Договор за името по протестите во Грција?
5 јуни 2018Грција и Македонија си дале време за надминување на разликите околу одредни „интерпретации“ што се јавиле при усогласување на договорот, а кои биле поинакви (или различно разбрани) од она што во Брисел го договориле Коѕијас и Димитров во предлог-рамката за решавање на спорот. Дополнителните денови за решавање на овие недоразбирања го пролонгираа финалниот разговор меѓу премиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас, но врз конечниот тајминг најверојатно влијаат и протестите закажани за утревечер во најмалку 13 грчки градови.
Како што дознава ДВ, изминативе денови биле искористени за надминување на разликите, со оглед дека станува збор за чувствителна тема која треба да заврши со прифатлив компромис, а не со незадоволство на која било страна што би можело да ги закопа надежите дека воопшто е можен договор. Голема воздржаност за деталите владее кај властите и во двете земји, а дека станува збор за сложен и тежок процес, потврди и шефот на грчката дипломатија Никос Коѕијас, во вчерашното интервју за грчката државна телевизија ЕРТ.
„Преговорите секогаш не одат по права линија, туку и нагоре и надолу“, изјавил Коѕијас и изразил убеденост и надеж дека во наредните денови може да дојде до решение на прашањето за името.
„Сега дојде време да се каже големото 'да' или големото 'не'. Очигледно владата на соседната земја се соочи со некои тешкотии и размислува за некои ревизии на договорот, но верувам и се надевам дека за неколку дена сѐ ќе се надмине“, рече Коѕијас. Тој додаде оти сѐ додека нема потписи на договорот, никој не може да каже дека сѐ е готово.
Достоинствено решение
Иако во јавноста се шпекулира дека во „последните недоразбирања“ клопчето било отплеткувано со помош на меѓународните партнери на Македонија и Грција, според Коѕијас „странскиот фактор не се вмешал во ниту една од фазите на разговорите“. Тој одбил да одговори кое име може да биде дел од пакетот решение, објаснувајќи дека тоа ќе го објават двајцата премиери. Но, објаснил дека предлозите кои се квалификувале во завршна фаза на консултација биле „Република Горна Македонија“, „Република Северна Македонија“ и „Република Нова Македонија“.
Повеќе: Пинг-понг меѓу Атина и Скопје
Слични сознанија вчера изнесе и Артан Груби, пратеник, претседател на собраниската Комисија за европски прашања и шеф на Кабинетот на лидерот на ДУИ, Али Ахмети. Но, покрај имињата од сетот на Нимиц, рече дека не е исклучено да се разговара и за креативни решенија, како на пример „Република Крушевска Македонија“, „Република Современа Македонија“, „Република Европска Македонија“...
„Беше битно да се изнајде достоинствено решение, тоа да биде прифатливо за нашите сограѓани Македоници. Бидејќи ако не е достоинствено решението, тие никогаш и не би го прифатиле. И следствено на тоа, не би станале дел од НАТО и ЕУ. Решението е многу достоинствено“, потенцира Груби, објаснувајќи дека под „решение“ не мисли само на предлог-името, туку на целиот пакет: самото решение од седум точки, преамбулата, градењето мерки на доверба, како и на предвидените точки за она што ќе следи потоа. Тој посочи дека албанските преговарачи во тимот одиграле голема улога во преговорите со Грција и дека благодарение на нив е обезбедена преведливост на евентуалното ново име на англиски и на други јазици. Според него, последните информации се дека се доближени ставовите на двете страни.
Протести во Грција
Во грчката јавност разговорите за името ја креваат политичката температура особено кај опозициската „Нова Демократија“. По изјавите дека Грција го признала македонскиот јазик уште во 1977 година на конференција на ОН и дека претходните грчки влади разговарале за многу неповолни решенија, на Твитер стигна реакција до Коѕијас од Јоргос Кумуцакос, задолжен за надворешна политика во опозициската партија.
„Човекот кој во преговорите го прифатил одвратниот предлог 'Илинденска Македонија', ги обвинува оние кои не прифатиле ништо“, напиша Кумуцакос. Тој во изминативе дененови го застапуваше ставот дека е „добро решение подоцна е подобро од лошо решение денес“, што во власта и во дипломатски кругови е прочитано како обид да се влијае врз одложување на решението, имајќи предвид дека фазата „подоцна“ носи ризици: и поради неповолни периоди за разговори (изборни процеси) и поради оставање простор тие разговори да бидат минирани од неповолни влијанија во регионот. Иако работата на тимовите од двете земји очигледно е при крај, не е исклучено дека врз целиот процес влијание имаат и протестите за одбрана на „грчкиот карактер на Македонија“ закажани за утре (6.6.) во 19.30 часот.
„Комитетот за борба за грчкиот карактер на Македонија ѝ разјаснува на грчката Влада дека ниту едно име што го вклучува терминот 'Македонија' не може да биде прифатено од страна на грчката страна. Ако некои во грчкиот Парламент сакаат да ѝ се спротивстават на народната волја, не треба да има ни најмал сомнеж дека тие ќе се соочат со народниот бес што не заборава, ниту пак простува“, сооопштија организаторите. Тие закажаа протести во Пела, Кавала, Драма, Серес, Кукуш, Поликастро, Воден, Лерин, Костур, Птолемаида, Катерини, Лагадас и туристичкото место Неа Мудања на Халкидики, и ги повикаа граѓаните да излезат на собир за да се „спречи криминалот со предавање на името на Македонија на фалсификаторите на историјата“.
Повеќе: МПЦ-ОА не бара промена на името, туку на статусот
Во грчката јавност која се залага за добрососедство и решавање на спорот, постојат надежи дека овие протести нема да добијат голема поддршка, особено не по вчерашната посета на Атина од страна на Вселенскиот патријарх, Вартоломеј кој имаше средби и со црковниот и со државно-политичкиот врв. Грчкиот премиер Ципрас ги поздрави напорите на Вселенската патријаршија за решавање на статусот на МПЦ, а вселенскиот патријарх потенцира дека се работи на сеправославна обединетост и соработка.