Двајца Нобелови лаурати за литература
10 октомври 2019Нобеловата награда за литература за 2019 година му е доделена на австрискиот писател Петер Хандке. Во исто време, полската писател Олга Токарчук со задоцнување ја добива Нобелова награда за литература за 2018 година. Ова го објави Шведската академија во Стокхолм.
Во образложението на Академијата се вели дека полската авторка Олга Токарчук го добива признанието за „наративната фантазија која со енциклопедиската страст го претставува преминувањето на границите како форма на живот“, додека австрискиот автор Петер Хандке за „влијателниот труд кој со лингвистичка инвентивност ја истражува периферијата и специфичноста на човечкото искуство“.
И двете награди се дотирани со по девет милиони шведски круни (околу 830.000 евра). Како и другите Нобелови награди и тие ќе бидат доделени на 10 декември, денот на смртта на основачот на наградите Алфред Нобел. Последен пат Нобеловата награда за литература беше доделена во 2017 година на британскиот писател роден во Јапонија, Казуо Ишигуро.
Досега 14 автори од германското говорно подрачје ја имаат добиено Нобелова награда за литература, вклучувајќи осум Германци. Пред точно десет години, Херта Милер беше последната добитничка на наградата, а пред точно дваесет години таа му припадна на Гинтер Грас.
Во минатата година доделувањето на наградата беше откажанопоради скандал во Шведската академија и беше одложено за оваа година. Институцијата падна во длабока криза откако неколку жени го обвинија Жан-Клод Арно, сопругот на сега веќе поранешната членка на Академијата Катарина Фростенсон, за сексуален напад и вознемирување. Против Фростенсон и Арно имаше и обвиненија дека наспроти строгите статутуи на академијата однапред ги откривале имињата на добитниците на Нобелова награда.
Секоја година, Нобеловиот комитет на Академијата прима речиси 200 номинации за престижната награда. Според нејзиниот претседател Андерс Олсон, комитетот летоска избрал потесен круг фаворити составен од осум кандидати од кој пак конечно биле избрани победниците за 2018 и за 2019 година.