Која е новата шефица на дипломатијата на Косово?
26 март 2021„Ако не знаете од каде доаѓате, не можете да знаете ни каде сакате да одите.“ Со овие зборови Доника Гервала-Шварц ја започна својата објава на Фејсбук во која им се заблагодари на сите кои ја поддржаа, откако косовскиот парламент ја избра за министерка за надворешни работи.
Оваа 49-годишна косовска Албанка до неодамна живееше во Бон, со сопругот Германец и петте деца. Работеше како преведувач. Во одлучувачките моменти за албанската историја секогаш била присутна кога требало, играјќи притоа нималку безначајна улога.
„Отворени рани“
Нејзина главна особина: таа укажува на неправилности, па дури и ако цената која поради тоа мора да се плати е висока. Со тоа е родена и тоа најверојатно ѝ останало од татко ѝ Јусуф Гервала, поет, музичар и новинар, но и остар критичар на Титовиот режим.
Во 1979 година тој бил присилен да побегне со семејството во Германија. Доника Гервала во тоа време имала 8 години. Две години подоцна, во јануари 1981 година, на домашниот праг убиени се татко ѝ, чичко ѝ и семеен пријател. Тоа најверојатно го сторила југословенската тајна служба.
Повеќе:
-Нова влада на Косово: Пандемијата - главен предизвик
-Вашингтон е јасен, но што Брисел очекува од Курти?
-Косово: Граѓаните очекуваат промени од новата влада
Тоа што германските власти сѐ уште не успеале да го расветлат ова убиство веројатно е последица на фактот дека српските власти не сакале да достават никакви документи, изјави Доника Гервала неодамна во едно интервју за косовската телевизија.
Тогаш уште рече оти тоа е само еден од илјадниците други неразјаснети случаи и судбини на косовските Албанци, особено на оние кои се депортирани во Србија за време на војната 1998/99. А, без разјаснување на таквите случаи, нема да има разговор за нормализирање, нагласи таа во текот на предизборната кампања. „Имаме неколку отворени рани во оваа земја кои не можеме да ги сокриеме. Не можеме на нашите граѓани едноставно да им кажеме: Заборавете ги исчезнатите, убиените, заборавете ги злосторствата“, нагласи тогаш Доника Гервала во контекст на преговорите со Србија.
„Албанска пролет“
Својата младост ја поминала во Албанија, во комунистичка диктатура на Енвер Хоџа. Тој доаѓањето на познатото косовско семејство се обидел да го искористи за да го подобри својот имиџ. Уште како девојче и одличен ученик е избрана да му предаде цвеќе на Хоџа, но и да настапи како флejтистка на големи концерти. Подоцна, како млада студентка на Академијата на уметности, се вклучила во „Албанската пролет“ и била една од студентките кои стапиле во штрајк со глад во 1991 година, што на крајот доведе до симнување на режимот на Рамиз Алија, последниот комунистички претседател во Албанија.
Потоа Гервала се врти кон својата прва татковина, Косово. Но, сега делува од Германија. Студирала право во Хамбург и станала мајка. Често ја гледале како трча меѓу универзитетските сали, градинката и протестните собири на кои учествувала против угнетувањето на Албанците од страна на режимот на Милошевиќ.
Како портпарол на германскиот огранок на партијата ЛДК, на тогашниот лидер на Албанците и „косовски Ганди“ - Ибрахим Ругова, изнесувала аргументи во дискусијата на германските ТВ-станици, во кои учествуваа лидерите на тогашната опозиција во Србија, како Зоран Ѓинѓиќ или Весна Пешиќ. На течен германски јазик, со едвај забележлив нагласок, објаснува зошто Милошевиќ мора да се предаде во Хаг и зошто тие би требало да зборуваат на темата за независност на Косово со Ругова, кој го разбира јазикот на мирот. Овие видео-записи сега кружат на социјалните мрежи, и многумина се воодушевени со силата на нејзиниот говор и аргументи, како на германски, така и на албански јазик.
Враќање на Косово
На Косово по војната немало место за младата политичарка кој не се плаши да покаже храброст кон пријателите. Во 2018 година се обидела да се врати на Косово како претседавач на германскиот огранок на ЛДК и, заедно со други истакнати политичари, како Вјоса Османи, да се обиде да спроведе реформа во ЛДК. Но, тогашниот претседател на партијата ја одбил критичарката со остар јазик и не ѝ дозволил да учествува во изборите.
Албин Курти, кој во понеделникот на 22 март беше избран за косовски премиер, го откри нејзиниот потенцијал, меѓу останатото и поради тоа што секогаш следел што се случува во дијаспората.
Така, Доника Гервала за првпат се кандидираше за косовскиот парламент во јануари 2021 година. Нејзиното име се најде на листата на новооснованата партија „Осмели се“ на Вјоса Османи. Таа освои 70.000 гласа повеќе од доскорешниот косовски премиер Авдула Хоти.
Сега двојката Курти-Гервала ќе го предводи Косово во преговорите со Србија. „Ќе побараме помош од нашите европски и американски партнери за да развиеме заедничка стратегија и да покажеме каде е нашата црвена линија“, рече Гервала пред изборите. Таа нагласи, исто така, дека во целост им верува на САД под раководство на Џо Бајден, но и на Германија и на ЕУ.
Доника Гервала е остра критичарка на Вашингтонскиот договор од 4 јули 2020 година. Што се однесува до т.н. „албанско национално единство“, во целост е јасна: во интервјуата често потенцира дека нема ништо против Албанците еден ден повторно да се поврзат. „Во моментов не можам да кажам како би изгледала таа просторна унија и дали таа би била во рамки на ЕУ или во некоја друга рамка. Но, едно е јасно - тоа мора да биде во договор со нашите соседи.“