1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Европските избори ја нишаат владата на Меркел

БГ
27 мај 2019

Историски најлоши резултати за владејачките конзервативци и социјалдемократи на европските избори во Германија. Зелените се во голем подем, а владата на Меркел повторно се клати. Слабее и влијанието на Германија во ЕУ.

https://p.dw.com/p/3JAv2
Deutschland | Europawahlen | Reaktion CDU Mitglieder
Фотографија: Getty Images/AFP/O. Andersen

Трендот на драматичен пад на довербата на граѓаните во партиите од центарот во Германија доби своја потврда и на изборите за Европскиот парламент. Двете најголеми партии, Конзервативците на канцеларката Меркел и Социјалдемократите кои ја сочинуваат и коалицијата на централно ниво, повторно добија „шлаканица“ од граѓаните, што ја прави неизвесна и иднината на нивната соработка во владата. Според првичните постизборни анализи двете партии ја губат довербата во своите традиционални упоришта, но прават и драматично погрешни проценки во привлекувањето на младите гласачи. Партијата на Меркел- ЦДУ, кампањата им ја посвети воглавно на безбедносни прашања, сигурноста на границите и решавањето на проблемот на мигрантите. Тоа и донесе 28 отсто од гласовите- најлош резултат во партиската историја.
Партиската шефица на ЦДУ, Анегрет Крамп-Каренбауер, која се надева дека ќе ја наследи Меркел на чело на владата во 2021, ги призна грешките. „Да, направивме грешки во изборната кампања, тоа мора да се признае“.

Новиот „цајтгајст“ е зелен!
Социјалдемократите не успеаја да се фокусираат на една тема, па обидувајќи се да ги задоволат сите вкусови и да опфатат што поголем број гласачи на крајот останаа со за нив бедни 15 проценти од гласовите.
Таквиот тежок пораз веќе ги наведе медиумите во земјата да шпекулираат дека поранешниот партиски лидер на СПД, Мартин Шулц веќе се подготвува да се врати на чело на партијата во септември, кога мандатот на актуелниот лидер Андреа Налес ќе дојде на дневен ред пред партиските органи.

Профитираа Зелените кои препознаа дека, особено кај младите генерации, клучна тема е животната средина. Со речиси 22 отсто освоени гласови, историски највисок резултат, Зелените сега се профилираа како втора најсилна партија во Германија. Некои германски медиуми денеска објавија дека „новиот цајтгајст е Зелен.“

Infografik Vorl. amtl. Endergebnis 9:00 EU Wahl 2019 - Deutschland MAZ
Како гласаше Германија

Во европски рамки, лошите резултати на водечките германски партии значат и слабеење на нивното влијание. Како што изјави актуелниот еврокомесар за буџет и човечки ресурси Гинтер Етингер германското влијание во Европа ќе биде намалено.
„Разочаран сум. Најголеми фракции (во Европскиот парламент, н.з.) остануваат конзервативците, социјалдемократите и либералите. Но, во сите три Германија е лошо застапена. ФДП (германски Либерали, н.з.) останува слаба, ЦДУ е слаба, а СПД е катастрофа. Тоа значи дека ќе се намали германското влијание. Единственото што радува е дека десничарите и популистите имаат едвај 20 проценти и со тоа некои грижи се избегнати. Тие нема да одлучуваат во Европа, а секако нема да ја уништат“, рече Етингер.

Владата се ниша
По едно кусо затишје, повторно се отвора прашањето за иднината на коалициската влада во Берлин, а со тоа и на Ангела Меркел на нејзино чело. Се прогнозираат немирни времиња. Причината за тоа воглавно се Социјалдемократите. Најстарата европска партија веќе речиси една деценија мака-мачи да го пронајде својот вистински курс и да допре до гласачите кои по секои избори ја напуштаат во поголем број. Сега веќе прашањето не е дали социјалдемократите ќе најдат начин да се обноват, туку дали ќе преживеат? Зидојче цајтунг денеска пишува дека веќе „се работи за нивната егзистенција“, а клучната дилема е дали партијата може да го преживее останувањето во коалицијата со Меркел? Доколку одговорот на тоа прашање на крајот биде негативен, очекувањата се дека СПД ќе ја напушти владата, а во таква ситуација неизбежни ќе бидат предвремени парламентарни избори во Германија. Со нив, ќе дојде крајот и на владеењето на Меркел која веќе најави дека актуелниот ќе и биде последен мандат на чело на владата.