Ќе се преполови населението на Италија, Шпанија, Полска...
15 јули 2020Популацијата на Земјата, според обемна студија, до 2100 година ќе расте бројчано со многу побавно темпо од предвидувањата на ОН. Меѓународен тим експерти денеска во реномираниот медицински часопис „The Lancet" објави студија која доаѓа до заклучок – до крајот на векот на планетата ќе има веројатно 8,8 милијарди луѓе, две милијарди помалку од актуелната прогноза на ОН.
Наталитетот во 183 од 195 држави ќе опаѓа во толкави размери, што без доселување нема да може да се одржи бројот на населението. Преку 20 земји, меѓу кои Шпанија, Италија, Полска и Јапонија ќе загубат половина од своите жители. И најбројната држава во светот, Кина, до 2100 година, според студијата од актуелните 1,4 милијарди, ќе брои „само" 730 милиони луѓе.
Прогнозите предвидуваат раст на населението во африканските земји. Нигерија на пример по 80 години со 800 милиони луѓе би станала втора по бројност во светот по Индија.
„Кога жените добиваат подобар пристап кон образование и контрола на раѓање, во просек се решаваат за помалку од 1,5 деца", објаснува раководителот на студијата, Кристоф Мјурај од Институтот за здравство на Универзитетот Вашингтон во Сиетл, поддржуван од Фондацијата на Бил и Мелинда Гејтс.
Предвидениот развој претставува добра вест за екологијата, истакнува Мјурај, зашто со помалубројно светско население е можно намалување на производството на храна и редуцирање на емитувањето на штетни гасови.
За земјите настрана од Африка опаѓачкиот број на работна сила меѓутоа би имал далекусежни негативни последици за економијата.
На пример, бројот на работоспособно население во Кина од денешните 950 милиони би спаднал на 350 милиони, назадување од 62 проценти. Во Нигерија пак пд актуелните 86 милиони, би се искачил на 450 милиони.
Општествата на кои им се заканува стреење на населението, мора да ги реформираат своите социјални и здравствени системи, предупредува студијата.
Освен тоа, со оглед на растот на животниот век , бројот на луѓе постари од 80 години, ќе се зголеми од 140 на 866 милиони. Преку една четвртина на светското население до крајот на векот ќе бидат постари од 65 години.
Повеќе:
Сеуште не е доцна за планетата Земја
Луѓето на Земјата од денеска живеат „на вересија“
Имиграцијата ја загрозува животната средина?
Има ли место за сите на планетата?
Пресуден фактор за тимот на Мјурај да дојде до поразличен резултат во проекцијата на светското население од ОН е прогнозираната стапка на наталитет. Додека ОН поаѓаат од наталитет од 1,8 деца, анализата на Мјурај и неговите колеги поаѓаат од тоа дека секоја жена ќе раѓа помалку од 1,5 деца. За стабилно одржување на бројот на населението во светот би била потребно секоја жена да раѓа просечно 2.1 дете.
Уредникот на магазинот „The Lancet", Ричард Хортон, истакна дека студијата укажува на радикално поместување на геополитичките односи на моќ: „На крајот на овој век светот ќе биде мултиполарен, во него најважни ќе бидат Индија, Нигерија, Кина и САД."