1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Граѓанска борба за зеленило: Карпош ќе дише

Кристина Озимец15 јуни 2016

Граѓаните на Скопје самоиницијативно се организираат за зачувување на последните островца од зеленило кои останаа во градот. Карпошани преку протест бараат спречување на сечење дрвја и изградба на згради во парковите.

https://p.dw.com/p/1J6kl
Фотографија: DW/K. Ozimec

Со зелени картони во облик на дрва и огромен транспарент со барања за спас на зеленилото, карпошани вчера излегоа на „Марш за зелен Карпош“. Револтирани од најавите на општината Карпош за изградба на повеќе згради во парцели кои сега се паркови, граѓаните на оваа населба протестираа против намерите на општината на дозволи сечење на зеленилото за интересите на инвеститорите.

Слободан Михајловски од иницијативата, за Дојче веле изјави дека тие протестираат против игнорантскиот однос на општината која конечно треба да ги послуша и да го заштити зеленилото.

„Во Деталниот урбанистички план (ДУП) кој е предложен и уште не е донесен, се планира во повеќе паркови да се изградат неколку згради. Огромен број на паркови се пишани како паркинзи. Ветувањето на градоначалникот Стевче Јакимовски е дека се фиктивни паркинзи, но во Тафталиџе беше фиктивна зграда, па сега стана вистинска. Фиктивни елементи во ДУП не постојат - или ги има, или ги нема. И затоа бараме да се вратат на расправа, да се отстранат тие паркинзи и да се послуша гласот на граѓаните. Изјавата на градоначалникот, излегуваме во пресрет на инвеститорите кажува многу“, вели Михајловски.

Според него, доколку се реализираат најавите, Карпош веќе воопшто нема да дише.

„Погледнете што се случува во Кисела Вода, во Дебар Маало и ние сакаме да го спречиме тоа во Карпош со време. Затоа што кога ќе се дигнат згради, ќе биде предоцна. Ќе дојдат многу нови луѓе, со свои потреби, со возила, со сообраќај, гужва и Карпош ќе стане пренаселен. Од убаво место за живеење, ќе стане неиздржливо место за живеење“, додава тој.

Mazedonien Protest für Grünflächen in Skopje
Фотографија: DW/K. Ozimec

Сѐ повеќе бетон, сѐ помалку дрвја

Една од жителките на Карпош која излегла на протест вели дека е револтирана од најавите на општината за промена на изгледот на населбата, која остана една од ретките каде не владее бетонот. Особено ја налутила последната најава за изградба на плоштад/фонтана буквално под нејзиниот прозорец, каде сега има парк, за што веќе излегле на протест и во март.

„Мора сами да се избориме за нашите паркови полни со зеленило кои ќе се претворат во ендемски вид во Скопје. Нам не ни требаат плоштади, туку зелени површини, за да не се загушиме во градов. Најмногу од сѐ иритира фактот што Општина Карпош заедно со челникот Јакимовски нема слух за интересот на граѓаните, а мора да работи токму за нашиот интерес. Тоа се докажа и вчера кога градоначалникот си држеше прес-конференција за сосема друга тема додека, што се вели, под прозор му се случува протест. Во контекст на ова, тој и самиот изјави пред неколку месеци за национална телевизија дека нему 'ќе му плукнеме под прозорец'“, вели Марина.

Саша, жител од Карпош вели дека карпошани имаат уставно право на здрава животна средина и интересот на инвеститорите не може да биде ставен пред здравјето на граѓаните.

„Затоа бараме легитимна заштита на реалното зеленило со негово вцртување во самиот детален урбанистички план и стопирање на постапките за носење на ДУП-овите ,каде постојното зеленило не е вцртано“, додава тој.

Карпошани бараат да се врати ДУП-от на јавна расправа, да се прекине неговото извршување за цела општина Карпош и да се вклучат граѓаните во одлуките кои влијаат на нивните секојдневни животи.

Протестот од раскрсницата кај Сити Мол заврши во паркот на Букурешка, Тафталиџе, кој е исто така под закана на уништување, откако општината најави дека токму тука инвеститор ќе гради зграда. Жителите на Тафталиџе неколку пати излегоа на протест против најавите.

Од општината пак реагираа за протестот со тврдење дека Карпош сѐ повеќе се зазеленува и незадоволството на граѓаните е организирано од СДСМ.

„Општина Карпош е најцветната општина во градот и пошироко. Во текот на есента и зимата, насадени се над 1.500 садници млади дрвја, со што зеленилото во Карпош само дополнително се збогатува и зголемува. Оној кој што не сака тоа да го види, очигледно е заслепен од политичката манипулација на СДСМ, а ние и натаму ќе ја развиваме општина Карпош според потребите и желбата на граѓаните“, велат оттаму.

Mazedonien Protest für Grünflächen in Skopje
Фотографија: DW/K. Ozimec

Во општина Центар 50% помалку зелени површини од 2002 година

Во 2012-та година во општина Центар имало 50% помалку зелени површини отколку во 2002-ра, а до 2017-та, зелените површини би се намалиле за уште 50%, покажа неодамна студијата „Ни снемува дрвја“ на „Плоштад Слобода“. Со постоечките урбанистички планови, кои предвидуваат изградба на објекти врз зелени површини, постои тенденција за намалување на зелените површини за вкупно 75% во периодот од 2002 до 2017 година.

Леонора Грчева, урбанист, потенцира дека во Скопје и во Македонија воопшто, законскиот, институционалниот и планерскиот третман на урбаното зеленило се на загрижувачко ниво. Вели дека иако според Законот за просторно и урбанистичко планирање секој ДУП треба да содржи и план на постојно и планирано зеленило, во практика ова никогаш не се прави.

„И покрај сите најави, се' уште нема зелен катастар на ниво на град, ниту пак се прават напори за попис на зеленило на ниво на населба - нешто што граѓаните на Карпош покажаа дека е изводливо. Наместо тоа, во последнава декада во Скопје забрзано се носат ДУП-ови во кои зелените површини и дрвјата се третираат како непостоечки. На нивно место се планираат нови градежни површини, а нови зелени површини не се планираат. Новите садници кои се садат низ градот, не можат да ги надокнадат 50-годишните стари дрвја исечени на сметка на неодговорно урбанистичко планирање. Како резултат на ова, и на агресивното градење на Водно, вкупниот број на зелени површини и дрвја во Скопје е во константен пад“, додава таа.

Според неа, со новиот ДУП во Карпош 4 се предвидува сечење на околу 482 дрвја. „Со ваквите тенденции за константен пораст на површините на градба на сметка на урбаното зеленило во Скопје, кои можат да се видат во поголемиот број на детални урбанистички планови, ќе го сведе градот на бетон и паркинг за само неколку години“, вели Грчева.

Неодамна и граѓаните во Аеродром се побунија против најавениот Детален урбанистички план за оваа општина, каде се предвидуваше израдба на голем број нови згради. По притисокот во јавноста за најавеното неконтролирано градење, ДУП-от беше повлечен од општината на доработка.