Колку се важни кафеаните за психичкото здравје на Бугарите?
7 ноември 2020Каква влада има Бугарија, кога сопствениците на угостителски објекти можат да си дозволат демонстративно да не ја почитуваат забраната за работа што им беше наметната поради пандемијата на Ковид-19? Исто како што не ја почитуваат забраната за пушење во затворени простории и прават се што е можно за да се заобиколи. Градоначалничката на Софија Јорданка Фандакова омекна пред незадоволството на организациите на угостителите и ја ублажи забраната - од 1 до 12 ноември рестораните и ноќните клубови во главниот град се отворени до 23:30 часот. Во Пловдив, сепак, дискотеките остануваат затворени. Но, другите видови ноќни клубови ја заобиколуваат забраната и работат.
Во многу европски држави, рестораните и ноќните клубови се целосно затворени- од неколку недели до цел месец, за да се забави ширењето на коронавирусот.
Поддршка на угостителскиот бизнис
Оваа година, угостителскиот бизнис - ресторани и ноќни клубови - доби најголема поддршка од државата. Меѓу нив беа и значително намалената такса за тераси, намалување на ДДВ за ресторански и угостителски услуги а на 9%- иако тоа не ги намали цените, како и други повластици. Дополнително, уште во јули, владата одлучи да обезбеди помош за задржување на работните места во секторите транспорт, угостителство и туризам, чии приходи паднаа за најмалку 20% во споредба со минатата година.
Некој може да си помисли дека угостителскиот бизнис е структурен сектор во бугарската економија. Но, не е. Освен што, како што се испостави, има посебно место во срцето на премиерот Борисов. Познат по својата недоследност, премиерот е категоричен и непоколеблив во одлуката да не се „залетува“ со нови забрани и се противи на целосно затворање на рестораните, спортските сали и салоните за убавина.
Граѓаните да внимаваат „за да може бизнисот да работи“ беа пораките на Бојко Борисов, кој од министрите побара „флексибилност“ во грижата за едните и за другите. Борисов повторува дека нема потреба од наметнување нови ограничувачки мерки - иако бројот на потврдени случаи на Ковид-19 во Бугарија забрзано расте.
Премиерот дури и ја истакна важноста на кафеаните за менталното здравје на нацијата. На состанокот со Националниот оперативен штаб на крајот на септември, Борисов рече: „Ние успеавме да го зачуваме менталното здравје на луѓето, да се подготват за работа во нови услови. Дури и земјите кои воведоа строги мерки во овој период, затвораа ресторани, ноќни клубови, тие во моментов имаат многу полоши индикатори од Бугарија “.
Не е познато какви податоци има Борисов за менталното здравје на нацијата - сепак, нема регистар на душевно болни, а Светската здравствена организација открива растечки проблеми кај луѓето и објавува посебни совети за ментално здравје и психосоцијална поддршка.
Ако Борисов се грижеше и за здравството...
Големата грижа на премиерот за угостителскиот бизнис е во контраст со неговата целосна незаинтересираност за состојбата на здравствениот систем. Неколкуте летни месеци, за време на кои стапките на инфекции беа ниски, не беа искористени за зајакнување на системот и прераспределба на обемот на работа, при што некои болници се прегреаја од приливот на пациенти со Ковид-19, а други не ги примаа.
Па така, цела Бугарија одеднаш беше прогласена за ризична зона од страна на Германија, поради што при патување се бара карантин од 14 дена или негативен ПЦР тест. А, премиерот бара ... флексибилност.
Во секој случај, поради состојбата со пандемијата, никој не се занимава со расчистување со угостителскиот и туристичкиот бизнис. Затоа, како што се вели по фолк-дискотеките: „Рацете горе, ајде да ве видам!“ И фрштат салфетки за по 20 лева од пакет...