1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кауција за доселување во ЕУ на одредено време

Кај-Александер Шолц
6 јуни 2020

Дали во Германија се враќа идејата за „гастарбајтери“? Советодавно експертско тело се залага за модел, според кој мигрантите би плаќале кауција. Сето ова потсетува на врбувањето работници во странство во 1960-те години.

https://p.dw.com/p/3be50
Mittelmeer MS Aquarius geretteter Bootsflüchtling
Фотографија: picture-alliance/NurPhoto/M. Panzetti

Веќе 12 години постои Стручен совет на германската Фондација за интеграција и миграции. Овој тинк-тенк од Берлин си обезбеди важно место во дискусијата за доселување, миграција и бегалци. Експертите за миграции сега претставија еден нов модел за работнамиграција од африканските земји во државите од ЕУ. Сржта на овој модел е издавање „привремена виза со плаќање кауција.“

Тоа би требало да функционира на ваков начин: граѓаните од Африка ѝ плаќаат кауција на земја во ЕУ по свој избор. Со тоа стекнуваат право да дојдат во таа земја и да работат еден одреден временски период. Во таа земја не би смееле да користат социјални услуги финансирани од средствата на даночните обврзници. По истекот на рокот, би морале да се вратат во земјата на потекло од Африка и да си ги добијат назад парите од кауцијата. Мигрантите би имале право на повторно доаѓање, а експертите од берлинскиот труст на мозоци зборуваат за т.н. „циркуларна миграција“.

Со овој модел би требало да се постигнат две работи, изјави претседавачката со Советот, Петра Бендел. Прво, овој нов пат на регуларна миграција би требало да понуди алтернатива наспроти криумчарските банди и често опасниот пат преку Средоземно Море. Второ, пазарот на труд во ЕУ би требало да се отвори пред сѐ за едноставни работи, значи неквалификувани - што постојано одново го бараат здруженијата на работодавачи.

Даниел Тим од Стручниот совет зборува за т.н. трипл-вин ситуација: земјата на потекло, целната земја и самите мигранти – сите би требало да профитираат од привременото доселување.

Sachverständigenrat deutscher Stiftungen für Integration und Migration
Експертите од германската Фондација за интеграција и миграцииФотографија: Michael Setzpfandt

Кауција и кооперација

А за ова да функционира на ваков начин, земјата на потекло секако би требало да ја задржи спремноста повторно да ги прими своите граѓани. Исуството покажува дека вакви спогодби за повторно прифаќање не се сфаќаат здраво за готово. Но, тие би можело да се промовираат, со оглед што се работи за модел каде обете страни се на исто ниво, уверена е Бендел. Притоа, повратниците би можеле во Африка да ги инвестираат и парите и знаењето од Европа, да основаат фирма...

Од друга страна, за европското население да го прифати овој модел, треба да се знае дека враќањето навистина ќе функционира. Членката на Советот, Клаудија Дил, укажува наисторијата на гастарбајтерите во Германија. Првенствено во 1960-те, кога од југоисточна Европа и северна Африка дошле да работат во Германија. Најголем број од нив подоцна не се вратиле во татковината. Значи, и со овој модел би можело да се случи луѓето во Греманија да останат подолго, можеби и засекогаш.

Африка како ново тежиште на ЕУ

Стручниот совет веќе 11 години објавува годишна експертиза, но првпат се фокусира на Африка. Можеби затоа што експертизата ја финансираше со 95 проценти за првпат Министерството за внатрешни работи на Германија. Германската влада најави дека темата Африка ќе биде тежиште на германското претседавање со ЕУ, кое почнува на 1 јули. Префрлањето на акцентот врз Африка беше видно уште кога Урсула фон дер Лајен го презеде водството со Европската комисија. Нејзиното прво патување како шефица на ЕК беше во декември 2019 година на африканскиот континент.

Експертите за миграции се надеваат дека Германија ќе даде добар пример и ќе ги придвижи првите пилот-проекти. Тоа би можело да ги мотивира и другите држави. Крајно, Германија се доживува како „искрен посредник во бегалската политика“, смета Бендел.

Без неконтролирано доселување

Експертите се на мислење дека во јавната дебата е важно нагласувањето – во овој случај не станува збор за неконтролирано доселување. Затоа се презентирани и бројки. Уделот на доселеници од Африка во 2018 година во вкупното население во Германија бил помал од еден процент. Освен тоа, половината од мигрантите својата нова татковина ја бараат во самата Африка. Други пак сакаат да заминат во Америка. Првенствена цел за мигрантите од Африка се некогашните колонијални сили: Белгија, Франција... Експертите сметаат дека вкупните прогнози за скоро незапирливо доселување во Европа се научно неодржливи, стои во студијата. Советот предупредува од развивање „алармантна расправа“. 

Меѓутоа, кризата со коронавирусот застана на патот на овој предлог на експертите. Зашто, потребата од работна сила во Европа сигурно ќе се намали поради очекуваната рецесија, вели Даниел Тим. Но, миграцијата од Африка, среднорочно и долгорочно, ќе остане како тема. Затоа, сметa експертот, важно е сѐ да биде спремно и да се испробаат одделни модели. Зашто, како што покажа и короната, клучно е правовремено да се биде подготвен за кризи.