1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Имиграцијата ја загрозува животната средина?

Винсент Лендон / Симе Недевски30 ноември 2014

Швајцарците денеска (30.11.) излегуваат на референдум за контроверзниот предлог за ограничување на доселувањето поради „заштита на животната средина“. Успех на иницијативата дополнително би ги заострил односите со ЕУ.

https://p.dw.com/p/1Dx3U
Фотографија: Getty Images/Sean Gallup

Иницијативата „Стоп на пренаселувањето - да ја сочуваме нашата животна средина“, која ја започна здружението Екопоп, предвидува дека годишно во Швајцарија смеат да се доселат најмногу 0,2 проценти луѓе во однос на вкупната популација. Тоа би значело дека оваа алпска земја би примила најмногу 16.000 доселеници, а моментално годишно стигнуваат дури пет пати повеќе. Исто така се бара 10 насто од швајцарскиот буџет за помош во развој да бидат упатени на сиромашните земји со цел планирање на семејството.

Различни пресметки

Екопоп е основан во раните 70-ти години од минатиот век со цел да се разбуди свеста за последиците од растот на популација и ограничување на природните земјини ресурси. Неговите активисти велат дека Швајцарија е една од најгусто населените држави во Европа и оти неограничено населување не може да биде одржливо. „Ние не велиме кој може, а кој не може да дојде. Ние само велиме дека вкупниот број мора да биде помал“, вели Сабине Вирт, потпретседателка на Екопоп. Таа ги отфрла обвинувањата за ксенофобија и расизам.

Grenze Deutschland Schweiz
Фотографија: Getty Images

Швајцарија во моментот има малку повеќе од 8 милиони жители, кои секоја година се за 1 процент повеќе. Федералната канцеларија за статистика смета дека во 2035. година во Швајцарија ќе живеат 8,84 милиони луѓе додека пресметката на Екопоп е многу подрастична: тие тврдат дека веќе во 2025. ќе има 10 милиони жители и оти таа бројка во 2050. година ќе порасне на 13, 8 милиони.

Удар за економијата

Владата и сите поважни политички партии се противат на иницијативата тврдејќи дека со ограничување за доселување не се решаваат проблемите за животната средина, туку оти само се загрозува економијата. Министерката за правосудстсво и полиција Симонета Сомаруга вели дека позитивниот резултат на референдумот би им оневозможил на компаниите потрага по стручна работна сила која недостасува во Швајцарија. „Економијата би ја загубила флексибилноста која ја има сега“, вели таа. Главниот економист од Стопанската комора Рудолф Минш додава оти земјата е упатена на странска работна сила која треба да го надополни фактот дека населението е се’ постаро.

Екопоп има контрааргумент: барањето годишно да има најмногу 16.000 доселеници всушност значи дека вкупно можат да бидат повеќе од 90.000, бидејќи Швајцарија годишно ја напуштаат околу 75.000 жители. Тоа, велат во организацијата, би морало да биде доволно за стабилна економија.

Ова здружение е жестоко критикувано и поради барањето Швајцарија посилно да се вклучи во прашањата за планирање семејство во сиромашните земји со висока стапка на наталитет. Многумина ова го оценуваат како еден вид неоколонијализам и додаваат оти на Екопоп би му било подобро да се бори против потрошувачките навики во западниот свет. „Во сиромашните земји не недостасуваат средства за контрацепција, туку за здравство, образование и економија“, вели Петер Нигли од Здружението на организации за развој.

Неизвесен исход

Symbolbild Schweiz EU Flagge
Фотографија: picture-alliance/dpa

Последните релевантни анкети велат дека референдумското прашање нема да помине бидејќи иницијативата ја отфрлаат 56 насто од избирачите. Аналитичарот Клод Лонгшамп сепак не ја исклучува можаноста дека многи избирачи, во знак на протест против владата, сепак ќе гласаат за иницијативата. Најголема поддршка Екопоп ужива кај владините критичари и луѓето кои заработуваат малку. Швајцарската народна партија - десницата, исто така е официјално против иницијативата, иако дури 60 проценти од нејзините симпатизери го поддржува ограничувањето на доселување.

Токму Народната партија во февруари го протурка референдумот кој бара неодредени квоти за доселување. Оваа иницијатива беше насочена против државјаните на членките на ЕУ кои масовно заминуваат на работа во Швајцарија. Власта има уште две години навистина и да ги одреди квотите, но секој конкретен потег дополнително би ги затегнал односите со Брисел. Поголемиот број политичари пред новиот референдум предупредија дека позитивен исход на иницијативата на Екопоп би значел дефинитивен крај на билатералните односи со ЕУ.