ДКСК и Владата различно ги читаат законите
11 декември 2020Едно именување на директорска позиција, е на добар пат да стане лакмус кој ќе покаже како функционира и дали се почитува антикорупциската регулатива, особено во делот на спречувањето судир на интереси. Централна личност во приказната е Куштрим Рамадани, досегашен член и заменик-претседател на Регулаторната комисија за енергетика, кој од први декември е именуван за директор на МЕПСО. За ова именување, дијаметрално спротивни ставови имаат Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) и Владата. Никој не го оспорува неговото професионално искуство, но ДКСК утврди судир на интереси во овој случај, а Владата - не, иако претходно побарала мислење од Комисијата.
Потоа само се множеа објаснувања. Прво стигна образложение од владини претставници дека новиот директор на МЕПСО не го предложила Владата, туку Управниот одбор на МЕПСО.
„Не е важно кој го предложил, туку дали предложениот кандидат има или нема судир на интереси", реагираа од ДКСК, и одлучија нивното мислење да го испратат и до Управниот и Надзорниот одбор на МЕПСО, за и тие да се произнесат.
Потоа следеше ставот дека правните тимови на Владата сметаат дека во случајот нема конфликт на интереси. На крајот дојде и вчерашната изјава на премиерот Заев, кој смета дека нема законски ограничувања Рамадани да биде назначен за директор на енергетската компанија.
Се кршат одредби во два закона
А токму врз основа на одредби од два закона, ДКСК достави мислење во кое се вели дека, со изборот на досегашниот член и заменик -претседател на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), за директор на МЕПСО, се кршат одредби и во Законот за спречување на судир на интереси и во Законот за енергетика.
Членот 47, став 2, алинеја 2 од Законот за спречување на коруцијата и судирот на интереси е јасен: „Службеното лице во рок од две години по престанување на вршењето на јавните овластувања или должности, односно по престанокот на вработувањето, не може да застапува правно или физичко лице пред органот во кој вршел јавни овластувања во предмети за кои како службено лице учествувал во донесување на одлуки“.
Согласно со ова, ДКСК во дел од мислењето до Владата потенцирала дека претседателот и членовите на РКЕ во рок од две години по престанувањето на вршењето на јавните овластувања и должности, не можат да бидат именувани како членови на орган на управување на вршителите на регулирани енергетски дејности, како и на вршителите на енергетски дејности на кои што им е наметната обврска за обезбедување на универзална, односно јавна услуга со оглед на надзорната функција која ја има РКЕ врз овие тела.
„За МЕПСО, ниту член 47, ниту член 48 од Законот за антикорупција не дава ограничување на еден ваков експерт“, изјави премиерот Заев.
„Таму (во законот -н.з.) вели - ако Регулаторната е контролно тело. Контролно тело на МЕПСО прво е Надзорниот одбор, второ Државниот завод за ревизија. Јас бев на состанок со ДКСК на видео-конференција, образложувајќи ги членовите 47 и 48. Влеговме и во матичниот Закон за енергетика и апсолутно тврдам дека нема никакви ограничувања. Но, нека ја отворат иницијативата. Јас не сум добил никакво писмо од нив, само бев присутен на состанок и превентивно ја поднесов нашата иницијатива, нашиот став, пред да го именуваме новиот директор на МЕПСО, за да дадат тие свој став", изјави Заев во емисијата „Утрински брифинг“.
Прашување про форма
Сега, кога ставот на ДКСК е даден, премиерот не го видел, но Владата веќе има свој став, прашањето е зошто воопшто била консултирана ДКСК ако нејзиното мислење не се почитува, и како е можно толку различно да се читаат законите?
Во мислењето на ДКСК стои и дека според Законот за судир на интереси, Рамадани не смее да го застапува МЕПСО во управен спор против некоја одлука на РКЕ.
За потсетување, клучни функции на МЕПСО се пренос на електрична енергија, и управување со електропреносниот систем. За својата работа МЕПСО наплаќа тарифа за пренос на електрична енергија која ја утврдува Регулаторната комисија за енергетика, врз основа на трошоците на МЕПСО.
ДКСК во мислењето се повикува и на член 32, став 1, точка 2,3 и став 6 од Законот за енергетика, каде Регулаторната комисија за енергетика донесува правилници и правила со кои ги пропишува работите за чие што уредување е надлежна согласно со овој закон. Односно, на вршителите на енергетски дејности им наредува или им забранува определено однесување, со цел да се обезбеди сигурност во снабдувањето со енергија и/или ефикасна конкуренција на соодветните пазари на енергија, како и упатства со кои на вршителите на енергетски дејности им укажува на најдобрите практики за извршување на нивните законски утврдени обврски, особено во врска со обезбедувањето на јавната услуга.
Повеќе:
Корупцијата во Северна Македонија како октопод
Ивановска: Никој во ДКСК досега не бил под притисок!
Заев ѝ го украде „шоуто“ на Антикорупциска
Судир на интереси - упатства и одлуки
Претседателката на ДКСК, Билјана Ивановска, овој случај го спомна и во завчерашната презентација на клучните активности, резултати и идни предизвици во борбата против корупцијата и судирот на интереси, одржана на 9-ти декември – Меѓународниот ден за борба против корупцијата.
.„Во овој период издадовме и повеќе мислења, јавни опомени и укажувања за постоење судир на интереси во извршната и локаната власт, вклучувајќи го и последното мислење за постоење судир на интереси и во случајот на досегашниот член и заменик претседател на Регулаторната комисија за енергетика, кој е назначен за директор на МЕПСО, без притоа да помине законскиот период од две години пропишан со Закон. За надминување на несакани состојби на судир на интереси во кои може најдат високи функционери и членови на Владата, подготвивме и Практично упатство за правилата за ад-хок откривање и управување со случаи на судир на интереси за членовите на Владата на РСМ“, потенцираше Ивановска во обраќањето.
За предизвиците во спречувањето на актуелниот проблем, сведочи и податокот дека за помалку од две години од работата на актуелниот состав на ДКСК, од донесени одлуки за вкупно 713 предмети, 156 се од областа на судир на интереси.