1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Политичарите на пеплиштата во Хрватска

Синиша Богданиќ
19 јули 2017

За среќа немаше жртви - така многумина ги коментираат катастрофалните пожари кои ја опустошија Далмација. Тоа е среќа во несреќа и за политичарите, кои подиректно од кога било досега го искусија бесот на јавноста.

https://p.dw.com/p/2gm6l
Kroatien Brände Feuer
Фотографија: picture alliance/Pixsell/I.Cavka

Пожарите на крајбрежјето се во најголем дел ставени под контрола. Но, она што остана по огнот е артикулираниот бес на граѓаните кон политичките елити. „Нели ви е срам?“, е прашањето кое граѓаните му го фрлаа в лице на премиерот Андреј Пленковиќ, но и на претседателката Колинда Грабар-Китаровиќ. Зашто, додека во Далмација беснееја петнаесетина пожари, претседателот на Саборот, Гордан Јандроковиќ, во владиниот авион ги зеде министерот за внатрешни работи Давор Божиновиќ, министерот за финансии Здравко Мариќ и државната секретарка за спорт Јаница Костелиќ во Вимблдон, да навиваат за Марин Чилиќ. Додека жителите на Сплит сами ги бранеа становите од огнот, јавната телевизија емитуваше „нашминкано“ интервју со премиерот од владиниот салон.

Моментот кој можеби најексплицитно ја демонстрира одвоеноста на политичките елити од животот и од луѓето беше не премногу писмената и претерано задоцнета објава на потпретседателот на Саборот, Жељко Рајнер: „Со тага и болка ја примив веста дека во делови од Далмација во последните два дена се одвива драма со огнената стихија.“, објави Рајнер на Фејсбук, нудејќи свое сочувство, но и портрет за којшто позирал на плоштадот Свети Марко во Загреб, епицентарот на политичката моќ во Хрватска.<iframe src="https://www.facebook.com/plugins/post.php?href=https%3A%2F%2Fwww.facebook.com%2Fzeljkoreiner%2Fposts%2F1448271365255128%3A0&width=500" width="500" height="609" style="border:none;overflow:hidden" scrolling="no" frameborder="0" allowTransparency="true"></iframe>

„Пожарникарите се нашите вистински херои“; „Хрватите повторно покажаа заедништво“ - се само дел од тврдењата набиени со емоции, со кои медиумите ја зголемуваа гледаноста и читаноста, нудејќи притоа и непоткрепени тврдења за пиромани кои подметнуваат пожари долж брегот. Дали се во прашање „Срби кои сакаат да ја уништат туристичката сезона“ или станува збор за мафија која, благодарение на прописите, лесно и евтино ќе го пренамени спаленото во градежно земјиште - сето тоа се сомнежи кои во  оваа катастрофа ја илустрираа хрватската стварност, стеснета меѓу незавршеното минато и криминалната сегашност.

Кого го „гаѓаше“ претседателката ?

Началникот на Хрватската противпожарна заедница, Жељко Поповиќ, во разговор за ДВ вели дека овогодишните пожари се разликуваат од минатогодишните по тоа што последните неколку години немало толку големи суши, па за сѐ ги обвинува климатските промени. „Овие денови беше екстремно проблематично поради силната бура. Поради бурата не можеа да полетаат ниту канадерите, а беше намалена и ефикасноста на пожарникарите. Тешко е да се каже дали пожарите се подметнати. За утврдување на причините е задолжена Инспекцијата за заштита од пожари при Министерството за внатрешни работи. Статистиките со години покажуваат дека причина за повеќе од 80% од пожарите е човекот - било тоа да е од невнимание, било поради намерно подметнување. Сепак, многу е индикативен бројот на истовремени пожари во четири жупании, па оценете сами.“

И Поповиќ, исто како и премиерот Пленковиќ, порачува дека немало системска грешка. Секој реагирал онака како што требало да реагира. Ни војската не стигнала предоцна, тврди тој.

Kroatien Feuer Waldbrände
Фотографија: picture alliance/AA/A.Omeragic

Сепак, ако ја прашате претседателката и врховна командантка на вооружените сили, Колинда Грабар-Китаровиќ, војската требало да биде испратена порано. „Опсегот на пожарите е толкав, што е потребна секоја рака“, рече таа, навредувајќи го министерот за одбрана Дамир Крстичевиќ. Министерот потоа на премиерот му ја понуди својата оставка, а премиерот ја одби. А, токму Крстичевиќ го осветли образот на хрватскиот политички врв, зашто против огнот се бореше од првите редови, заедно со војниците на терен.

Додека едни тврдат дека претседателката непромислено, исто како во случајот со мигрантската криза, се обидела да го зголеми значењето на војската во ваква ситуација, други ќе речат дека можеби се работи за пресметка со политичките противници во државната Управа за заштита и спасување којашто ја води Драган Лозанчиќ, човек кого своевремено таа го исфрли од функцијата директор на Безбедносно-разузнавачката агенција.

На терен со „Фиќо“?

Што е со наводите дека пожарникарите не се доволно платени, дека техниката е постара од оние кои ја користат и дали пожарникарите на терен излегуваат со старо „Фиќо“ чија фотографија е споделувана на социјалните мрежи? Ситуацијата не е сјајна и тоа го потврдува и началникот Поповиќ. „Со професионалците, во текот на летните месеци пожари гаснат и сезонски пожарникари. Тоа се, де факто, невработени членови на доброволни противпожарни единици или студенти кои се ангажираат во текот на тие четири месеци. Факт е дека имаат половина од платите на професионалните пожарникари, а летно време вршат иста работа. Тоа не е во ред.“

Kroatien Waldbrände bei Split
Фотографија: DW/N. Tomasovic-Bock

И техниката се финансира селективно, а просекот не е приказ на вистинската состојба, вели тој. „Пожарникарите во големите градови се подобро опремени, ситуацијата е лоша во помалите места, а просекот е на ниво на ЕУ. Секоја општина, град или жупанија мора да издвојува одреден дел за таа цел, но таму каде што буџетите се мали нема пари за пожарникарите. Државата им дава помош само на оние градови и општини кои имаат основано јавни противпожарни единици“, наведува началникот за ДВ.

Сплит во огнен обрач

Затоа, Центарот за мировни студии (ЦМС) предлага зајакнување на цивилната заштита на сметка, на пример, на набавка на воена ескадрила. „ЦМС веќе со години предупредува на тоа дека додека се инсистира на развој на вооружени сили и полиција, во Хрватска потполно се занемарува системот на цивилна заштита. Токму поради тоа деновиве во Хрватска сме сведоци на скандалозни ситуации, каде луѓе со големо срце - од професионалци до волонтери - гаснат пожари без адекватна опрема, без доволно противпожарни возила и во сосема несоодветни услови. Истовремено, владата на Република Хрватска го разгледува прашањето за купување борбени авиони, повторно мешајќи ги безбедносните приоритети на земјата“, соопшти ЦМС.