1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нова германска влада - во игра и улогата на Берлин во ЕУ?

Кристоф Хаселбах
3 март 2018

Изјаснувањето на членството на СПД за голема коалиција со ЦДУ/ЦСУ, кое ќе биде познато утре, не е важно само од аспект на формирање германска влада. Од него зависи и улогата на Германија во Европа.

https://p.dw.com/p/2ta3j
Deutschland SPD im Abwärtstrend
Фотографија: imago/R. Peters

Европската комисија се подготвува и за најлошо сценарио, изјави нејзиниот претседател Жан-Клод Јункер минатата недела на една подиумска дебата. Неговата загриженост е предизвикана првенствено од исходот на италијанските парламентарни избори, од можноста нејасните односи на моќта да спречат формирање ефикасна влада. Во тој контекст спомена дури и опасност од турбуленции на финаниските пазари. Подоцна изјави дека бил погрешно разбран. Но, Јункер како причина за својот немир го назначи и партискиот референдум на Социјалдемократската партија на Германија: без согласност на членството на СПД, нема да има голема коалиција,  а со тоа привремено ниту нова влада во водечката сила во Европа.

Ангела Меркел е свесна за значењето на идна германска влада и во европски рамки. Во нејзината најнова владина изјава за европолитиката минатата недела, таа истакна: „На Европа ѝ е потребен нов почеток“. Тоа стои дури и во коалицискиот договор - 2018-та е година во која треба да бидат поставени насоките за иднината. Но, изјавата Меркел ја даде во својство на канцеларка на техничка влада. Со тоа, пред вонредниот ЕУ-самит таа иницираше впечаток дека европските партнери очекуваат стабилна германска влада, и еден вид повик до членовите на СПД да поддржат коалиција со партиите на Унијата.

Дали во Брисел ќе избие паника ако не дојде до формирање голема коалиција во Берлин? Секако не, смета Јанис Еманулидис од бриселскиот тинк-тенк Европски политички центар. Но, би дошло до „извесна несигурност, доколку еден од најсилните актери нема влада која е во состојба да учествува во носењето клучни одлуки“. Затоа, во Брисел се надеваат на формирање голема коалиција.

Angela Merkel äußert sich zu neuen Kabinettsmitgliedern
Се ниша „тронот“ на Меркел?Фотографија: picture alliance/dpa/B. von Jutrczenka

Меркел веќе не е „госпоѓа Европа“

Но, дури и да се создаде влада на голема коалиција, Меркел веќе не може да полага на право на неспорна водечка фигура во Брисел, улога која ја имаше до изборите за Бундестагот. Американскиот магазин „Тајм“ пред неколку години ја нарече „госпоѓа Европа“. По доаѓањето на Доналд Трамп на претседателската функција во САД, некои медиуми на англиски јазик ја стилизираа Меркел дури и како лидерка на целокупниот западен свет. Тоа е веќе минато. На крајот на ланската година, „Тајм“ улогата на „иден европски лидер“ му ја припиша на францускиот претседател Емануел Макрон. Паралелно со драстичната загуба на доверба кај гласачите на партијата на Меркел на парламентарните избори, Макрон излезе со ореол на јасен победник од француските претседателски избори. Додека Макрон приредуваше приеми за „тешките“ претседатели Трамп, Путин и Ердоган, и кај сите одделно покажа сувереност, Меркел половина од ланската година ја помина во сондирачки разговори и коалициони преговори.

Макрон не ѝ го одзеде рангот на Меркел, смета Штефан Зајдендорф, заменик-директор на Германско-францускиот институт во Лудвигсбург, но ги користи сите инструменти на моќта, на пример дипломатијата и војската, за да го истакне француското влијание во Европа и во светот. На европска сцена тој се истакнува со реформски предлози, пледирајќи на пример за заеднички министер за финансии и заеднички буџет на еврозоната, кон што првенствено Унијата во Германија покажува скептичност. Берлин повторно се гледа во дефанзива. Претседателот на германските либерали (ФДП), Кристијан Линднер, изрази критика дека Франција во меѓувреме „го одредува тактот“.

Повеќе на темата: 

Меркел- жената со челични нерви

Висока цена за четвртиот мандат на Ангела Меркел

Дали е Емануел Макрон спасителот на ЕУ?

Заедничко водство со Франција

Според Јанис Еманулидис, во случај Меркел повторно да биде канцелар на голема коалиција, „таа и во иднина ќе има силна водечка улога.“ Значајната улога на Германија е непроменета. „Истовремено, постои и посилен баланс помеѓу земјите-членки“, дополнува Еманулидис. Првенствено односот меѓу Германија и Франција денес е „поурамнотежен отколку пред неколку години.“ Покрај подемот на улогата на Франција со Макрон на чело, кон тоа придонесе во помала мерка и долгото сондирање и коалициските преговори во Германија. „Берлин ја нема истата сила како порано“, истакнува експертот. Тоа се должи и на слабеењето на еврокризата и појавата на нови предизвици, кои доведоа до тоа тежината на Германија денес да не е иста со претходната. Од европска перспектива, тоа меѓутоа е „добра вест“, зашто овозможува полесно спроведување на заеднички реформи.

EU Gipfel Merkel mit Macron
Заеднички посилни? Емануел Макрон и Ангела МеркелФотографија: Reuters/F. Lenoir

Тесен временски простор

Лоша вест напротив е расцепот во Европа, денес веројатно подлабок од кога било досега. Вишеградските држави од централноисточна Европа не се подготвени на никакви отстапки, посебно во бегалската политика, на кои постојано ги повикуваше во прв план Меркел. Следната голема кавга е програмирана во врска со ЕУ-буџетот. Германија веќе понуди да преземе дел од плаќањата кои ќе отпаднат со напуштањето на Велика Британија на ЕУ. Во Германија почнаа да ја критикуваат за распродажба на земјата. Шефот на ФДП, Линднер изјави: „Со тоа ја слабеете германската преговарачка позиција.“ Шефицата на пратеничката група на АфД во Бундестагот, Алис Вајдел, префрли дека за канцеларката „поголема одговорност за Европа“ значи давање повеќе пари и откажување од суверенитетот.  

Апропо АфД: Во Европскиот парламент уште сега десничарските популисти се застапени со 20 проценти. Умерените партии стравуваат дека на следните европски избори во мај 2019. година десничарите ќе се намножат. Дотогаш ЕК и владите сакаат на граѓаните да им понудат конкретни решенија за нивните проблеми, за да ја елиминираат причината тие да гласаат за десничарските партии. Рокот е прилично мал. Ако членовите на СПД се изјаснат против голема коалиција и во Германија се одржат нови избори, ќе помине уште половина година, во која најважната земја во Европа нема да може да ја врши својата улога на креатор. Потоа речиси не останува време за конкретно делување.

 

Читајте нѐ и преку апликацијата на ДВ за андроид