МПЦ-ОА не бара промена на името, туку на статусот
31 мај 2018Бура од прашања и реакции покрена веста дека Вселенската Патријаршија го презема решавањето на прашањето на Македонската православна црква - Охридска архиепископија (МПЦ-ОА). Дел од медиумите дури и го обвинија премиерот Заев дека со писмо побарал признавање на автокефалниот статус на МПЦ-ОА, а за возврат таа да се откаже од придaвката „македонска“. Владата ги демантираше таквите шпекулации. Писмото од премиерот било испратено во координација со МПЦ-ОА, која и самата упатила свое писмо до Вселенската патријаршија.
Непознавање на црковната историја и канони
Медиумските реакции со наводи за „обезименување на МПЦ-ОА“, високи црковни кругови ги толкуваат како резултат на незнаење и непознавање на црковната историја и црковните канони.
„Прво, ние не бараме промена на името на МПЦ-ОА, туку промена на статусот, односно признавање на автокефалноста. Второ, треба да се знае дека Вселенската патријаршија никому не дава томос за автокефалност под национални имиња. Дава или според црковното седиште на поглаварот, или според државата во која функционира таа црква. На пример, 'Православна црква во Романија', или 'Православна цркава во Бугарија' итн. Трето, треба да се знае дека националните имиња си ги дала секоја црква сама (бугарска, руска српска...) За илустрација, томосот за автокефалност од Вселенската патријаршија не ѝ е издаден на Руската православна црква, туку на Московската патријаршија. Исто така, мора да се знае и дека одлуката за доделување на автокефалност од страна на Вселенската патријаршија не е предмет не договор меѓу Патријаршијата и која било црква, туку е нејзин едностран акт. На крајот, дури и ако го имавме решено проблемот со која било црква, томосот за автокефалност повторно ќе треба да ни го даде Вселенската патријаршија“, обаснуваат високи црковни извори.
Долго чекана одлука
Вселенската Патријаршија во Константинопол вчера излезе со официјално соопштение во кое информира дека Светиот и Свештен Синод го разгледал прашањето со нерешениот канонски статус на Охридската Архиепископија. Во соопштението се наведува дека Патријаршијата го примила и писмото на премиерот Зоран Заев, во кое се бара помош и поткрепа за решавање на прашањето со нашата помесна православна Црква. Соопштението завршува со заклучокот дека „Светиот и Свештен Синод на Вселенската Патријаршија одлучи да се заземе за ова и да ги преземе потребните чекори, според неприкосновените права на историските и канонски надлежности и привилегии на првопрестолната Вселенска Патријаршија“.
Не е тајна дека македонските црковни власти со години се надеваа на ваква одлука, а конечно доаѓа по неодамнешното „интернационализирање на проблемот“. Односно, откако СПЦ со години го држеше македонското црковно прашање како нејзино „внатрешно“ без видливи обиди за решавање, МПЦ-ОА во ноември минатата година „побара од БПЦ како мајка- црква да ја прифати автокефалноста на МПЦ-ОА, истата да ја обзнанува и актуелизира, да ја претставува и да се застапува за неа пред Вселенската патријаршија и пред другите помесни цркви“.
Тоа во изминатите месеци ги вжешти односите на релација Белград - Софија, а по шест месеци Вселенската Патријаршија во Константинопол реши да го преземе решавањето на црковното прашање на МПЦ-ОА.
Охрабрувачка одлука
Како што вчера објави БИРН, во високи црковни кругови оваа одлука на Константинопол вчера беше дочекана со задоволство. Портпаролот на Светиот синод на МПЦ, владиката Тимотеј, одлуката ја оцени како „добра“.
„Ние сме во изолација 50 години, и природно е да бараме излез. Така се обративме и до Цариград (Вселенската патријаршија- н.з). Во моментов ништо поконкретно не знаеме, бидејќи најверојатно допрва ќе следат средби, консултации и разговори. Цариград ја игра првопрестолната улога. Иако е прва меѓу еднаквите, сепак е прва и си ја зема улогата што и припаѓа“, изјави владиката за БИРН.
На прашањето дали е ова своевиден „подарок“ за 1000- годишнината од Охридската архиепископија, тој кусо одговори: „Дај боже така да биде“.
Меѓу познавачите на црковната политика, веста е дочекана како „охрабрувачка“.,„Во ситуација кога го решаваме и прашањето за името, Вселенската патријаршија е портата преку која ќе можеме да дојдеме до автокефален статус на МПЦ-ОА“, коментира за БИРН новинарот Бранко Ѓоргевски, кој прогнозира дека одлуката на Вселенската патријаршија ќе предизвика реакции на Србија и Русија.