1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Горчлив пораз на Трамп

Миодраг Шориќ
25 март 2017

Повлекувањето на законот за здравствено осигурување не е само жестока шлаканица за Трамп, туку и знак за разединетоста на Републиканците. Но, милиони Американци засега ќе профитираат, смета Миодраг Шориќ.

https://p.dw.com/p/2ZwP1
USA Donald Trump vor dem Weißen Haus Symbolbild no comment
Фотографија: Reuters/J. Roberts

Укинување на „Обамакер“ беше едно од најважните изборни ветувања на американскиот претседател. На секој настап пред неговите симпатизери, Доналд Трамп се колнеше во суспендирањето на оваа наводна „катастрофа“. Тогаш Републиканците се чинеа единствени. Сега, тие го контролираат Конгресот и требаше да се погрижат по зборовите да следат дела. Но, се случи жално потфрлување, поради неединственоста околу прашањето - што треба да дојде во замена за „Обамакер“. Патем, ситуацијата не е новост, во изминатите 30 години Републиканската партија никогаш не можеше да се усогласи за реформа на здравствениот систем. Зошто сега би било поинаку? Само затоа што Трамп им упатува директни закани на некои од Републиканците? Тоа ним не им остави никаков впечаток, зашто се чувствуваат сигурни во поддршката од своите изборни кругови. Така функционира политиката. Доналд Трамп почнува полека да го сфаќа тоа.

Застрашувачка лековерност на американскиот претседател

Никој не можеше да си ја претпостави комплицираноста на реформата на здравствениот систем, изјави неодамна американскиот претседател. Отвореност која покажува застрашувачки размери на незнаење. Трамп е горд што не е политичар. Неговите избирачи се надеваа дека токму еден таков аутсајдер може да постигне политички Вашингтон да биде поблизок до граѓаните. Пуста желба.

Трамп не можеше да го одржи своето најважно политичко ветување за анулирање на „Обамакер“. Зачудувачка е леснотијата со која тој преминува преку овој тежок пораз, или барем обидот во тоа. Небаре владина одговорност имаат опозиционите Демократи, а не тој самиот. Како да е должност на неговите политички конкуренти да ги сопрат растечките трошоци за здравството, а не негова лично. Како ова воопшто да не се однесува на него.

Soric Miodrag Kommentarbild App
Миодраг Шориќ

Гребнатинки врз авторитетот на Трамп

Администрацијата на Трамппланира сега да се посвети на даночната реформа. На оваа мамутска задача досега „скршиле заби“ повеќемина претседатели. Можно е бизнисменот Трамп да се чувствува сигурен и на свој терен кај оваа тема. Но, поразувачкиот исход од гласањето за „Обамакер“ остави траги, авторитетот на Трамп претрпе штети. Победничкиот орел е издраскан. Републиканците отсега поколебливо ќе го следат својот претседател. Напротив, Демократите се чувствуваат осилени, со оглед што отсекогаш предупредуваа на некомпетентноста на овој претседател. Тие го насетуваат „моментумот“, како што велат Американците, политичкиот контра-ветар. Нивната подготвеност за отстапки кон политичкиот противник, кон Трамп, може да се спушти на нула. Меѓусебната блокада на двете партии продолжува. Сепак, милиони Американци, кои благодарение на „Обамакер“ се здравствено осигурани, можат да бидат и натаму спокојни. Поразот на Трамп е нивна добивка.