1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Еден Амди, Бајрами Рој

14 февруари 2019

Амди можеби не е сериозен кандидат за Претседателските избори, но е сосема сериозен предвесник на она што ќе се случува на следните парламентарни избори. Колумна на Арсим Зеколи.        

https://p.dw.com/p/3DOkG
Mazedonien Arsim Zekolli
Фотографија: DW/K. Blazevska

Амди Бајрам секако нема да биде избран за Претседател. Но доколку има фактор кој може да спречи изборен бојкот, ја амортизира апстиненцијата и разбурка апатијата – не барајте друг. Амди Бајрам е единствениот кој тоа ќе може да го испорача. Во неговиот лик и веселост ќе го најдете антидотот на апатичниот песимизам, во чекор со неговата употребна вредност за де факто бојкотирање на изборите преку де јуре учество на нив. На начин кој би ги распаметил сите партии, сосе нивните амбасадорски лидери и кандидати. Со името на Амди Бајрам на изборните ливчиња паѓаат во вода сите горопадни аргументи на домашниот естаблишмент дека бојкотот е глупав, бојкотот е за кукавици, бојкотот е за смотани, бојкотот е блабла. Не ви се допаѓа Чарлс Ц. Бојкот? Еве ви го Амди Бајрам!

Можеме ние да се потсмеваме, но буцместиот аспирант за Шеф на државата со својата кандидатура е можеби светски најтрендовскиот феномен во земјата, „лист од наша гора” во плејадата случајни лидери именувани поради комичност, виц или случајност. Од историјата на Клавдиј, па до современоста на Пепе Грило, човештвото немало кусок ликови кои според ниедна логика не требало да станат фигури на историјата. Но, ете, сепак бивало и бива политиката одвреме навреме да понуди симпатични губитници кои со милост на Фортуна или забава на плебсот станале државници. И тоа такви, за кои низ читанките повеќе ќе најдете оди на пофалби, отколку адаџа на трагедии.

Кока-Кола и боза

Во домашни рамки, што друго да се каже за него освен да се потврди неговата самопроценка дека тој навистина е бренд, самосоздаден и автономен. Нема збор ни дилема дека е така, тој денес и овде навистина е Кока-Кола бренд, но главно поради тоа што останатите се боза. Логично е затоа што неговата појава е проследена со шум на Кока-Кола свежина среде картагенски опустошена Северна Македонија, слаткаста, глобално позната, пријатно греблива и со притаено ветување на авантура. Споредете го тоа со неговите ривали, наредени еден до друг како келнери на нашата носталгичност, со замрсени чаши боза кои се продаваат единствено за полесно да се проголтаат еклерите, индијанките и тулумбите во партиските излози, прелиени со тони шербет, шлаг, путер и холестерол.   

Надвор од шаблоните и штапски пресметки исполнети со гробни сериозности, Амди Бајрам е единствениот „хеј-хај баш нас брига” емотивен исклучок на полетност, кој ниту ги потценува другите ниту пак се преценува себеси. Среде сите излитени партитури, оперети и водвиљи, неговата кандидатура е безмалку Ода на Радоста и летен клик на joie de vivre. На неговото лице имаме видено и среќа и тага, гримаси на пакост и добродушност, антологиски смешки и грст болни вистини кои ретко кој друг патриотски лидер имал срце да ги искаже. Сместен во сендвич помеѓу внатрешнополитичките кандидати на ВМРО и надворешнополитичките фаворити на СДУИ, Амди Бајрам е единствениот кој се нуди таков како што е, овде и сега, без помпа и јагма, медиумски соголен до коска. И покрај тоа, сѐ уште полн со искреност дека, ете бе, сака да биде Прецедник оти му е ќејф. За разлика од ривалската братија на пожртвувани, спремни да гинат, од мост да висат, џигери чавки да им клукаат кандидати на патриотизмот, европејството, путинизмот и генерално кажано мотивирани од ама баш истиот мерак како оној на Амди.   

Други колумни од авторот: 

Арт, Пол и neue stalinistische Kunst

Радио Северна-Македонија не јавува

О, би можел Амди да истрча на сцена и како Бора Чорба и да рикне во микрофонот „Јас војувам сам” и да не се зачудите доколку публиката запее со него, развеселена што пред себе конечно гледаат обично-сличен на нив човек, без шминка и парфем, некој кој не им набива комплекси за да ги смали, понижи. И притоа да се почувствуваат големи и сериозни. Онака како што некогаш се чувствуваа со Заев, пред да се заплетка во сопствените „вистини” и да си го наплати во кеш оптимизмот на лековерните. Затоа, оваа денешна Македонија на рефузот, талогот на очајот што не успеал да избега, во Амди гледа слатка одмазда, свилен гајтан за оние кои ги избркаа нивните деца за да си ги накалемат сопствените.    

Аргументите кои не одат во прилог на кандидатурата на Амди се безбројни. Настрана претпоставените, неискажани мотиви за негово одбивање, критичарите ќе наведат дека дотичниот лик бил во затвор. Дека е вулгарен, недоделкан и непристоен. Не знае странски јазици. Како најстар пратеник по стаж во Собранието, бил декор во секоја влада. Син му дипломи купувал! Е па како таков, на Водно ....

Беседа за нас

По овој список аргументи, доаѓаме до првата сеопшта негативна консензуална согласност за небивање од него материјал за Претседател. И со тоа го заокружуваме полесниот дел од задачата, имено, описот на неприфатлив профил за Шеф на држава, ексклузивно олицетворен во ликот на Амди Бајрам. И со тоа тука ја завршуваме сторијата за него. И ја започнуваме беседата за нас. 

Бидејќи, во кандидатурана негова најмалку станува збор за него, а најмногу за останатите кандидати засебно и општеството севкупно. Воопшто не ја спорам, ниту ми пречи глаголивоста, галамџиството и сецирањето изведено на Амди. Освен кога аршините употребени кон него, по правило ги снемува штом пред камерите ќе застанат „сериозните” кандидати на големите партии и медиумски профитероли.

Запрашајте се, дали кој било од останатите кандидати – кој било од сите нас! - би успеал да ја задржи својата брендовска „цакана” лакировка доколку и тие би биле изложени на таква немилосрдна, поспрдна, потсмешлива, потценувачка, цинична медиумска нудистика како што му се приредува на Амди и секој друг кој не е однапред оценет како „вреден за почит”? Дали Амди би останал ексклузивно смешен, доколку на останатите македонски и албански кандидати со глави полни Бајрами им се постават прашања за нивните затворски мината? За потеклото на дипломите на нивните роднини? За нивните кражби од и по транзицијата? За нивните брашно-зејтин-чевла кандидати од сопствените изборни единици? За изјавите од минатото кои ги бришат од архивите? За нивните успешни кариери започнати на јаслите на мама, тато и бате Бранко (како единствена спојка меѓу нив)? За пишаните пцости и гадости на „урбаните боеми” во чии усти гениталиите демек звучат авангардно кафикијанско-боемски, за разлика од оние искажани во Шутка? За нивните чесни службувања, кои често и не би можеле воопшто да се случат без помошта и гласот од Амди и слични на него Бајрами? 

Во нашата евнухизирана од логика колективна свест, сосема е нормално и лесно да го исмејуваме Амди дека бил со секоја власт и со презир да ја пречекаме неговата мантра дека „ние Ромите сме мали, па мораме секогаш да се држиме со власта”. Жално, нели? Со примеси на комичност и сожаливост. Но во иста таа колективна свест е сосема логично, напредно, визионерски кога и шуто и рогато, и лево и десно, и сдуивско и вмровско со усти полни влажна важност ќе изанализираат дека „за мала земја како Македонија, ЕУ и НАТО се единствена опција” или „сонцето за нив се раѓа на Запад”.  Но добро, сепак не е исто. Амди е далеку поискрен во неговата оценка. Зошто? Бидејќи како последна дупка на политичкиот кавал, Амди знае дека тоа што е тој во очите на Скопје, е всушност истото што Скопје е во очите на Европа. Но со една мала битна дигресија, молам – за разлика од останатите, на Ромите никогаш не им било потребно Министерство за Култура за да создаваат сопствена жива, креативна уметност. И тоа во толкави количества и квалитет што и покрај сите крадења, сѐ уште имаат за извоз. Светски!  

Искрено, сосема искрено се надевам дека Амди Бајрам ќе успее да собере потписи и ќе се кандидира за Претседател. Тоа би било огромен успех за него. А за сите нас, можност низ фингираните интервјуа по партиски, кумски телевизии, лукс постери, искривени насмевки да видиме колку е голема лагата во која живееме и хипокризијата која нѐ опкружува. И која ќе продолжи, со или без Амди. Кој секако не е нашиот Доналд Трамп. Но односот на јавноста кон него дава причина да го сметаме за домашна верзија на Сара Пејлин, предвесничката која ја најави промената на штимунгот на јавноста кон политиката и културата на вообичаени калап-политичари. Амди можеби не е сериозен кандидат за Претседателските избори, но е сосема сериозен предвесник за она што ќе се случува на следните парламентарни избори.        

 

Mazedonien Arsim Zekolli
Арсим Зеколи Дипломат, историчар на уметност, преведувач