1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нова влада на Косово: Пандемијат а- главен предизвик

Беким Шеху | агенции
23 март 2021

Косово доби нова „лево ориентирана, реформска“ влада. Вака кабинетот на премиерот Албин Курти го опишува германската агенција ДПА. Приоритети: борба со пандемијата, економијата и правда. Па, дури потоа дијалог со Србија.

https://p.dw.com/p/3qzG2
Kosovo Albin Kurti als neuer Regierungschef bestätigt
Фотографија: Laura Hasani/REUTERS

За новата влада на Косово гласаа 67 од 120 пратеници во парламентот. Триесет пратеници беа против, а воздржани немаше. Владата на Албин Курти се потпира на 58 пратеници од неговата партија Самоопределување, како и на претставниците на малцинските листи, бошњачката, турската и ромската. Пратениците од партијата Српска листа гласаа против новиот кабинет. Новата влада на Косово - „лево ориентирана, реформска“, како што ја опишува германската новинска агенција ДПА, има тројца потпретседатели и 15 министри, меѓу кои е и Горан Ракиќ од Српската листа, кој го води министерството за заедници и враќање на бегалците.

Да се обезбедат вакцини за 60 отсто од населението

Самиот Курти, како што од Приштина пренесува дописникот на ДВ од редакцијата на албански јазик, во кусиот говор по гласањето повтори дека приоритети на неговата влада се економијата и правдата.

Kosovo Albin Kurti als neuer Regierungschef bestätigt
Фотографија: Erkin Keci/AA/picture alliance

Повеќе:

-Вашингтон е јасен, но што Брисел очекува од Курти?

-Косово: Граѓаните очекуваат промени од новата влада

-Убедлива изборна победа на Самоопределување во Косово

Тој истовремено рекол оти владата во првите денови ќе се фокусира на борбата против пандемијата на коронавирусот. „Нема сомнеж дека пандемијата ќе остане главен предизвик“, изјави Курти. „Нема да губиме време и со новиот министер за здравство ќе почнеме да работиме на планот Ковид-19 да го ставиме под контрола.“ Цел, вели новиот премиер, е да се обезбедат вакцини за 60 отсто од населението.

Без компромиси со Србија

Зборувајќи за надворешнополитичката ориентација Курти рекол дека таа е јасна: сојузништво со САД и трансатлантска собработка. Што се однесува до преговорите со Србија новиот премиер вели: „Косово е независна и суверена држава. Компромисите кои се бараат и кои се штетни, веќе се направени со планот на Ахтисари. Тоа беше цената која беше платена за прогласување независност. Не можеме и не сакаме да правиме никаков друг компромис“.

Албин Курти нагласува дека приоритет во дијалогот со Србија е решавање на судбината на исчезнатите. „Имаме 1.640 исчезнати и Србија не казни никого за ова злосторство. На стрелиштето во Батајница, каде се ексхумирани 744 Албанци, нема спомен плоча ниту какво било друго обележје. Истовремено, свесни сме дека речиси една третина од исчезнатите, чија судбина сѐ уште не е разјаснета, не се Албанци. 22 години по војната сите семејства мораат да ја знаат вистината за своите за да се затворат отворените рани и ние како општество да почнеме да зараснуваме“, вели Курти.

Kosovo Albin Kurti als neuer Regierungschef bestätigt
Албин Курти: Компромисите кои се барани и кои се штетни се веќе направени со планот на АхтисариФотографија: Laura Hasani/REUTERS

Премиерот, исто така, најави оти Косово против Србија ќе поднесе тужба за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата. На Косово, вели, „му е потребен дијалог поради повраток на речиси три милијарди евра за пензии, кои Србија ги украде, поради повратокот на над 400 милиони евра украдени со злоупотреба на електрична енергија, како и поради решавање на прашањата за воена отштета, долгови и сукцесија“.

Проблем ќе биде изборот на претседател на Косово

Ова е втора влада на Албин Курти. Првата ја предводеше само 50 дена, од февруари до јуни 2020 година. Потоа, на изборите одржани на 14 февруари 2021 година, неговата партија го зголеми бројот на пратеници, така што изборот на нова влада за Самоопределување не претставуваше проблем.

Проблем може да биде изборот на нов претседател, за кој е потребно двотретинско мнозинство во парламентот, или 80 пратеници. Кандидат на Самоопределување за таа позиција е Вјоса Османи, сегашна претседателка на Собранието. Сите други опозициски партии се противат на нејзината кандидатура, а таа е поддржана од малцинските листи, освен српската, која сѐ уште нема решено за тоа прашање.