1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудство

Грчкиот „Нирнбершки процес“ - пресуда против „Златна зора“

7 октомври 2020

Денеска завршува судскиот процес за убиството на антифашистичкиот рапер Павлос Фисас. Прашање е дали ќе биде осуден само убиецот или раководството на неонацистичката партија „Златна зора“.

https://p.dw.com/p/3jXe8
Pavlos Fyssas Blumen vor der Kneipe 19.09.2013
Фотографија: Angelos Tzortzinis/AFP/Getty Images

Магда Фиса пет и пол години го чекаше овој ден. Речиси 2000 денови во длабока тага, најчесто со нем и многу поретко со гласен гнев, секогаш полна со надеж дека правдата ќе победи; и исполнета со страв дека убијците на нејзиниот син, музичарот – рапер и антифашистички активист, Павлос Фисас, на крајот сепак можат да бидат ослободени. 

Заедно со Магда Фиса стравуваа и продемократските граѓани на Грција. Денеска (07.10.2020) конечно ќе биде изречена пресудата во кривичниот процес против „Златна зора" – неонацистичка партија која достигна до трета по бројност политичка сила во грчкиот парламент, за на изборите во 2019 година да ги загуби сите мандати.

Обвинети се 68 членови на партијата, меѓу нив и партискиот „водач" Никос Михалолиакос, за убиството на тогаш 34-годишниот Павлос Фисас на 18. септември 2013. година, обид за убиство на комунистички синдикалци и синдикалниот раководител Сотирис Пуликоианис истиот месец, за обид за убиство на египетскиот рибар Абузид Ембарак во неговиот стан во јуни 2012. година и крајно – како клучно обвинение – формирање и дејствување во криминално здружение.

Griechenland Goldene Morgenröte Nikolaos Michaloliakos Parteichef
Никос Михалолиакос, „водач“ на „Златна зора“Фотографија: picture-alliance/dpa

Многумина во Грција судскиот процес го нарекуваа „нашиот Нирнбершки процес": во социјалните медиуми и како парола испишана со спреј по ѕидовите на зградите со денови може да се види мотото: „Тие не се невини, нацистите во затвор".

Демократски ѕид

Изминатата сабота изданието на „Весникот на уредниците" излезе со сензација на насловната страница: со наслов „Ѕидот на демократијата" беше објавен заедничка статија на актуелниот премиер на земјата, Киријакос Мицотакис од конзеративната партија Нова демократија и неговиот претходник на функцијата Алексис Ципрас од левата Сириза, како и Андонис Самарас, исто така од Нова демократија, но уште поконзервативен од Мицотакис. Останатите коавтори се лидери на другите демократски партии во Грција. Текстот е насочен против „Златна зора", нејзините насилници и нивната нацистичка идеологија.

Повеќе:

Насилството на десните екстремисти во Грција не запира

Новинар на Дојче веле претепан на собир на Златна зора во Атина

Грчки полицајци ја поддржувале Златна Зора

Грчките неонацисти целат кон Европа

Десноориентираните и левите раководни политичари да стојат заедно на една страна е вистинска реткост во политички високо поларизираната Грција. Демократите очигледно стравуваат дека „водачот" на „Златна зора", останатите идеолози на неонацистичката организација и членовите на десноекстремната насилничка група на крајот можат да добијат ослободителна пресуда.

Процес според кривичното право

Атинската обвинителка, имено, во барањето за казна на крајот на јули 2019. изјави дека нема довоно докази за формирање и дејствување на злосторничка организација. Тоа би значело дека во затвор би завршил само оној неофашист кој го уби Фисас ноќта помеѓу 17. и 18. септември 2013. година со три убоди со нож, како поединечен извршител.

Во процесот против „Златна зора" не станува збор за убедување или за границите на слободното изразување на свое убедување. Процесот се води според кривичниот законик, не според уставното право, кое во многу други земји регулира забрана на организации доколку тие го загрозуваат демократскиот поредок.

Загубената чест на грчката полиција

Луѓето во Грција немаат неограничена доверба во судовите на својата земја. Уште помалку ѝ веруваат на полицијата, која сѐ до убиството на Павлос Фисас ги толерираше ударните единици на „Златна зора". Не може да се заборави што полицијата не интервенирала кога „педесет лица со пендреци се движеле кон локалот„Корали" (според полициската радио-комуникација).

Pavlos Fyssas griechischer Sänger Archiv 2011
Хип-хоп музичарот Павлос Фисас при еден настап во 2011. годинаФотографија: picture alliance/AP Photo

Таму Јоргос Рупакис, член на петчленото раководно тело на „Златна зора" во градот Никаја, трипати го забил ножот, додека другите неонацисти ја држеле жртвата на подот. Полицијата стигнала предоцна на местото на злосторството, а го привела Рупакис само поради тоа што Фисас, кој бил на умирање, сѐ уште можел да го идентификува својот убиец. На останатите соучесници полицајците им дозволиле да го напуштат местото на убиството. Треба да се истакне дека Рупакис при своето апсење им дофрлил на полицајците: „Јас сум еден од вас, јас сум од ‘Златна зора'".

Злосторство кое ја прели чашата

Очигледно, мораше да се случи да умре Гркот Фисас пред властите конечно да преземат нешто против тепачите од „Златна зора". Сѐ додека неонацистите тероризираа мигранти, полицијата не интервенираше. Дури и медиумите покажуваа симпатии за десноекстремните разбивачи: раководството на „Златна зора" беше покането на телевизија, како да е сосема нормална политичка партија.

Во меѓувреме, „Златна зора" е политички безначајна, меѓу останатото и поради судскиот процес. Таа веќе не е застапена во парламентот и соодветно на тоа не добива ни државни средства. Најпознатите тепачи му завртија грб на „водачот" Михалолиакос и основаа сопствена организација. Мнозинството политиколози во Грција не очекува повторно јакнење на десните екстремисти, но нивните позиции уште се присутни.

Милитантните неонацисти, на пример, во 2018. година учествуваа во демонстрациите против Преспанскиот договор со Северна Македонија, заедно со бугарските десничари. Во многу места во Грција десните екстремисти и натаму координираат акции против бегалците и мигрантите, како и антикорона протести. И повторно полицијата најчесто го врти погледот.

Сепак, досега не постои нова партија која би ја наследила „Златна зора" во парламентот. А ако нацистите денеска навистина бидат осудени, сигурно дека ќе помине уште долго додека да зајакне следна десноекстремна организација.

Магда Фиса би можела да здивне, ако правдата победи.

Каки Бали
Каки Бали Дописничка од Атина на DW Грчки