Грекзит: Москва ги трие рацете?
5 јули 2015Грчката влада со недели бара зближување со Москва. Само пред неколку дена грчкиот премиер Алексис Ципрас на економски форум во Санкт Петербург незаобиколувајќи рече дека неговата земја не е зависна од ЕУ, туку многу повеќе стреми да води „мултивекторална“ надворешна политика, што значи бара различни сојузи. Меѓу слушателите беше и рускиот претседател. Владимир Путин тоа веројатно радо го слушал, зашто ваквиот концепт е сличен со претставите на Кремљ за „мултиполарен“ свет.
„Руското раководство е на иста линија со Ципрас и неговата партија Сириза во една главна точка: во антизападната, пред се‘ антиамериканска реторика“, објаснува за ДВ Александер Баунов од московската канцеларија на фондацијата Карнеги. Но тоа е и отприлика се‘. Зашто на рускиот претседател му е премногу добро јасно дека тој не може да ги ослободи Грците од нивните долгови. Освен тоа, „Грција е премала, за навистина да може да влијае врз важни одлуки во ЕУ, на пример при носење санкции против Русија“.
Ситењето на Путин
Но, песокот што Русија со месеци го фрла во моторот на ЕУ можеби му доаѓа добро на Путин. Руските медиуми претпоставуваат дека Путин ја набљудува должничката драма со извесно ситење. Постојано се отвора и прашањето - како Грција во иднина ќе се однесува во НАТО. Дали Атина во рамките на западниот одбранбен сојуз би можела да игра со руска карта? Повод за актуелните шпекулации даде меѓу другото и самата грчка влада. Кремљ во март организираше безбедносно-политички конгрес во Москва. Тенорот на повеќето говори беше остро антизападен. Таму НАТО беше оценет како закана, барем за Русија, ако не дури и закана за светскиот мир. Грчкиот министер за одбрана Панос Каменос беше официјален гостин на овој конгрес - како единствен министер од една НАТО-земја.
Патриотските кругови во Русија постојано ја нагласуваат емоционалната, културна и ментална близина на двете православни нации. „Ние ги почитуваме грчките икони. Никој историски не ни е поблизок од Русија“, вели за ДВ една Гркинка која долго живее во Москва.
Промена на страната е неверојатна
Руските националнисти и ултрапатриоти политички кокетираат со тоа дека Грција би можела да се приклучи на „Европска унија“ предводена од Русија, еден вид конкурентен проект на ЕУ. Но раководствата на двете земји досега не презедоа ништо што макар малку би одело во таа насока. Според експертите, промена на страната од страна на Грција е неверојатна, дури и ако Грците комплетно истапат од ЕУ.
Ако Грците денеска кажат „не“ за мерките на штедење на ЕУ, ќе се случи поместување со долгорочно дејство, вели Кирил Коктиш, професор по политички науки на московската Дипломатска школа МГИМО. Коктиш за ДВ изјави: „Тоа политички би значело дека Брисел нема да може политички да ги застапува сите европски вредности. Егзистенцијата на овие вредности сега е под знак прашалник.“ Со тоа би се затворил кругот кон Путиновиот антизападен, антилиберален проект.
Шанса за инвеститорите
Економски грчкиот излез од еврозоната за Русија би донесол во прва линија предности: „Руските инвеститори чекаат на банкрот на Грција“, веќе констатираше трезвено радио Вести-ФМ и со тоа го опиша здивот на едно расположение како трагање по злато, кој како што изгледа ги има зафатено руските инвеститориски кругови. Александер Баунов од Карнеги-фондацијата анализира: по грчки излез од еврозоната „сите добра за кои Русија е заинтересирана во Грција, би станале поевтини - инфраструктурата, железницата, рафинериите, пристаништата“. Ако Грција сосема излезе од ЕУ, тогаш би настапиле редица правила и прописи кои токму руските бизнисмени ги сметаат за пречка.
Ситуација вин-вин за Москва и Атина, како што вели професорот Коктиш, би настапила доколку двете земји по евентуално повторно воведувањ на драхмата би ги зближиле позициите. „Така Грција би имала шанса да стане вистински брокер за рускиот гас.“