Димитров: Преговорите со ЕУ ќе ги задржат младите во земјата
4 септември 2019Во интервју за Ројтерс дадено на маргините на Форумот во Блед, шефот на македонската дипломатија Никола Димитров оценува дека почетокот на преговорите со ЕУ ќе ги убедат младите луѓе да не емигрираат во потрага по „европски стил на живот“ во странство.
Откако одлуката за доделување датум за почеток на пристапните преговори беше одложена од јуни за октомври годинава, официјално Скопје очекува дека по десет позитивни препораки од Европската Комисија, тоа конечно и ќе се случи следниот месец.
„Големите прашања се решени. Доколку не се случи адекватна реализација на оваа шанса, тоа значи дека регионот нема перспектива“, вели Димитров.
„Тоа ќе испрати порака до другите лидери на Балканот дека не вреди да се инвестира политички капитал во носење тешки одлуки и реформирање“.
Димитров вели дека земјата очекува да стане полноправна членка на НАТО во декември или на почетокот на јануари следната година, во очекување на заокружување на процесот на ратификација во националните парламенти на земјите членки.
Според македонскиот МНР, странските директни инвестиции во земјата бележат силен раст по договорот со НАТО, и ќе се зголемат дополнително откако Македонија ќе започне преговори за членство со ЕУ.
Димитров не сака да прогнозира кога земјата ќе може да стане полноправна членка на ЕУ, и вели дека е поважно земјата да тргне по европскиот пат.
„Процесот е важен. Најголемата битка за нас е да ги задржиме младите дома и затоа треба да ја направиме нашата земја европска, за тие да имаат европски стил на живот дома наместо да заминуваат во странство“.