1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

До кога ќе „раткува“ државата Србија?

Дарио Хајриќ
10 ноември 2021

Редот и мирот во Белград не беа нарушени со собирот на граѓани. Она што ги нарушува е огромниот цртеж посветен на воениот злосторник Ратко Младиќ. Пишува Дарио Хајриќ

https://p.dw.com/p/42oNo
Serbien Belgrad Proteste gegen Wandgemälde Ratko Mladic
Фотографија: OLIVER BUNIC/AFP

Денот на борбата против фашизмот и антисемитизмот, 9-ти Ноември, во Србија беше одбележан скромно: со апсење на жени кои во центарот на Белград со јајца фрлаа по муралот посветен на осуден воен злосторник. Тоа е кулминација на борбата која се води откако, кон крајот на јули, на аголот на улиците Његошка и Алекса Ненадовиќ, се појави мурал со ликот на Ратко Младиќ, пригодно накитен со обележја на една „навивачка група“. 

Активистите во повеќе наврати со боја го премачкуваа тоа „ругло“, но хулиганите секогаш ургентно го поправаа и враќаа во првобитната состојба. Во прашање е игра на мачка и глушец, затоа што само една од двете страни ризикува ќотек. Имено, „навивачките групи“ во Србија се плеоназам за криминалци. 

До комуналната полиција стигна и барање за отстранување на муралот, а Иницијативата млади за човекови права за 9-ти ноември најави јавен собир на кој муралот требаше да биде префарбан. За тоа да не се случи, се погрижи лично министерот за внатрешни работи Александар Вулин. 

Serbien | Verhaftung zweier Aktivistinnen in Belgrad
Приведување на активистката Аида Чоровиќ во Белград, 09.11.2021Фотографија: Nemanja Jovanovic/Nova.rs

Според официјалното соопштение на полицијата, карактеристично по речникот кој потсетува на соопштенијата на една од владејачките партии, таа забрани каков било собир пред муралот, објаснувајќи го тоа со грижата за јавниот ред и мир. Воедно, од хулиганите ја презема должноста да бдее над муралот, легитимирајќи го секој минувач. 

Со јајца по муралот

А потоа, свесно изложувајќи се на неминовно приведување и прекршочни пријави, активистките Јелена Јаќимовиќ и Аида Чоровиќ отидоа на лице место и успеаја да фрлат по неколку јајца врз муралот посветен на осудениот воен злосторник, пред да бидат фатени и одвлечени од лица кои одбиваа да се легитимираат. Единствено врз основа на тоа што двете завршија во полициска станица, а не беа претепани во некое сокаче, можеше да се заклучи дека биле во прашање полицајци во цивил. Според влечењето, вртењето на рацете и отсуството на легитимации, во моментите на апсењето тоа не им беше јасно ни на активистиките.

Набрзо по нивното приведување, на социјалните мрежи се прошири повикот за протестен собир пред Домот на младите во 19 часот, од каде колона граѓани тргнаа кон муралот. Повторно реагираше полицијата, пресекувајќи им го патот со кордон, а наврат-нанос е мобилизирана и група агресивни љубители на муралот да изигруваат „втора страна“- додуша, толку малубројна што без мака можеше да биде собрана во една „марица“. 

Наместо да им го овозможи таквото возење, имајќи предвид дека беа единствените кои претставуваа закана за кого било, полицијата го правеше она што секогаш го прави: постави кордон и статираше. По неколкучасовна пат-позиција, сите се разијдоа. 

„Ред и мир“ 

Така, со самопрегорната работа на полицијата, воениот злосторник Ратко Младиќ, измачкан со јајца, доби „споменик под државна заштита“ во Белград. Истовремено, Србија виде како изгледа разликата меѓу „најострите осуди“ и конкретниот, пожртвуван чин кој го натера „раткољубиот“ дел од државниот апарат да го брани тој ѕиден срам со кордони и немушти изјави: „Полицијата не го штити муралот, туку јавниот ред и мир и го контролира спроведувањето на забраната за собирање. Со таа цел, се врши легитимирање на сите лица, без оглед на нивниот однос кон муралот на Ратко Младиќ“. 

Dario Hajric Soziologe Aktivist Serbien
Дарио Хајриќ е социолог и колумнист на српската редакција на ДВФотографија: privat

Сега да ги поставиме работите на вистинското место. Ратко Младиќ веќе не е „генерал“, туку осуден воен злосторник. „Редот и мирот“ не беа нарушени со собирот на граѓаните: она што ги нарушува е огромниот цртеж посветен на осуден воен злосторник. Да се тврди спротивното не претставува бирократска неутралност, туку отворено заземање на вредносен став. Полицијата нема право на тоа, а воениот хушкач, кој и министерува, нема право да говори со нивниот глас. Правдањето дека божем не го брани тоа што е на ѕидот, туку самиот ѕид е само финта која е невозможно да им се продаде ниту на глупаци. Доколку во Белград се појавеше мурал на усташкиот поглавник Анте Павелиќ, дали ќе го штитеше кордон? Дали министерот за внатрешни работи ќе ѝ забрануваше на комуналната полиција да ја отстрани таа човечка пцовка? Дали полицајци во цивил ќе се фрлаа пред муралот, комично штитејќи го од нападите со јајца? Дали нивните колеги без легитимирање ќе ги апсеа оние кои упатуваа такви чесни истрели? 

Активистите најавија дека ќе продолжат да протестираат додека муралот не биде прекречен, а државата сѐ уште не се изјаснила до кога ќе „раткува“.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема