрополи," истакнува претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел. Сите одговорни за бегалците во Германија знаат дека не е важно само прифаќањето на овие луѓе, туку е многу важно тие да бидат прифатени во општеството. Оттука наоѓањето работа за нив е важен аспект.

Работа после 5 години

Студија на Институтот за испитување на пазарот на труд и професионална ориентација (ИАБ) покажа дека над 50% од бегалците и мигрантите после 5 години престој во Германија си нашле работа. Квотата на вработени бегалци во моментов е 28%. Во меѓувреме се направени индивидуални советувања со претставници на 21.000 германски фирми, давајќи им информации за правната рамка, можноста за учење јазик, добивање на дозвола за престој, бараните квалификации и можбостите за добивање помош во однос на бегалците. Германското министерство за економија заедно со „Стопанските јуниори“ ја основаше платформата „Започни ја својата иднина“ ("Start your future"). Така се креираше мрежата “Компаниите ги интегрираат бегалците“.

Основан е и Центар за осигурување на стручна работна сила (КОФА). Според статистиката од 2016-та секоја четврта компанија во Германија се ангажирала околу бегалците. Корисни информации има и на порталоте „bq-Portal" и „Make-it-in-Germany". Дополнително, од 1ви март на сила стапи и новиот Закон за доселување на стручна сила во Германија.

Политиката потфли

Проектот „RESPOND" кој е финансиран од ЕУ го следи развојот на ситуацијата од 2015-та до денес – бележи интервјуа со одговорните, но и со бегалците и мигрантите. Резултатот од студијата е дека “политиката се променила така што се преземаат построги рестриктивни мерки за да се запре приливот на мигранти." Поделбата на белаците во Германија на оние кои имаат и оние кои немаат перспектива за останување во земјата покажува дека не постои правна рамка за фер постапка за добивање азил.

Професорката и експерт во областа на културна антропологија, Сабине Хес остро коментира: „Од 2015-та до сега ништо се нема променето на подобро." Таа истакнува дека сѐ уште недостасува реформа на европскиот систем за добиваење азил. „Сѐ уште нема нови идеи освен добро да се заштитат границите, наместо да се размислува што да се стори со светскиот проблем со прилив на бегалци. Тоа е неверојатно потфрлање на политиката!", вели таа.