1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мала сопка за идната влада, поголема за СЈО

9 јануари 2017

Декларацијата на албанските парламентарни партии ги зголемува сомневањата дали преку неа се тестира ВМРО-ДПМНЕ по прашањето за двојазичноста, или на перфиден начин се купува време за обезмоќување на СЈО

https://p.dw.com/p/2VV9f
Mazedonien Protest der albanischen Minderheit BESA
Фотографија: picture-alliance/dpa/G. Licovski

Дел од точките во декларацијата што ја усвоија парламентарните партии на Албанците во Македонија можат да го отежнат и закочат формирањето на нова влада, а со тоа прва жртва да биде Специјалното јавно обвинителство, ако нема мнозинство што навреме ќе му го продолжи мандатот. Според дел од аналитичарите, таа може да се претвори во клучна стапица за ефектуирање на правдата, односно за причина од ново незадоволство и продлабочување на кризата. Од тој аспект се зголемуваат сомневањата дали преку ваквиот пристап се тестира ВМРО-ДПМНЕ по прашањето за двојазичноста, или всушност на перфиден начин се купува време за обезмоќување на СЈО.

Груевски: Ако ДУИ нѐ изигра, ќе се вратиме на голема врата!

ДУИ, „Беса“ и „Алијансата за Албанците“ пред два дена објавија декларација од седум точки во која „се согласуваат за заемна поддршка на заедничката политичка агенда која предвидува реализација на повеќе цели, во идниот владин мандат и/или во секој понатамошен мандат“. Во првите две точки се бара целосна јазична еднаквост и употреба на албанскиот јазик во сите нивоа на власта; дебата за знамето, химната и државниот грб со цел тие да ја рефлектираат општествената мултиетничност; создавање Државна комисија за финансирање на општините и Министерство за политички систем и односи меѓу заедниците за поттикнување на економскиот и социјалниот развој во неразвиените подрачја; правична застапеност во органите за безбедност, војската, разузнавањето и правдата во сите нивоа на централната власт, јавните служби или претпријатија со јавни акции.

СДСМ не ги искоментира барањата во декларацијата, а лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, ставовите ги соопшти преку интервју за „Дневник“.  

„Ќе се обидам да составам Влада, но не по секоја цена. Ако се оди по досегашните установени принципи во Македонија, би требало да составам Влада (...) Ако ВМРО-ДПМНЕ како победничка партија биде изиграна од ДУИ, независно кои ќе бидат причините за тоа, бидете убедени дека ВМРО-ДПМНЕ ќе се врати на голема врата во Владата и тоа најмалку два мандата по ред (...) Ако сега ДУИ отиде во коалиција со втората, наместо со првата партија, со поразениот наместо со победникот, секако дека тоа ќе значи воспоставување една нова практика и традиција во Македонија, на која ние секако ќе се приспособиме, не само сега, туку и во иднина“, најави Груевски.

Mazedonien Wahlen - VMRO-DPMNE Gruevski
Груевски најавува составување влада, но „не по секоја цена“Фотографија: Reuters/O. Teofilovski

Приоритети и дефекти

Денеска истекува рокот кога претседателот на Македонија, Ѓорге Иванов, треба да го довери мандатот за формирање влада на партијата или партиите што освоиле најголем број мандати на изборите. Најмногу пратеници, 51, има коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ и се очекува нејзиниот лидер денеска да го добие мандатот за формирање влада, за што има законски рок од 20 дена. Со оглед дека Иванов го користи последниот ден од законскиот рок, извесно е дека и ВМРО-ДПМНЕ нема да се откаже од максималниот рок, особено во „отежнати услови“ по декларацијата на партиите на Албанците. Неизвесноста расте, но многу повеќе незадоволството од можноста преку купување време посредно да биде изиграна правдата.

Мухамед Халили од ПДП, кој во декларацијата лоцираше „многу дефекти“, јавно прашува: „Кој е ставот на лидерите за продолжување на мандатот на СЈО, за предложените закони за заштитен сведок, времетраењето на поднесување на обвинителни акти, за основањето на посебно одделение во Кривичниот суд, за аферата 'Маѓар Телеком', што ДУИ одби да ги гласа во минатиот мандат? Дали е тоа попуштање пред Ахмети или нешто друго?“

Во декларацијата „зајакнувањето на владеењето на правото“ е трета точка, преку која се бара „спроведување на реформите во согласност со Договорот од Пржино, препораките на Прибе, итните приоритети на ЕК, поддршка за непристрасно вршење на работата на Специјалниот обвинител и целосно расчистување на прашањата и судските постапки како 'Сопот', 'Бродец', 'Монструм' и 'Куманово', преку Анкетна комисија или меѓународен независен орган“.

Ваквата општост, предизвикува сомнеж во вистинските мотиви и серија критики за начинот на кој се подредени приоритетите во актуелниот политички момент: зошто први на списокот не се правдата и реформите, и кон каква влада води овој „распоред“? 

„Беса и другите партии на Албанците усвоија декларација која априори не води ниту кон една или друга влада“, вели Африм Гаши од движењето Беса.

„Еден од принципите кои Беса ги објави во однос евентуално учество во формирање на идната власт, е дека ќе биде дел од власт во која ќе има транспарентна програма поставена во точни временски рокови. За нас и реформите според Извештајот на Прибе и двојазичноста имаат голема важност и треба да бидат дел од идната владина програма, поставени исто така во точна временска рамка. Тоа е нешто што сите ние го имаме во нашите изборни или политички програми, само што во таа декларација е артикулирана со други зборови и уште еднаш јавно се обврзуваме дека ќе го поддржиме реализирањето на тие точки без разлика дали ќе бидеме позиција или опозиција. Ако некој смета дека притоа може да ја изигра или да манипулира со јавноста, тешко се излажал“, дециден е Гаши.

Mazedonien Gebäude Regierung
Денеска истекува рокот кога претседателот Иванов треба да го довери мандатот за формирање влада Фотографија: DW/P. Stojanovsk

Каде е цивилниот сектор?

Останатите четири точки од декларацијата се однесуваат на создавање на дух на доверба во функција на добри меѓуетнички односи, решавање на спорот со името, добри односи со соседите и брза интеграција во НАТО и во ЕУ. Според потписниците на Декларацијата, исполнувањето на овие цели ќе се следи преку организирање Тркалезна маса на албанските парламентарни партии по принципот на ротација и ќе служи како платформа за усогласување на политичкото дејствување и транспарентна комуникација со меѓународните партнери на Македонија, но ќе ги определи и роковите за спроведување на наведените цели во согласност со законите и Уставот на Република Македонија.

Според Халили, намерата на иницијаторите на Декларацијата е да се омекнат албанските политички ставови од предизборната кампања, за полесно коалицирање во идната влада.

„Основањето на т.н. Тркалезна маса на албански претставници на парламентарни политички партии со ротационо претседавање, повеќе ми личи на Muslim Parliament of Great Britain, додека Декларацијата како Muslim Manifesto, оти според моето мислење имаат исти функции: зачувување и промоција на правата на етничките заедници. И на крај, ако составувачите и потписниците на декларацијата мислеле на албански заеднички настап во Владата и надвор, зошто не го вклучиле тука и албанскиот цивилен сектор, интелектуалците и ПДП како вонпарламентарна партија?“, прашува Халили.

Според сегашната воздржаност на потписниците, одговорите на ова и ред други прашања, повеќе ќе се откриваат според начинот и темпото на кој ќе се составува владатa, отколку преку јасни ставови, без ракавици.