1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Грција ќе го води Западниот Балкан кон ЕУ

19 февруари 2019

Грција и земјите од Западен Балкан сакаат да соработуваат потесно. Списокот со задачи е долг. Но, старите конфликти ги кочат важните планови.

https://p.dw.com/p/3Ddl7
Krise Griechenland Symbolbild Euro Austritt
Фотографија: picture-alliance/dpa/Panagiotou

Нов автопат се протега од Грција сѐ до границата со Албанија. Тука патот завршува и чека на приклучување со патот во соседната земја. На албанска страна проектот многу бавно напредува, иако економскиот подем е закочен токму поради тоа што нема соодветна инфраструктура. Ова е симболичен пример. Грција е најважен трговски партнер на Албанија и втор најважен на Северна Македонија. Сепак, авиоврска помеѓу Атина и Скопје е повторно воспоставена дури пред неколку месеци. Преспанскиот договор, со кој е ставен крај на спорот за името помеѓу Грција и Северна Македонија, се слави како пробив. Но, историскиот договор е единствен ваков пример.

Повеќе:

Сфетас: За Северна Македонија ќе почнеме да учиме од Мисирков

Моја Европа: Местото на Западен Балкан е во ЕУ

Зајакнување на регионалните мрежи

Проблемите во регионот се феномен од последните сто години. Од античкиот период до распадот на Османлиското царство регионот беше пулсирачка мрежа на култури и расцутени трговски односи. Токму Солун во тоа време важеше за космополитски центар. Актуелниот градоначалник на Солун, Јанис Бутарис, сака развојот да продолжи во таа насока. Благодарение на неговиот ангажман сега има директна авиолинија помеѓу Солун и Истанбул. Додека премиерот Алексис Ципрас сѐ уште се плашеше да ја вклучи отворено Северна Македонија во својата пријателска политика кон Балканот, Зоран Заев во Солун дочека Нова година како приватен гостин на градоначаникот Бутарис.

Thessaloniki - Weißer Turm
Солун, според градоначалникот Бутарис, треба повторно да стане пулсирачка мрежа на култури Фотографија: picture-alliance/dpa

Многу општини во регионот во меѓувреме ги игнорираат националистичките ставови на своите влади и самите ги земаат проблемите во свои раце. Така е и со градоначалникот на Приштина, Шпенд Ахмети. „Градовите во регионот соработуваат многу подобро отколку владите“, изјави Ахмети во текот на викендот на првиот регионален форум во Солун, иницијатива која има за цел да ја прошири мрежата на регионална соработка помеѓу Грција и Балканот.

Предизвиците на регионот се многубројни. Потребно е подобрување на инфраструктурата, поедноставување на прашањето на визите, соработка во делот на екологијата и стопанисувањето со отпадот, како и во делот на обработката на заедничката историја. Предностите се очигледни, но иницијативите за активирање на потенцијалите се раѓаат бавно.

Griechenland Papandreou
Јоргос ПапандреуФотографија: AP

Во 2003 година, во Порто Карас, на околу 100 километри јужно од Солун, се одржа европски самит. Тогаш со ЕУ претседаваше Грција. На државите од Западниот Балкан кои присуствуваа на самитот им беше ветено приклучување кон ЕУ доколку успеат да ги реформираат своите држави според европски модел. Оттогаш минаа 16 години. Неопходните реформи во најголем дел ги нема. А Грција во текот на кризата мораше да научи дека членството во ЕУ не значи автоматски и крај на сите проблеми.

Поранешниот грчки премиер Јоргос Папандреу во 2003 година беше министер за надворешни работи. „ЕУ во изјава за првпат оцени дека регионот ѝ припаѓа на Европа и тоа се случи под грчко претседателство“, изјави Папандреу во интеврју за ДВ. Грција, според него, би можела како искусна ЕУ-членка да преземе водечка улога во регионот. „Сега мора да го земеме процесот во свои раце, да веруваме во себе и да сме уверени дека заеднички можеме да чекориме напред.“ Папандреу се надева на нов почеток, интензивна соработка и отворени меѓусебни односи.

Добра економија и сѐ е добро?

За западнобалканските држави голема цел останува приклучувањето кон Западот. Токму Преспанскиот договор го оживеа повторно прашањето на можни членства во ЕУ, зашто со решавањето на спорот за името Грција не само што ја тргна НАТО-блокадата во однос на Северна Македонија, туку го отвори и патот за можно приклучување во ЕУ.

Infografik Karte EU Mitgliedschaft KROBeitrittskandidatenWestbalkanInfografik Karte Westbalkan und EU KRO
Западниот Балкан не е бизнис со загуби за економијата на ЕУ, вели Душан Рељиќ

Унијата, меѓутоа, се колеба околу идното проширување. Западнобалканските земји ниту во Берлин ниту во Брисел не се на добар глас поради својата економска и политичка ситуација. Притоа се потценети, уверен е Душан Рељиќ, раководител на бриселската канцеларија на фондацијата Наука и политика: „Западниот Балкан не е бизнис со загуби за економијата. Напротив, во последните 10 години ЕУ има трговски суфицит од 100 милијарди евра со шесте јужноевропски држави.“

Средбата во Солун би можела да биде почеток за нова основа на соработката во регионот. Сигурно е дека од економскиот полет кој врз основа на тоа ќе се создаде во Грција и Западниот Балкан, ќе профитира и Западна Европа.