Годинава без Нобелова награда за литература
4 мај 2018Жирито со недели беше соочено со тешка криза и затоа реши во октомври да не награди ниеден од кандидатите за највисоката награда од областа на литературата, а затоа пак во 2019. година е можно да бидат доделени две награди.
Обвинувања за корупција и сексуална злоупотреба
Позадина на одлуката се скандалите со корупција и сексуално вознемирување, по што повеќемина членови на жирито си дадоа оставки. Последица на тоа е што жирито остана во редуциран состав кој не може да носи одлуки - од 18 останаа уште 10 активни членови, а за доделување на Нобеловата награда за литература се потребни 12 гласа. Статутот на Академијата не предвидува замена на членовите на жирито, по нивното именување, тие се негови доживотни членови. Уште во 1989. година двајца членови на жирито ја прекинаа работата, поради тоа што ова тело се колебаше да ги осуди смртните закани против Салман Ружди од Иран од страна на иранскиот религиски водач, ајатолахот Хомеини.
Жирито за доделување на Нобеловата награда за литература остана без можност да носи правосилни одлуки со повлекувањето на тројца членови по скандалот поврзан со Катарина Фростенсен. Таа беше обвинета за проневера на пари и предвремено обзнанување на имињата на идните носители на наградата. Нејзиниот сопруг, влијателен функционер од шведските културни кругови, пак беше осомничен за сексуални напади.
Повеќе:
Кралот Карл Густав ќе го промени статутот
Лавината на оставки уште во април ја принуди шведската кралска куќа да се вклучи во барањето решение. Кралот Карл Густав Шеснаесетти најави промена на статутот и правилата за повлекување од Академијата. Така, во иднина не само што ќе биде можна замена на членови кои ќе си дадат оставки, туку и местата на оние членови кои две години не биле активни, ќе можат да бидат пополнети со нови лица. Монархот, кој истовремено е и патрон на културната институција, истовремено ги повика академиците одговорно да пристапуваат кон своите обврски.