1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Грижите на Американците поради Грција

Спенсер Кимбал / Е.М. Фиданоска1 јули 2015

Американската економија долгорочно нема да претпри големи штети поради грчката криза. Но, доколку Грција излезе од еврзоната во Вашингтон се стравува од геополитички последици.

https://p.dw.com/p/1Fr1n
Фотографија: Aris Messinis/AFP/Getty Images

Барак Обама се фати за телефон. Во разговорите со францускиот премиер Оланд и германската канцеларка Меркел американскиот претседател укажа на важноста од задржување на Грција во еврозоната.

Банкрот на Грција неделава, според најголемиот дел од прогнозите, нема да ја погоди којзнае како американската економија. Сепак, индексот Дау Џонс на почетокот на неделава падна за 2%. Тоа е најголема загуба во последните две години.

Аксел Мерк, претседател на претпријатието Мерк Инвестментс со седиште во Сан Франциско, смета дека банкрот на Грција може да биде сигнал за будење на небрежните инвеститори. Тие, при инвестиции во Грција во изминатите години не сносеа ризик, благодарение на интервенционистичката политика на централните банки.

„Тоа значи дека грчката платежна неспособност не може да се споредува со банкротот на Лиман Брадерс во 2008 година. Тогаш постоеше опасност за колапс на финансискиот систем“, изјави Мерк во интервју за Дојче веле. „Но сега имаме сосема поинаква ситуација отколку во 2008 година или во 2012-та во еврозоната.“

Мали економски ефекти на кризата врз САД

Од 2012 година во еврозоната се спроведени важни структурни реформи. Најголемиот дел од грчките долгови сега ги носат наднационални институции како ММФ, ЕЦБ и ЕУ.

Оттука, постои мал ризика финансискиот колапс на Грција да ја скрши еврозоната и потоа да скокне преку Атлантикот, вели Мерк. Во САД загриженоста околу Грција се должи на нешто друго.

Земјата за време на војните во поранешна Југославија се покажа како фактор на стабилност. Таа исто така е значаен јазол на рутите на бегалците од Авганистан, Ирак и Сирија. Ако Грција финансиски колабира и ја напушти еврозоната, би се дестабилизирал еден централен стратешки транзитен регион.

Загриженост поради Русија

Исто така, постои загриженост и дека Грција ќе и‘ се обрати на Москва и ќе бара финансиска поддршка, па на тој начин може да пропаднат напорите за создавање заеднички фронт против руската интервенција во Украина.

Владимир Путин веќе и‘ понуди на Грција финансиска поддршка во замена за гасовод кој би минувал низ Грција. Досега владата на Сириза ја нема прифатено понудата.

„Грција се наоѓа во опасно соседство“, вели за ДВ Даглас Редикер, американски претставник во ММФ од 2010 до 2012 година. „Една од големите предности од приемот на Грција во ЕУ и во еврозоната беше потесното врзување на Грција со јадрото на Европа.“

Вашингтон во оваа криза има само ограничени можности. Меѓутоа, со својата одлучувачка улога во ММФ, САД би можеле да влијаат индиректно врз грчката криза, анализира Редикер. Савот на Вашингтон е усогласен тесно со оној на ММФ - двата преферираат умерен курс на штедење.

Karte Griechenland englisch
Ако Грција финансиски колабира и ја напушти еврозоната, би се дестабилизирал еден централен стратешки транзитен регион

ММФ е и пријател и непријател

„ММФ се изјасни јасно за делумно простување на долгот од страна на Европејците“, вели Редикер. „Оттука, ММФ за грчката и за останатите европски влади е истовремено и пријател и непријател.“

САД најверојатно ќе се откажат од соопштенија кои би можеле да им го отежнат на Европејците решавањето на кризата на нивниот континент.

„Тие кажуваат по некој љубезен збор, но инаку си гледаат театар“, ја дефинира Мерк американската улога. „Се разбира, САД имаат интерес од стабилна европска економија. Но, тие не можат да одлучуваат како Грците ќе си ги водат своите бизниси.“