Една година во канџите на короната
26 февруари 2021Првата бројка во македонскиот ковид-биланс беше запишана на 26-ти февруари минатата година. Средовечна жена, која по едномесечен престој во Италија со комбе пристигна во земјава, беше првиот регистриран случај кај кој тестот на SARS-CoV-2 беше позитивен. Добрата вест беше дека ниту еден од нејзините десетина сопатници не се инфицирал во текот на патувањето.
Надвор од границите на Северна Македонија, првиот случај на заразен македонски државјанин беше регистриран малку порано, на 13-ти февруари. Македонецот бил член на посадата на бродот „Дајмонд Принцес“ со 3.500 патници, каде првиот потврден случај на заразен бил на 4-ти февруари. Бродот беше закотвен и ставен во карантин на пристаништето во Јокохама, Јапонија, а македонскиот државјанин пренесен на лекување во тамошната болница.
Од еден до...
Месецот февруари минатата година заврши со еден регистриран случај на заразен. Растот почна да се регистрира од почетокот на март, поради што беа донесени првите позначајни мерки за превенција од ширењето на вирусот: по седум потврдени позитивни на вирусот, превентивно на 11-ти март беа затворени градинките, училиштата и факултетите, а забранети јавните настани.
Поради доминација на новозаразени од подрачјето Дебар, во таа и во соседната општина Центар Жупа, на 13-ти март беше прогласена кризна состојба: двете општини практично беа ставени во карантин, со ангажирање на Армијата.
Повеќе:
-Бројот на новозаразени од Ковид-19 во С. Македонија повторно расте
-Први вакцинирани во С. Македонија против Ковид-19
-Британска мутација внесе немир во С. Македонија
По предлог на техничката влада (формирана заради закажаните парламентарни избори) претседателот Стево Пендаровски на 18-ти март прогласи вонредна состојба на целата територија, мерка што се воведе за првпат во историјата на државата. На 22-ри март беше забрането движење на населението во периодот од 21 до 06 часот секој ден, на територијата на целата држава. Здравствените власти апелираа да се почитување на ограничувањата на движењето и на другите превентивни мерки за заштита од коронавирусот, бидејќи преку таква самодисциплина одржат т.н. блага крива на заразата, и же се спречи заразата одеднаш да ги оптовари или колабира ресурсите на здравствениот систем.
Брз раст на заразените
Ако до крајот на март бројката на заразени беше малку над 300 случаи, до крајот на април стигна речиси до 1.500 со 77 смртни случаи. Неславен рекорд беше регистриран на 16-ти април со 107 новозаразени, и преминување на „психолошката граница“ од над 1.000 дијагностицирани пациенти со Ковид -19. До крајот на мај имаше околу вкупно 2.200 заболени и 130 смртни случаи, а до крајот на јуни до 6.200 заболени и 300 починати.
Во тој период граѓаните поминаа многу празнични и викенд карантини, од кои најдолгото, 85-часовно ограничување на движењето траеше за време на Велигденските празници. Годината главно помина во рестрикции за патувања, со оглед дека многу земји ги затворија границите, а авиокомпаниите ги откажаа летовите. „Новото нормално“ стана живот под маски и под постојани апели за заштита - миење раце и држење дистанца. Беа донесени и седумдесетина протоколи со кои се регулираа сите сегменти од секојдневието во согласност со мерките за здравствена заштита - работа, јавен превоз, државни, културни и спортски настани итн.
Начинот на работа некаде се адаптираше во согласност со потребите од превентива, со сменско работење или ротации, а некаде целосно се промени: „работа од дома" и „онлајн настава" станаа најчесто споменуваните зборови.
Ако пролетта луѓето стравуваа од денот кога бројот на вкупно заразени ќе достигне до 1.000 случаи, веќе во октомври лани „илјадарката“ стана дневна бројка на новодијагностицирани. Една година подоцна бројката на заразени е до 101.214 лица, на оздравени 90.685, на активни случаи 7.418, а на починати 3.111.
Имунизацијата доцни
Надежта останува во процесот на имунизација, кој во земјава започна благодарение на донација на вакцини од соседна Србија. Станува збор за околу 8.000 дози, со кои ќе се комплетира вакцинацијата на околу 4. 000 здравствени работници, по што ќе треба да се вакцинираат хронично болните и повозрасните лица. Засега е неизвесно кога ќе уследи таа фаза, бидејќи сѐ уште не се знае кога ќе пристигнат кинеските вакцини и оние на „Фајзер".
Но, извесно дека и 2021 година ќе помине во рестрикции, и заради доцнењето на доставата на вакцините, но и поради новите, позаразни видови на вирусот. Лидерите на Европска Унија вчера потврдија дека ќе ги задржат „цврстите ограничувања“ на јавниот живот и слободното движење токму поради појавата на новите видови на вирусот, поради кои и имунизацијата може да стане континуиран процес подолг временски период. Бидејќи фармацевтските компании доцнат во испораката на вакцини против Ковид-19, неизвесно е дали ќе се реализира целта - вакцинирање на 70 отсто од возрасното население во ЕУ до крајот на летото.
Поради тешкиот пристап до вакцини, во земјава не може да се направи проценка кога би можел да заврши процесот на имунизација на поголемиот дел од населението.