Трамп ги скастри трошоците за да ја финансира армијата
16 март 2017Новата администрација во САД планира драстично кратење на помошта за странство, за Агенцијата за заштита на животната околина, како и за медицинските истражувања, помошта за воените ветерани и развој на општините.
„Буџет кој ја стави Америка на прво место мора да ја стави безбедноста на нашиот народ за прв приоритет- затоа што без безбедност, нема ни просперитет“, порача Трамп во пораката која го придружуваше предлогот за буџетот.
Зголемувањето од 54 милијарди долари за армијата е најголемо од времето на Роналд Реган во 1980-те години, и со него се ветува зголемување на борбената готовност, борба против Исламската држава и изградба на нови бродови, борбени авиони и друго оружје. Зголемувањето на буџетот на Пентагон од 10 проценти се финансира со кратење на странската помош и на домашните агенции кои досега беа заштитени од претседателот Барак Обама.
Буџетот е директно насочен кон најчестите цели на тврдокордните конзервативци, елиминирајќи ги Националниот фонд за уметност, легалната помош за сиромашните, поддршката за греење за оние со мали приходи, како и АмериКорпс- националниот сервис за помош на луѓе во заедниците.
Конгресмените ќе го имаат последниот збор за предлогот на Трамп, и се очекува многу од предвидените кратења да бидат одбиени, или заменети со други.
Безбедносните служби како ФБИ ќе бидат поштедени од кратењата, а за ѕидот кон Мексико предвидени се 1,4 милијарди долари во тековната фискална година, и дополнителни 2,6 милијарди за следната.
Најголеми кратења ќе има во сојузните служби за земјоделство, труд и надворешни работи. За разлика од нив, повеќе пари ќе добијат министерството за одбрана, за домашна безбедност и за ветераните. Илјадници луѓе се очекува да останат без работа во повеќе владини институции.
Предлозите на Трамп се очекува да наидат на жесток отпор во Конгресот, и тоа не само од опозициските демократи кои веќе соопштија дека ќе се спротивстават на кратења во нивните „омилени“ програми како обновливата енергија, климатските промени и домувањето. Повеќе републиканските конгресмени веќе најавија дека ќе се спротивстават на различни предлози во буџетот, меѓу другото и на кратењето на помошта за странство. Но некои од нив не се задоволни ниту од зголемувањето на воениот буџет, кое го сметаат за премало.