Грчките неонацисти целат кон Европа
20 мај 2014Уште првичните резултати од првиот круг на локалните избори одржани во неделата (18.05) покажаа дека ветувањето на премиерот Андонис Самарас е далеку од исполнето. И покрај тоа што повеќето од 18-те парламентарци на Златна зора се соочуваат со обвиненија, меѓу нив и за убиство, а една третина веќе се наоѓаат во притвор, Златна зора сепак успеа да ја зголеми својата поддршка во повеќе региони, меѓу кои и Атина.
Еден од нејзините пратеници, Илиас Касидиарис, кому ќе му се суди за напад и недозволено поседување оружје, собра повеќе од 35 илјади гласа или над 16 проценти во трката за градоначалничкото место во Атина. Неговиот колега пратеник, Илиас Панајотарос, кому исто така му се суди за напад, освои 179 илјади гласови и 11 проценти како кандидат за гувернер на атинската префектура.
„Се тресам кога ќе видам дека еден од секои шест aтињани гласаат за неонацистички кандидат. Сите треба да сме загрижени“, вели Андреас Пападопулос, умерен левичарски политичар.
Уште четворица други кандидати на Златна зора минаа добро на изборите, освојувајќи меѓу 5 и 8 проценти од гласовите на изборите.
Голема популарност
Самарас неодамна рече дека не поддржува забрана на Златна зора, и дека е помудро таа партија да се порази политички.
Но и покрај бранот обвинувања за насилничката, воена организација на Златна зора, нејзината популарност остана нечепната во базата на поддржувачите.
Единствената разлика е тоа што движењето ги намали агресивните улични маршеви и собирите на мускулестите, во црно облечени членови и сега се обидува да делува во позадина.
Со оглед на тоа што водечките членови, меѓу нив и основачот Никос Михалолиакос, се зад решетки, „Златна зора повеќе нема политички средства да организира демонстрации и други масовни собири многу често“, вели политичкиот аналитичар Василики Георгиаду. Но таа потврдува дека, „освен ова, ништо друго не е сменето“ и дека партијата и натаму има силна база особено меѓу младите и невработените. По шестгодишна рецесија, и четиригодишни мерки за штедење, невработеноста во Грција е околу 27 проценти, и над 50 проценти меѓу младите.
Многу од поддржувачите на Златна зора велат дека се мотивирани од очајот и бесот, а не од расизам. Меѓу нив е и 35-годишниот Димитрис, такси-возач, чија сопруга морала на двапати да абортира затоа што не можеле да прехранат толку усти.
„Во меѓувреме, луѓето кои досега беа на власт си ги полнат џебовите“, незадоволен е Димитрис.
53-годишниот Николаос вели дека е „престар за да биде фанатик“. Но, вели тој, „доста му е од уништувањето на државата, и сојузништвото со Европа од која нема никаква предност“.
Борци против криминалот и корупцијата?
Златна зора, која истрагата против неа ја смета за политички мотивирана, сега се подготвува за изборите за европскиот парламент в недела. Двајца нејзини кандидати се пензионирани воени офицери.
„Сакам да победам во Атина и на европските избори“, оптимист е 33-годишниот Касидиарис, претставник на фармацевтска компанија и покрај тоа што го освои четвртото место на локалните избори. „Се залагаме за Европа на нациите, а не на банкарите“, вели тој. Во јуни 2012 година, Касидиарис се „прослави“ откако влезе во жестока расправа со две претставнички на левицата на една утринска ТВ програма. На првата соговорничка и фрли чаша со вода в лице, а втората жена физички ја нападна. Но, тој инсистира дека е противник на насилството.
„Ние сме против насилството. Се бориме против корупцијата, криминалот и сиромаштијата. Нашата лоша репутација ја креираат медиумите“.
Со години на дното на грчката политика, Златна зора исплива на врвот со почетокот на економската криза, профитирајќи од широкото незадоволство поради имиграцијата и мерките за штедење. Дополнителна популарност добија откако организираа помош во храна само за Грци.
Доказите на обвинителството против Златна зора вклучуваат напади врз политички противници и мигранти, како и убиство на еден пакистански мигрант и на популарен левичарски рапер.
„Странците не треба да се плашат, секој кој е тука легално нема проблем со нас“, вели Касидиарис. Датумот за почетокот на судењата се уште не е утврден.