1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија: Брз старт на пристапни преговори со С. Македонија

ЖА
30 август 2019

„ЕУ мора да има интерес за регионот на Западен Балкан“, истакна шефот на германската дипломатија Хајко Мас на неформалната средба на ЕУ во Хелсинки, барајќи брз почеток на пристапни преговори со Северна Македонија.

https://p.dw.com/p/3OkJa
Außenminister Deutschland Afghanistan Heiko Maas Salahuddin Rabbani
Фотографија: picture-alliance/AA/C. Karadag

Германскиот министер за надворешни работи Хајко Мас бара брзо започнување пристапни преговори со С. Македонија и со Албанија. „Мислам дека ЕУ мора да има интерес за овој регион“, изјави министерот на маргините на состанокот на шефовите на дипломатиите на ЕУ во Хелсинки.

Имајќи предвид земји како Русија и Кина, додаде тој, станува збор за тоа во овој регион да не се прошируваат земји чии „вредности не се поклопуваат безусловно со нашите“, истакна министерот. 

Без оглед на позитивната препорака на Европската комисија, почетокот на пристапните преговори со Северна Македонија и со Албанија во јуни беше одложен по втор пат. Некои од членките на ЕУ, како Франција и Холандија, имаат во основа задршки кон овој чекор, агерманскиот Бундестаг уште ја нема дадено формално неопходната согласност.

Критичарите меѓу другото ги истакнуваат недоволните напредоци во борбата против корупцијата и организираниот криминал во двете кандидатки за членство во ЕУ, а притоа ситуацијата во Албанија се смета за многу полоша отколку во Северна Македонија.

Конечната одлука за почетокот на пристапните преговори треба да биде донесена во октомври.

Почетокот на пристапните преговори на ЕУ со С. Македонија и со Албанија инаку е една од централните теми на денешниот втор ден на неформалната средба на министрите за надворешни работи на земјите од ЕУ во Хелсинки, на кој денеска учествуваат и претставници на партнерските држави од Западен Балкан (Северна Македонија, Србија, Албанија, БиХ, Косово и Црна Гора). Состанокот  е организиран од  претставничката на ЕУ за надворешна и безбедносна политика Федерика Могерини и финското претседателство со ЕУ.

Шефовите на дипломатиите ја разгледуваат ситуацијата во регионот која е комплицирана, посебно поради таксите што Косово ги воведе на производите од Србија и БиХ, како и неформирањето влада во БиХ десет месеци по изборите.

Северна Македонија - позитивен пример за напредок на патот кон ЕУ

Северна Македонија како позитивен пример на Западен Балкан во приближувањето кон ЕУ во интервју за Дојче веле ја истакнува Тонино Пицула, хрватски европратеник и од неодамна известувач на Комисијата на Европскиот парламент за финансискиот инструмент на претпристапната помош ИПА III.

„Босна Херцеговина објективно назадува, изостануваат политички, економски и социјални реформи, а тоа поттикнува лоши меѓупартиски односи и блокада на институциите, што се гледа и во искористувањето на средствата од ЕУ. Во БиХ недоволно се почитуваат начелата на еднаквост, супсидијарност и федерализам, нужни за земјата да ја доврши транзицијата во делотворна и целосно функционална држава.

Tonino Picula - Abgeordneter im Europäischen Parlament aus Kroatien
Тонино Пицула ја истакнува Северна Македонија како позитивен пример за напредок на патот кон ЕУФотографија: DW/Z. Arbutina

Црна Гора отвори вкупно 32 од 35 поглавја во преговорите, но извештајот на ЕК од 2018 година открива дефицити во областа на довербата во изборниот систем, иако од друга страна земјата остварува умерен напредок во правосудството, исто како и во јавната управа и во поглед на рационализацијата и деполитизацијата, каде е потребен дополнителен труд.

Србија според извештајот на ЕК за 2018 уште заостанува во владеењето на правото и медиумските слободи, додека напредуваше во економијата и регионалната соработка. Зборував веќе за улогата на Вучиќ во уривањето на независноста на институциите и владеењето на правото, како и недостигот волја до крај да се решат прашањата за исчезнатите во војните во Хрватска, БиХ и Косово. Србија има отворена ЕУ-перспектива, но прашање е колкава реална волја за приклучување кон Унијата покажува режимот на Вучиќ, врзувајќи ја својата судбина во голема мерка со Русија, односно со режимот на Путин...

...Кога го гледаме во поширок контекст разрешувањето на политичките судири настанати во изминатите триесет години, единствен вистински успех кој го видовме во оваа деценија е Преспанскиот договор помеѓу Грција и денес Северна Македонија. Тоа беше успех на две социјалдемократски партии, односно двајца политичари од левиот центар, Заев и Ципрас, што е одличен пример за напредок на една земја на патот кон ЕУ“, заклучува Пицула.