1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Сѐ повеќе сиромашни деца во богатата Германија

Вера Керн/Ж.А.12 септември 2016

Во Германија не расте само економијата, туку и детската сиромаштија, произлегува од најновата студија за овој проблем. Вина за тоа сноси и погрешната семејна политика.

https://p.dw.com/p/1K0Q8
Фотографија: picture-alliance/dpa

Што е потребно за добро, среќно детство? За разлика од многу земји во светот, во Германија, за среќа не недостига најнужното за живот. Јадење, покрив над главата, зимска облека, лекови, бесплатно школување - исполнувањето на овие основни потреби овде е разбирливо само по себе. Сиромашно дете од Баварија или Берлин сѐ уште живее привилегирано во однос на сиромашно дете од Бангладеш или Буркина Фасо. Но, и во Германија расте бројот сиромашни деца. Тоа произлегува од актуелна студија објавена од фондацијата Бертелсман. Тоа значи: речиси два милиона деца во Германија денес живеат во семејства зависни од социјална помош, што е повеќе во споредба со периодот пред пет години. За сиромашни се сметаат децата чии родители се невработени и затоа се упатени на државна помош, односно Харц 4. Податоците датираат од статистиката на Сојузната агенција за труд, како и долгогодишна студија за последиците од сиромаштијата кај децата и тинејџерите.

Без сопствена соба, без здрави заби

Што значи детска сиромаштија во една од најбогатите земји во светот? „Засегнатите деца мораат да се откажат од мноштво работи“, констатира Анете Штајн, експерт за семејна политика во фондацијата Бертелсман во разговор за Дојче веле. Одрекувањето почнува од домот: сиромашните деца најчесто немаат своја сопствена соба, а со тоа и свое катче каде можат, на пример, да ги пишуваат домашните задачи. Тие се хранат полошо, зашто наместо овошје и зеленчук често на менито добиваат брза храна, па последица се и почести болести. Освен тоа, децата од сиромашни семејства почесто се социјално изолирани, како што се вели во студијата - на пример, нема пари за училишни излети, спортски здруженија или часови по музика.

Symbolbild Deutschland Kinderarmut
Фотографија: picture alliance/Ulrich Baumgarten

Сиромаштијата - ѓаволски круг

Сето тоа влијае и за полоши шанси за образование. „Нивната целокупна образовна биографија протекува значително попроблематично отколку кај децата кои живеат во сигурни услови на живот“, истакнува експертката за семејна политика Штајн.

Сепак, равенката „еднаш сиромашен, секогаш сиромашен“ не е целосно точна. Многумина родители со помали финансиски приходи го поддржуваат свето потомство, во рамките на своите можности. Но, сиромаштијата често се „цементира“. „Колку подолго децата живеат во сиромаштија, дотолку повисок е ризикот од негативно влијание врз нивната судбина“, вели Анете Штајн. Децата од семејства на социјална помош кои стигнуваат на универзитет се сѐ уште исклучок.

Самохраните родители - високоризична група за сиромаштија

Студијата покажува дека посебно погодени се синовите и ќерките на самохрани родители, како и децата во повеќедетни семејства. Освен тоа, се чини улога игра и местото каде се живее. Генерално, во јужна Германија ризикот од сиромаштија е многу помал отколку во индустриски понеразвиените области, како во Северна Рајна Вестфалија.

Уште еден податок: речиси секое петто дете во Источна Германија расте во сиромаштија. Тажен рекордер притоа е Берлин. Речиси секое трето дете во престолнината расне во сиромашни прилики. Значително подобар старт во животот имаат децата кои живеат во Баварија или Баден Виртемберг - таму од сиромаштија е засегнато секое десетто дете.

Kinderarmut in Deutschland
Фотографија: Getty Images

„Политика која не води сметка за децата“

Анете Штајн од фондацијата Бертелсман тука гледа обврска на државата. Многу се зборува за семејна политика, нешто е и направено, вели Штајн: „Но, во целина тоа очигледно не е доволно“. Главниот проблем претставуваат износите за социјална помош. Досега износите на Харц 4, важечки за невреботените возрасни лица, за децата беа утврдени на пониско ниво. „Но, децата не се мали возрасни луѓе“, критикува Штајн, пледирајќи финансиската поддршка да биде приспособена на потребите на децата. И тие имаат потреба од пристап до културните институции и различни образовни понуди, зашто не завршува сѐ со градинката и училиштето. Штајн инсистира: „Потребна ни е политика фокусирана врз детето.“

Порастот на детската сиромаштија во богата држава како Германија не е ништо ново. Но, студијата на фондацијата Бертелсман ја покажува неефикасноста на државните мерки. До сличен резултат доаѓа и извештајот на различни социјални здтуженија во Германија. Во него исто така се бара „детски додаток базиран врз детските потреби, кој обезбедува егзистеција на најмладите“.

Среќно детство сигурно не е категорија мерлива само преку паричникот на родителите. Но, сумата на откажувања - био храна, спортски активности, часови по клавир, дополнителни предметни часови, престој во странство, семеен одмор, сепак ја покажува разликата. Според Томас Кригер, претседателот на Германската организација за помош на децата, во овој контекст парадоксално е предлогот на германскиот сојузен министер за финансии Волфганг Шојбле, кој бара зголемување на детскиот додаток за две евра по дете.