1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Груевски со батериска ламба тргна во изборна кампања

7 август 2017

Со батериска ламба во рацете, со критики кон власта пред тв-камери и со неточни податоци за состојбата со пожарите, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ ноќеска почна кампањски да ја „решава“ огнената стихија.

https://p.dw.com/p/2hn6f
Symbolbild Brand Moskau 26.04.2013
Фотографија: picture-alliance/dpa

По десетина часа откако претседателот на Собранието, Талат Џафери, го потпиша Решението за распишување на локални избори кои ќе се одржат на 15 октомври, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски почна изборна кампања. Синоќа, во доцните часови, придружуван од членови на партијата, меѓу кои Генералниот секретар Христијан Мицковски, пратеникот Влатко Ѓорчев и членови на Извршниот комитет, тој ја посети општината Зелениково, чиј атар е зафатен од пожар. За посетата известија медиуми под контрола на оваа партија, а нејзе ѝ претходеа наслови од типот „Македонија гори, а Заев по одмори“.

„Додека пожарите беснеат на повеќе локации низ Македонија, премиерот Зоран Заев си тера одмор во Охрид. Неспособноста на СДСМ да се справи со пожарите ескалира, но тоа не е причина премиерот да го прекине својот одмор“, беа дел од критиките на адреса на Заев.

Груевски: Ова е тешко фијаско!

Повикот Заев да го прекине одморот доаѓа во време кога тој практично е завршен. Како што претходно соопшти владината прес-служба, „одморот“ на премиерот беше три дена работен викенд во Охрид. Да биде иронијата поголема, во истото време, и на истото место, се одмараше и Никола Груевски. Штотуку вратен од Охрид, Груевски со батериска ламба во рацете, со критики кон власта пред тв-камери и со неточни податоци за состојбата со пожарите, почна кампањски да ја „решава“ огнената стихија.

„Се гледа дека оваа Влада нема акција, како што ние го правевме тоа кога ја предводевме Владата, кога правевме општа мобилизација на сите кои можат да помогнат, кога беа ангажирани голем број министри, директори, се бараше помош од други држави и се одеше на терен. Сме преспивале по други градови со цел да бидеме на лице место и да помогнеме. Сега гледам дека го нема тоа, оставаат само на помал број на пожарникари и тоа си дава свои последици. Еве 20 дена не можат да ги изгаснат пожарите. Во Македонски Брод каде што веќе имаме една жртва, пет куќи изгореа - и никому ништо. Ниту има помош да им се прати на луѓето, ниту каде да се сместат. Ова е тешко фијаско и во нормални услови одговорност мора да се сноси“, рече Груевски.

Mazedonien Wahlen - VMRO-DPMNE Gruevski
Изјавите на Никола Груевски беа оценети како неточни од страна на учесници во акцијата на гаснење на пожаритеФотографија: Reuters/O. Teofilovski

Но, дека „зајакот“ лежи не се крие во опожарените, туку во „политички грмушка“, Груевски откри сам. 

„Колку луѓе треба да ти изгорат за да се активираат, за да сфатат дека има поважни работи од овие договори што ги прават со Бугарија, или не знам какви закони за двојазичности“, рече Груевски пред присутните, меѓу кои беше и градоначалникот на Скопје, Коце Трајановски, и претставник на противпожарната служба од Градот.

Неговата изјава како целосно неточна и тенденциозна ја оценија учесниците во акциите за гаснење на пожарите.

„Нема жртва во Македонски Брод, а на терен се ангажирани сите расположливи сили - пожарникари, припадници на Армијата, хеликоптерите на АРМ, два хеликоптери испратени за помош од Бугарија и Турција, а доброволци и вработени во државни институции помогаат во гаснењето на пожарите“, велат од Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС).

Коментираат и жители во кризното подрачје.

„Да не мислите дека гаснел пожар? Дојде да си одржи партиски говор. Дури и им го трошеше времето на претставници на пожарната единица, да стојат до него, да реферираат колку пожари имало лани, колку денес, и да ги слушаат неговите партиски прикаски. Срамно е да се бркаат политички поени на ваква мака“, вели локален жител. 

Montenegro - Waldbrand
Во наредниот период ќе има високи температури, а со тоа и можност за ширење на пожаритеФотографија: Reuters/S. Vasiljevic

ВМРО-ДПМНЕ остави нефункционална механизација

Оние кои се секој ден на терен, му порачуваат да види каква механизација оставила неговата влада за справување со вакви непогоди. Истиот проблем го акцентираше и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, кој завчера беше на опожарениот теренот во селото, Моране, скопско.

„Токму поради неодговорното работење на ВМРО- ДПМНЕ, денеска надлежните служби работат во нестандардни услови, со стара и нефункционална механизација. Овој хаос наследен од минатата влада ќе биде доведен во ред“, рече Николовски. Тој потенцира дека од 5 август е во сила одлуката на Министерството за земјоделство за целосна забрана за движење во шуми. На 5-ти август Владата донесе и одлука за прогласување кризна состојба во подрачјето на општините Македонски Брод и Чашка, која ќе трае 30 дена.

„Тоа е со цел да можат во координирана акција сите институции да делуваат на состојбата за справување со пожарите и на еден поефикасен начин да се одговори на оваа ситуација, бидејќи гледаме дека во наредниот период ќе имаме временски услови со високи температури, а со тоа и можност за ширење на пожарите. Ова е една од мерките што ќе гарантира успешно справување со овие пожари, до нивно целосно гасење“, соопшти министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, во функција на претседавач на Управувачкиот комитет за управување со кризи.

Директорот на ДЗС, Шабан Салиу, во неколку наврати изјави дека има повеќе индиции дека пожарите се подметнати. Полицијата истражува, а вчера соопшти дека по преземените оперативни активности дошле до сознанија дека можен подметнувач на пожарот во селото Долна Матка е Л.Ш. (17) од Скопје. По комплетирање на целосната документација, СВР Скопје против него ќе поднесе кривична пријава.