1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Еднаш сиромашен, секогаш сиромашен?

Кристоф Хаселбах
2 февруари 2018

Сиромаштијата кај децата е алармантно висока во Германија и во Европа. И таа се наследува. Едно истражување кај возрасни и деца покажува дека засегнатите лица се чувствуваат напуштени од државата.

https://p.dw.com/p/2rz3m
Kinderarmut Junge beim Sammeln von Pfandflaschen
Фотографија: picture-alliance/Joker

Сиромаштијата е релативна, зависи од тоа каде човек живее. Сиромаштијата во Цирих е различна од онаа во Букурешт или Сао Паоло. И покрај тоа, меѓународните организации како ОБСЕ или ЕУ развија усогласени стандарди за сиромаштија. За сиромашни се сметаат оние кои имаат на располагање помалку од 60% од просечата нето плата во земјата. Тука спаѓаат и детскиот додаток или додаток за домување. За Германија, пренесено во апсолутни бројки, тоа значи дека едно четворочлено семејство се смета за сиромашно ако, во зависност од возраста на децата, има на располагање меѓу 1987 и 2335 евра нето приход – што е богатство за многу други луѓе низ светот.

Повеќето истражувачи на сиромаштија користат поширок концепт за дефинирање на сиромаштија, не само врз основа на материјални добра, особено кога станува збор за децата. Барем во индустриските земји, многу малку деца се егзистенцијално загрозени. Тие најчесто не гладуваат и имаат покрив над главата. Последиците од сиромаштијата често не се видливи на прв поглед.

Сиромаштијата, на пример, може да значи недостаток на општествена или културна вклученост. Децата кои растат во сиромашни семејства веројатно не може да си дозволат да одат во кино, не можат да одат на курс да научат да свират некаков инструмент, не може да им се плати дополнителна настава или да слават роденден со другарчињата бидејќи сето тоа би било прескапо. Во многу случаи ваквите деца се помалку самоуверени, потешко склучуваат пријателства и често подоцна, кога ќе се вработат, не го користат до крај сопствениот потенцијал. Поради тоа често заработуваат и релативно помалку и „им ја пренесуваат во наследство“ сиромаштијата на сопствените деца.

Ова го покажува и последната студија на Бертелсман за сиромаштијата на децата во Германија, претставена во октомври 2017 година. Во просперитетна Германија секое петто дете долго живее во сиромаштија - и често останува заглавено таму, предупредува студијата. Претседателот на Одборот на фондацијата Бертелсман, Јорг Драгер, објаснува: „Оној којшто еднаш бил сиромашен, долго време останува сиромашен. Многу малку семејства успеваат да се ослободат од сиромаштија".

Deutschland Kinderarmut Symbolbild
Фотографија: picture alliance/dpa/C. Hager

Европска споредба: На врвот Данска, на дното Романија

Ситуацијата на децата во Германија, според европските стандарди, е сѐ уште добра, за разлика од земјите во развој. Според статистиката на Евростат, во 2016 година повеќе од една четвртина од сите деца во ЕУ биле „изложени на ризик од сиромаштија или социјално исклучување". На дното на листата е Романија, каде што е погодено речиси секое второ дете, а потоа следува Бугарија. На прво место на листата, вообичаено се Данска и Финска. Високо на листата се и некои земји од централноисточна Европа, како Словенија која е на трето место и Чешка на четврто. Германија е на седмата позиција на табелата, а по нејзе следат Норвешка, Швацарија и кандидатот за членство во ЕУ, Србија. Но, ако се види дека и во првопласираната Данска речиси 14% од сите деца се загрозени од сиромаштија, тогаш е јасно со каков проблем се соочени дури и богатите земји.

Deutschland Symbolbild Kinderarmut
Фотографија: picture-alliance/dpa/J. Kalaene

Образованието е поважно од парите

Германскиот детски фонд во најновиот „Извештај за состојбата на децата 2018“ не дава нови бројки за сиромаштијата. Наместо тоа, спроведена е анкета меѓу децата и возрасните за причините и решенијата во однос на сиромаштијата. Резултатот гласи: децата и возрасните се чувствуваат напуштени од државата. Три четвртини мислат дека државата и општеството прават „малку“ или „многу малку“ против сиромаштијата. Споредено со „Извештајот за состојбата на децата 2017", тоа значи зголемување од девет проценти на испитаници кои го потврдуваат овој став. Очигледно, многумина веруваат дека покрај големите најави политиката не ги „исполнила“ ветувањата.

Повеќе:

Сѐ повеќе сиромашни деца во богатата Германија

Пет најголеми ризици за сиромаштија на децата

Како најважна причина за сиромаштија испитаниците ја посочуваат незаинтересираноста на политиката пред сѐ за тоа дека „многу плати во Германија се едноставно ниски" и дека „самохраните родители имаат многу мала поддршка, на пример, финансиска или преку детски додаток." Истиот став го делат и децата и возрасните.

Во однос на мерките против сиромаштија, не се бара прво зголемување на финансиската помош како Харц IV или на детскиот додаток, туку пред сѐ се бара подобро згрижување на децата во градинките и училиштата и поголема можност за бесплатно образование. Тука се затвора кругот за проширената дефиниција на сиромаштија, која не се заснова само на материјални добра што очигледно во голема мера е прифатено во општеството.

Symbolbild Deutschland Kinderarmut
Фотографија: picture alliance/Ulrich Baumgarten

Децата против зголемување на даноците, родителите „за“

Клучно барање до политичарите според Германскиот детски фонд е фундаментално, родителите „да бидат во состојба да обезбедат економска егзистенција на своето семејство преку работа". Ако не можат да го прават тоа, „тогаш мора државата материјално да ги обезеди децата и да им се овозможи вклучување во општеството“. Во суштина, се залага за воведување на основна шема за заштита на деца „која гарантира егзистенција на деца без оглед на финансиските средства на семејството, семејната форма и претходниот систем за поддршка". Тоа се чини во моментов е политички тешко да се спроведе.

Уште еден значаен податок кој произлезе од студијата е тоа дека над 600 испитани деца на возраст меѓу 10 и 17 години одговорија многу слично на сите прашања како и над илјадата анкетирани возрасни лица - со еден голем исклучок: додека 64 проценти од возрасните одговориле потврдно на прашањето дали да се зголемат даноците за борба против детската сиромаштија, само 27 отсто од децата биле „за“, додека 73 биле против, иако самите сѐ уште не плаќаат даноци. Авторите на студијата претпоставуваат дека децата и возрасните можеби погрешно го разбрале прашањето и веројатно „сѐ уште не се доволно запознаени со концептот за даноци".