1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ексклузивно: Систематско загадување на светските мориња

Нина Веркхојзер | Наоми Конрад | Јулија Бајер | Макс Бернхард
22 март 2022

Истражување на ДВ открива како бродовите ги загадуваат светските мориња со валкани и мрсни отпадни води. Многу случаи никогаш не се откриваат. А последиците се драматични.

https://p.dw.com/p/48qGJ
Symbolbild I Containerschiff
Фотографија: Sina Schuldt/dpa/picture alliance

„На почетокот сето тоа ме оптоваруваше“, раскажува за ДВ млад бродски инженер. Во неколку наврати, вели тој, лично видел валкана, мрсна, отпадна вода како се испушта директно во морето. Знае дека е нелегално, за тоа учел во поморската школа, но за тоа никому не му е гајле на отворено море, ни раскажува тој преку нестабилна телефонска линија.

Се наоѓа на неколку илјади километри од Берлин. И нѐ моли да не го откриваме неговиот идентитет од безбедносни причини. Па дури ни името на големиот танкер на кој моментално се наоѓа.

Нечиста, мрсна, отпадна вода се испушта во морето најмногу во текот на ноќта, под закрила на темнината, ни вели тој. И тоа редовно. Како млад член на екипажот ризикува да ја загуби работата доколку им се спротивстави на претпоставените. 

Свиркачи и сателитски снимки 

Испуштањето на нафта и мрсни отпадни води во морето е забрането со децении. Но, многу товарни бродови систематски ја игнорираат забраната за да заштедат време и пари. А последиците по животната средина се катастрофални. Ова го потврдува истражувањето на ДВ, спроведено во соработка со истражувачката мрежа „Лајтхаус репортс“ и уште осум други европски медиумски партнери.

Повеќемесечното истражување се заснова на сведоштва на свиркачи и експерти. Тие ги опишуваат триковите што ги користат екипажите за да ги „заобиколат“ сегашните правила во меѓународните води. Анализата на сателитски снимки докажува дека нелегалното испуштање масло или нафта е проблем во целиот свет. Само мал дел од овие инциденти се откриени и санкционирани.

Infografik - Potential dumps of oily wastewater - EN
Локации на потенцијално загадување на морињата

Пораст на бројот на бродови 

Глобалните димензии на проблемот може да се согледаат ако се фрли поглед на бројот на бродови што ја сочинуваат светската трговска флота. Во последниве децении, тој број значително порасна. Во моментов, низ светските мориња, околу 55.000 товарни бродови превезуваат масло за греење, житарки, мобилни телефони или облека. Околу 90 отсто од вкупната стока се транспортира по морски пат. Без поморски сообраќај, се тврди, околу половина од човештвото би умрело од глад, а другата половина би замрзнала.

Современите товарни бродови се долги и до 400 метри. Кога работат нивните мотори, се создава отпадна вода (мешавина од вода, моторно масло, масло за подмачкување, гориво и средства за чистење) која се собира во големи резервоари во трупот на бродот. Само еден брод дневно може да „произведе“ неколку тони од таа токсична течност. 

Правилата се јасни, но… 

Меѓународните правила се јасни: пред таа течност да се испушти во морето, мора да се прочисти. Водата се одвојува од маслото и горивото. Тоа е обврзувачко правило и е пропишано од Меѓународната поморска организација (ИМО) уште од 1970-тите.

Секој литар вода испуштен во морето, по прочистувањето смее да содржи само многу мал процент на масло или маснотии. Остатокот се чува на бродот и се отстранува подоцна, кога бродот ќе влезе во пристаништето. Екипажот мора секојдневно прецизно да го документира количеството на тој отпад. Но, таа документација, тврдат упатените, може многу лесно да се фалсификува.

Во пракса, многу бродови едноставно ја игнорираат пропишаната процедура и ја испуштаат отпадната вода во морето, без претходна филтрација. Ова заштедува и време и пари. Тие не треба да плаќаат надоместок на пристанишните власти за депонирање на отпадот, а бродските компании не губат драгоцено време во транспортот на стоката. Со тоа се зголемува маржата, односно профитот.

Ваквата практика на незаконско испуштање на валкана течност на отворено море за ДВ и нашите медиумски партнери ја потврдија петмина свиркачи. Тие на различни товарни бродови лично биле сведоци на испуштањето на отпадна вода во морето.

3D Animation | Wie Schiffe illegal öliges Bilgenwasser ablassen
Кога бродовите испуштаат опасна отпадна вода во морињата?Фотографија: DW

Еколошка катастрофа 

Ако отпадната вода се испушта во морето нефилтрирана, тоа има драматични последици за екосистемот: маслото што го содржи ги оштетува микроорганизмите со кои се хранат поголемите животни. Преку школки и риби може да влезе во синџирот на исхрана и на тој начин да им наштети и на луѓето.

Други супстанции кои се наоѓаат во отпадната вода, како што се отровните метали олово и кадмиум, се исто така штетни за животната средина. Проблемот, велат научниците, не е само едно испуштање отпадна вода, туку големиот број вакви случаи, што доведува до континуирано акумулирање на штетни материи во морето.

 - повеќе: Фотографија на денот: Проблем на векот - пластичен отпад

Неколкумина свиркачи за ДВ раскажаа како се заобиколуваат прописите за филтрирање на отпадната вода на бродовите: Со помош на мала, пренослива пумпа, отпадната вода, која мора да се филтрира, се пренесува во друг резервоар - најчесто резервоар со „нормална“ отпадна вода. „Сосема е едноставно“, ни вели еден морнар. „За пет минути може да се склопи таа пумпа, за пет минути да се расклопи и сокрие.“

Под превезот на ноќта, валканата отпадна вода потоа се испушта во морето, тврдат нашите извори. Ова го намалува ризикот некој да забележи што се случува - без оглед дали се работи за сателитски снимки, други бродови или авиони кои го контролираат поморскиот сообраќај, на пример во Балтичкото или Северното Море. 

„Многу црни овци“ 

Плашејќи се дека може да ја загубат работата, сите свиркачи со кои разговаравме нѐ замолија за анонимност. Затоа ДВ не може целосно да ги потврди нивните наводи. Клучните делови од нивните сведоштва, кои ни ги пренесоа независно еден од друг, се совпаѓаат - дури и со наодите на експерти како Кристијан Бусау, морски биолог од еколошката организација „Гринпис“.

„Ако го направите тоа на Ла Манш, на пример, среде бел ден, тогаш поморската полиција би ви била веднаш зад петици“, вели Бусау, кој над 25 години се занимава со загадувањето на Северното и Балтичкото Море. „Но, кога бродовите го прават тоа додека времето е лошо, за време на бури или ноќе, тогаш има големи шанси никој да не ги открие.“ На отворено море, додава тој, има „многу црни овци“.

3D Animation | Wie Schiffe illegal öliges Bilgenwasser ablassen
Илегалното испуштање отпадна вода честопати се случува ноќеФотографија: DW

Извидување со сателитски снимки

Иако загадувањето со нафта на отворено море е тешко да се открие, тоа може да се открие со сателитски снимки. Нафтените траги што ги оставаат бродовите често се долги неколку километри. Нивната карактеристична форма може јасно да се види од орбитата.

Американската организација за заштита на животната средина SkyTruth се специјализираше за евалуација на такви сателитски снимки и ги комбинира со податоци за локацијата од бродовите. Врз основа на податоците на SkyTruth, ДВ и неговите партнери успеаја да идентификуваат повеќе од 1.500 сомнителни нелегални испуштања нафта ширум светот во периодот помеѓу јули 2020 и декември 2022 година.

- повеќе: Нафтена дамка во Средоземното море голема колку Њујорк

Според проценките на SkyTruth, количеството на мрсна вода што се испушта во океаните на овој начин би можела да изнесува повеќе од 200.000 кубни метри годишно. Тоа е околу пет пати повеќе од катастрофата со истекувањето на нафта во 1989 година, кога танкерот „Ексон Валдез“ потона кај Алјаска.

Сепак, сателитите покриваат само мал дел од светските мориња, така што реалниот број на можни загадувања е веројатно многу поголем.

#dw_BalkanBooster: Обединети нуркачи за чистење на Јадранот

Системот за предупредување на Европската унија 

Борбата против загадувањето со нафта ја започна и ЕУ. За тоа е одговорна Европската агенција за поморска безбедност (ЕМСА). Таа исто така анализира сателитски снимки, но не ги објавува своите податоци. Кривичниот прогон им го препушта на земјите-членки.

Доколку ЕМСА открие можно загадување на сателитски снимки, погодената земја ќе добие предупредување во рок од максимум 30 минути. И тогаш таа може да испрати авион или брод за да ги потврди наводите на ЕМСА.

Од 2007 година, ЕМСА, преку својата програма CleanSeaNet, идентификуваше повеќе од 44.000 можни случаи на загадување во европските води. Сепак, системот има и некои слабости: многу земји-членки реагираат премногу бавно на предупредувањата. Во текот на 2019 година, само 30 отсто од сите аларми испратени од ЕМСА биле проверени на лице место. А само пет проценети проверки се извршени во критичниот период, т.е. во првите три часа. После тоа, мрсната трага се шири во водата.

#dw_BalkanBooster: Колку е чисто морето кај Цавтат?

Казните се мали 

Според Маја Марковчиќ Костелац, директорка на ЕМСА, „сѐ уште редовно се случува мрснотиите и другите штетни материи незаконски да се испуштаат во европските води.“ Само мал дел од прекршоците е предмет на истрага, односно кривично се гони, вели таа. Казните што се изрекуваат не се многу застрашувачки - во Германија честопати се работи за казни од нешто повеќе од 15.000 евра.

САД се одлучија за поинаков пристап: свиркачите во таа земја можат да сметаат на високи финансиски награди доколку на властите им пријават информации за испуштање на отпадна вода во морињата, односно во случај инцидентот да заврши на суд.

Казните за компаниите кои ќе ги прекршат правилата во САД може да изнесуваат и неколку милиони долари. А, свиркачите, дури и да немаат американско државјанство, добиваат и до 50 отсто од таа сума како награда.

Соработка: Ају Пурванингсих и Георг Матес